БОЈКОТ НА ИЗБОРИТЕ ЗНАЧИ ПРИФАЌАЊЕ НА ПРЕКРСТУВАЊЕТО
Не може да се игнорира фактот дека нашата држава е прекрстена. Тоа е реалност. Ако не се преземе ништо веднаш, тоа останува за секогаш. Токму затоа се апсолутно неприфатливи повиците дека треба да се бојкотираат претседателските избори со кои, демек, новата држава би добила легитимитет. Сосема спротивно: бојкотот би бил длабоко погрешен бидејќи ќе значи премолчена согласност со нелегалните промени кои се трагични за македонскиот народ. Со излегување на изборите практично треба да започне борбата за исправање на предавничките потези на власта. Мора да се направи се’ за да се победи на нив. Друг избор нема. Секој обид да се предизвикува колебање, премислување или делење на огромниот дел од народот, кој е против капитулацијата на власта, е неприфатлив и подмолен. Во дадените услови, сите кои повикуваат на бојкот, кои се против Силјановска како кандидат, кои ја критикуваат процедурата на нејзиниот избор и им пречи било што друго, најпросто речено, се против македонската кауза или македонизмот во целина и работаат во корист на власта. Ако до нејзиниот избор и имаше демократски простор за различни мислења, сега веќе нема. Сите што сакаат да останат Македонци, да не се сотре нашето семе, мораат да бидат единствени и да гласаат за неа. Нема идеален кандидат, нити ќе го има некогаш а сега прашањето за Македонците е да се биде или не и дилеми не смее да има.
Во такви услови, нема простор за лични фрустрации или продавање памет. Бојкотот е неодговорност. Силјановска е одличен кандидат. Важно е што е таа над партиски бидејќи така се отвора просторот за сплотување на сите што си ја сакаат оваа земја. Партијата која ја поддржува е важен партнер, без кој нема победа. Опозицијата треба што поскоро да ја освои и извршната власт за да може координирано да се спречи бруталното бришење на македонизмот. Целта е да спасиме се’ што е можно. Така како што беше, веќе никогаш нема да биде бидејќи имавме “лидери“ кои прифатија разнебитување на Македонците.
Беше логично и умно да се бојкотира референдумот, и беше сериозна грешка што не се повика официјално и јавно на таков чекор, ама сега е сосема поинаку. И да се изгубат изборите, ако се случат поголеми злоупотреби и манипулации, или ако има непринципиелни коалиции и влијание од надвор, или ако народот покаже индоленција, не е крај на светот. Со учество на изборите само започнува борбата за спречување на геноцидот врз Македонците. Евентуалниот неуспех само ќе сигнализира дека мора да се премине на порадикални методи и чекори, кои потоа би се дефинирале. Ако изборите не успеат, тоа е повторно во корист на власта и само ќе го забави уништувањето на македонизмот. Значи, ништо не сме постигнале. Единствено победа на изборите, која нема да биде воопшто лесна, може да донесе промени и нови процеси. На тоа мора да работаат сите добро намерници.
За среќа, прекрстувањето на државата и бришењето на македонизмот не се завршени работи. Се разбира доколку се мобилизираме против тоа. Масовно учество на изборите ќе го означи стартот на борбата за опстанок на македонскиот народ. Нема други алатки кои ни стојат на располагање. Македонците не се спремни за револуции. А нема ни лидер што ќе ги поведе. Затоа мораме да ги користиме сите демократски средства за да успееме. Бесрамната “шарена револуција“ беше дело на соросоидите и на УСАИД. Нивните пулени беа платени за тоа. Затоа, мора да престанат сите заложби за бојкот на изборите бидејќи тие не водат никаде. Со излегувањето на изборите ние не ја признаваме измислената ново именувана држава, која веќе успееја срамно да ја регистрираат низ светот, туку тргнуваме во офанзива против капитулацијата.
Залажувањата на поединци дека ништо не е загубено, дека тие се чувствуваат Македонци и тоа никој не може да им го избрише се или несвесни изрази на очај или намерно лажење и манипулирање со јавноста. По Втората светска војна, во Бугарија имаше повеќе стотици илјади Македонци од кои скоро 200 илјади така се регистрираа и на попис и сите тие така се чувствуваа. Прашање е дали таму денес ги има неколку десетици илјади? Бугарија изврши геноцид врз нив. Со добро испланирана политика присилно ги асимилираше. Не позволуваше училишта на мајчини јазик, забрануваше јавно изразување на македонски национални чувства и вршеше жесток притисок врз нив во секој поглед за да ги уништи како такви. Времето си го правеше своето. Истото, ама со многу посурови мерки и политики и подолго време, се правеше и во Грција. И таму имаше стотици илјади Македонци кои сега повторно се сведени на десетици илјади.
Истата судбина не чека и нас иако во поповолни услови. Нашето одродување ќе биде поспецифично од претходните и секако ќе трае подолго. Најтешко беше тоа да почне бидејќи никој не можеше да не прекрсти без наша согласност. Сега, кога се најдоа такви предавници, се’ друго е обична техника која ќе се прилагодува на условите и постигнатите резултати и, ако не се спротивставиме, задачата целосно ќе се заврши. Времето е силен фактор а на душманите не им се брза. Не чекаа и тормозеа речиси 30 години за да прифатиме капитулација како народ. Нашиве генерации, барем добар дел од луѓето, силно носат македонско чувство. Целта на нашите странски “преродбеници“ е тоа постепено да се гаси. Затоа, ќе не фрлаат во прегратка на источниот сосед, се’ додека не сфатиме дека навистина сме биле неосвестени “Бугари“. Што мислите, зошто Брисел толерираше масовно делење на бугарски пасоши? Или, зошто се воведува двојазичност? Едниот дел на Македонија (ќе) се албанизира и ќе гравитира кон Косово и Албанија а другиот ќе се турка во прегратка на Бугарија. Границите нема да се менуваат бидејќи тоа би значело нова балканска војна.
Сите капитулантски чекори на власта водат во таа насока. На секој што ги следи состојбите му е јасно дека е таа само извршител на туѓи замисли, чија цел е финално прекројување на Балканот. Македонија капитулира, следна ќе биде Србија поради Косово и на крај на ред ќе дојде и Босна, која е најкомплициран случај. Што мислите, случајни се масовните протести во Србија (нивна “шарена револуција“), косовската војска и церините? Голема е нашата вина за голготите низ кои врвиме речиси четврт век. Никој од нашите политичари, апсолутно никој, не (беш)е спремен да се соочи со процесите со кои се разнебитува македонскиот народ и еднаш за секогаш се затвора “македонското прашање“. Камоли некој да се обиде да ги спречи. Така е бидејќи од другата страна на барикадата е светскиот хегемон – САД. Грција е само помошник. Можеме само да претпоставуваме зошто Македонците се жртвувани како народ?
Оваа власт, која ни ја донесоа странците, уништи се’ што макотрпно се градеше од 2 август 1944 година, а што беше започнато векови пред тоа. Плукнаа на гробовите на десетици илјади комити, партизани и на сите други борци за македонската кауза, кои ги жртвуваа своите животи за нашата слобода. Прифатија да се брише се’ што е наше и македонско. Нашите национални институции веќе не смеат да го носат предзнакот – македонски, ќе се прекрстуваат главните улици кои го носат името Македонија, ќе имаме турски и албански театар во земјата ама не и македонски… Ни определија нова држава без корени и своја историја… Ќе се формира некаква нова и овој пат навистина измислена нација, кои некои веќе иронично ја нарекуваат северџанска… Трагедија до трагедија.
Дереџето во кое се наоѓаме е застрашувачко и изгледа нерешливо. За среќа, не е така. Решение и излез секогаш има само тие треба посветено да се бараат. Затоа, главата горе, Македонци. Борбата дури сега почнува. Ако сме достојни на името кое долго го носевме, ако навистина сме горди на самите себе и на нашите дедовци, не смееме да капитулираме иако власта потпиша таков мизерен договор. Првиот чекор е победа на претседателските избори. Потоа ќе треба да се форсираат парламентарни избори, за да се земе и извршната власт и чекор по чекор да се врати се’ што може од загубеното. Силјановска може да не води во таа насока. Ако бојкотираме, остануваме таму каде што сме. Прекрстени и понижени. Големи битки загубивме поради нашите петтоколонаши ама војната мора да ја добиеме. Ние сме на потег.
Да живее Македонија!
Ристо Никовски
Февруари, 2019