Ристо НИКОВСКИ за Никола ДИМИТРОВ

 

ПОГРЕШНИ ЗАМИСЛИ НА МНР ДИМИТРОВ НА АЛСАТ

 

МНР Димитров влезе во Влада која е спремна, изгледа по секоја цена, да го реши грчкиот проблем со нашето име, заради Брисел. Обидите да се излезе од ќор-сокакот се секако позитивни ама тоа не смее во никој случај да биде на сметка на фундаменталните интереси на македонскиот народ. Премиерот веќе се има изјаснето дека треба да се витка ’рбетот, што е лесно да се рече кога си во опозиција ама не и да се стори, особено кога е во прашање националниот идентитет на сопствениот народ. Тоа важи за тие што се чувствуваат Македонци. За другите, нема проблем.

Во долг интервју на ТВ Алсат, Димитров кажа доста работи кои се крајно дискутабилни.

1.Прашан дали се засегнати идентитетските одредници, Димитров одговори – “предметот на овој спор – нашето име, тоа го имплицира и прави простор за овој страв и токму поради овие нејаснотии, ние мораме да најдеме начин да го покриеме тој страв, зашто ќе нема решение“.

Димитров е во право дека проблемот ги имплицира идентитетските прашања ама нема никакви нејаснотии. Целта е неспорна. Секому треба да му е јасно дека името е идентитетот. Го смениш ли, отиде јабана и идентитетот. Стравот објективно постои бидејќи заканата е апсолутно реална. Што значи тоа дека тој треба да се покрие за да се дојде до  решение? Како да се покрие? Да замижиме ли и да виткаме ’рбет или да се правиме недоветни, за да се реши случајот? Така звучи мислата. Ако е така, го обравме бостанот. Македонија не смее да се само залажува бидејќи последиците ќе бидат фатални за народот.

  1. Димитров вели – “на Атина и е во интерес да се направи дистинкција меѓу нашата држава Македонија и нејзината провинција Македонија и таа дистинкција треба да биде што е можно поприфатлива за нас, а прифатлива и за нив. Исто така е прашање каде се’ таа дистинкција ќе се применува“.

Во Грција НЕМА провинција со име Македонија и мнозина погрешно го користат тој термин. Таму има вкупно 13  региони од кои три се: Западна Македонија, Централна Македонија и Источна Македонија и Тракија. Така се именувани во 1987 година, кога за прв пат Грција започна официјално да го користи името “Македонија“ со единствена цел по распадот на Југославија да го доведе во прашање нашето уставно и историско име. Прво, сите имаат географски ознаки што значи дека тие веќе доволно се разликуваат со државата Македонија и додатна дистинкција воопшто не е потребна. Второ и клучно, имињата на региони, ниту на провинции, не можат да бидат во никаква колизија со името на која било држава. Тие немаат никаква врска меѓу себе. Од ова се гледа дека Грците веќе го решиле проблемот со географска додавка и сега сите губиме време барајќи додатна дистинкција.

  1. Димитров, пак, воопшто не смее да прифаќа да разговара – “каде таа дистинкција ќе се применува“. Таквите манипулации на Нимиц, и игри на Атина, покажуваат дека зад сцената има и скриени намери. Тоа се “пакетите“ на медијаторот кои единствено можат да се однесуваат на дискретна и индиректна промена на националниот идентитет на македонскиот народ, на македонскиот јазик и се’ што следи. Според нив, прифатената “дистинкција“ нема да се однесува на, и да завршува само со името на државата туку и пошироко. Тоа е всушност и главната цел на наметнатиот проблем со името – да се избрише македонскиот народ. Никој не треба да биде слеп на тоа а најмалку МНР.
  2. Паралелно, Македонија не смее да ја толерира грчката максималистичка позиција на ерга омнес. Треба веднаш и јавно да им се каже дека врз таа основа нема разговори. Не сме ние во војна поразени за да мораме да толерираме се’ и единствена опција да ни биде целосна капитулација.
  3. Димитров рече – “не решавањето на прашањето создава неизвесност, зашто е важно за стабилноста, за иднината на РМ да ги отвориме вратите на НАТО и ЕУ. Тепајќи се со Грција нема да успееме и тоа го испробавме изминатите години“.

Дел од тоа е секако точно ама зошто министерот со ниту еден збор не спомна зошто е така? Кој ги создава неизвесноста и нестабилноста? Ако веќе не сака никого да обвини, што е само по себе сериозна грешка, барем да спомне: дека името ни е нелегално оспорено, дека не се почитува хашка пресуда, дека НАТО и ЕУ, игнорирајќи меѓународно прифатена обврска на Грција, произлезена од Привремената спогодба, и со грубо користење на сила ни поставија блокада, уцена и ултиматум… Зашто нашите клучни аргументи не се спомнуваат? Зошто ја истакнуваме само силата и можностите на противниците а своите алатки ги игнорираме? Неизвесноста не ја создава Македонија туку Вашингтон и Брисел. Тие ни ја блокираат и иднината сакајќи да постигнат нецивилизациски добивки преку наше прекрстување. Впрочем, ние никогаш не се тепавме со Грција. Ние бевме само жестоко тепани од Атина и нејзините сојузници. Ние сме класична жртва а не предизвикувачи на судири, како што изгледа според зборовите на Димитров.

За разлика од Димитров, кој како да гази на јајца, Коѕијас не не остава во дилеми. Порачува дека името има четири сегменти, вклучувајќи ги и идентитетот на народот, јазикот…

  1. Димитров мора да знае дека во резолуцијата 817/93 никаде не се вели дека мора да има решение кое ќе биде по волја на Грција. Таму се бара “надминување на разликата околу името“. Зошто ние да не го известиме СБ на ООН, чија е резолуцијата, дека се покажа невозможно да се надмине разликата и дека нашето име не претставува никаква закана за безбедноста на регионот. Поминаа 25 години и немаше ниту еден безбедносен инцидент меѓу двете земји. Медијацијата целосно се потроши и крајно време е да се прекине и да ни се врати историското и уставно име во ООН, бидејќи Македонија секојдневно трпи огромни штети.

Тоа е начинот за решавање на ова прашање бидејќи договор со Грција, во кој би биле и минималните интереси на Македонија, едноставно не е можен. Тие сакаат само наше откажување од самите себе и ништо помалку.

  1. Димитров вели – “посредникот може да има дилема дали првично да излезе со рамка, која ќе биде флексибилна и ќе може да се дополнува, или со пофинална форма на предлог, како документ што ќе врши директен притисок, но ќе носи и поголем ризик поради можноста да биде отфрлен од една од страните“.

Посредникот околу тоа може да има дилема ама Димитров во никој случај не смее. Ние веќе имаме еден “рамковен договор“ кој го уништува македонскиот карактер на државата веќе 16 години и таква глупост не смее да се повтори по никоја цена. Освен ако некој сака и е спремен да прифати да не урнисуваат на рати. Предлогот на Нимиц ќе дојде од Стејт департментот, исто како и Привремената и Охридскиот рамковен договор, а не од ООН, што значи целта може да биде само иста – да се кутне Македонија. Истото тоа ни се случува веќе четврт век и ако не сме ја научиле лекција, и треба скапо да плаќаме. Народот вели – ако некој по втор пат се сопне на ист камен, треба да ја скрши ногата. Било какво “рамковно“ решение од Нимиц може да биде само ужас без крај за нашиот народ. Негово постепено уништување, со веќе докажана американска стратегија, сега преку нивната формула за име за надворешна употреба.

Врз основа на нивното досегашното искуство со Македонија како жртва, Нимиц најверојатно ќе оди на “рамковно решение“. Така ќе се одоброволи и Атина со (интерно!) уверување дека ерга омнес следи и дека нема простор за нивна нервоза. Рамката сето тоа ќе го овозможи ама само малку ќе треба да почекаат. Во тоа никој не треба да се сомнева. Тоа е, всушност, суштината на актуелната американска формула за решение со име за надворешна употреба кое ќе ја замени референцата. А ако некој се залажува, вклучувајќи го и Димитров дека Нимиц ќе даде некаква рамка само за Грција да прифати постепено решение кое би било (минимално!) во наша корист, покажува дека длабински не се познаваат меѓународните односи и дипломатијата. Кога се знае што се’ е преземено (срамна и нелегална блокада, уцена и ултиматум во Брисел, на пример) за да не докусурат како народ, некој да верува дека нашите американски “партнери“ работаат за нас, значи или тотална неукост и неписменост, или… Да повториме: целта на САД и Грција е иста само се разликуваат како таа да се постигне.

  1. Димитров вели – “Претходно имам лично преговарачко искуство…“. Зарем е можно министерот да не знае дека е во прашање медијација а тој бил, како и другите, само – офицер за врска со медијаторот? Тој и сите имаат номинација од претседателот на државата за делегати кај медијаторот, а не за преговарачи. Ништо повеќе. Ако биле “преговарачи“, впрочем, според сите правила морале да имаат и платформа за преговори. Без тоа би биле боси по трње. Во дипломатијата, преговори бе платформа водат само забегани. А нашиве ниту имале такво нешто, ниту можеле да имаат. Никој не може да ги овласти да преговараат за името на сопствената држава. Медијацијата е сосема друга приказна.

Второ, во резолуцијата 817/93, врз основа на која се води медијацијата, никаде не се зборува ниту може  да стане збор за “преговори“. Привремената спогодба, во која на крајно погрешен начин С. Црвенковски го прифати терминот “преговори“, нема директна врска со медијацијата. Таа не е посилна од резолуцијата на СБ и ни беше грубо наметната од САД (дури и булдожерот Холбрук беше инволвиран) заради девалвирање на нашата позиција во спорот. Клучно што треба да направи кој било министер е да го одбере речникот што е поповолен за неговата земја а не тоа што му одговара на противникот. Изразите “преговори“ и “преговарачи“ се на наша штета и на директна корист на Грција.

Очигледно е дека нашите офицери за врска со Нимиц, фактички пратениците на претседателот, се само нарекуваат преговарачи бидејќи тоа им ја крева улогата и тие излегуваат важни личности. А ако е точно дека Димитров бил преговарач, како што тврди, значи се договарал со Гркот, нели? Зошто тогаш тој никогаш не ни кажа што договориле туку немаше поим со каков предлог ќе излезе медијаторот? Ако тој нешто договорил, ќе им кажеше барем на власта што е во чантата на медијаторот, ако не и на народот. Најпросто речено, и неговата и улогата на неговите претходници и наследници беше и останува да ги пренесуваат ставовите на Владата на Нимиц и од таму неговите сугестии или прашања без никакво овластување било што да договараат. Сите тие се само обични поштари и затоа тие свесно си ја креваат улогата. За интересите на државата нека се грижат други.

  1. Во секој случај е добро што Димитров се сретнал со претставник на ВМРО ДПМНЕ за разговор на оваа тема.

 

Никовски

Декември, 2017