ПАТРИОТИЗМОТ СЕ ВРАЌА НА ГОЛЕМА ВРАТА
Европските нации повторно се будат. По неколку децениската зашеметеност и
изгубеност во преводот на лажните демократски флоскули, квази-либерални фрази и
некакви измислени кованици сервирани од лажните европски елитисти, европските
граѓани, европските нации доаѓаат по своето, го бараат своето назад. Се чини
европските нации го доживејаа врвот на своето внатрешно страдање, врвот на болката
која се чувствува кога си оттуѓен од себе, од своите сограѓани, од својата држава, од
својот Устав, од своите национални институции и вредности.
Врвот на болката веројатно беше достигнат кога многу европски нации заради лагите и
манипулациите сервирани од квази-елитистите го изгубија својот национален
идентитет, ја изгубија силата на својата традиција и историја, се во името на некакви
божем повисоки глобалистички вредности, кои ако се погледне подлабоко, всушност,
не се никакви вредности.
Европските граѓани со децении ја губат националната слобода. Филмот на
глобализацијата ги доведе до ова дереџе. Но, европските граѓани се разбудија од
предолгиот зимски сон. Во Италија, Словачка, Белгија, Британија, Франција, Чешка,
Полска, Германија, насекаде, во секоја европска земја, патриотите почнаа помасовно и
поодлучно да маршираат на патот на враќањето на силата на граѓаните, враќањето
назад на природниот извор од каде се напојува, од каде енергија црпи секој квалитетен
демократски систем. Се посилно, и се погласно патриотите се обединуваат и се
самоорганизираат во знак на заштита и спас на вистинската демократија, за спас на
своите држави од разно-разните самонаметнати крлежи кои ја нападнаа секоја пора на
европскиот организам.
Патриотите се посилно и се помасовно се слушаат од сите страни. Тие се се погласни
не само во Европа, туку и во САД, и во Канада, и во Австралија. Започнува ерата на
вистинската „Патриотска пролет“. Секаде околу нас.
Граѓаните се посилно покажуваат дека се уморни и разочарани од континуираното и на
парче умирање на своите нации пред сопствените очи.
Велат доста е од циркусот што политичките и медиумски квази-елити секојдневно го
изведуваат пред нив во функција на задоволување на елитистичките лукративни цели и
интереси.
Граѓаните се поздружено ја враќаат исконската сила на патриотизмот, гласно зборуваат
за обновување на вредноста на националниот суверенитет, за вредноста на својата
национална држава, за вредноста на својата национална традиција, историја, минато,
сегашност, иднина.
Граѓаните се погласно велат доста е од децениското газење на националните чувства и
емоции од страна на некои самозамислени елитисти кои го окупираа политичкиот и
медиумскиот простор не оставајќи промил воздух за чистиот патриотизам.
Луѓето се посилно чувствуваат потреба да се ослободат од лажните народни
парламенти кои ги распродаваат националните интереси, од лажната извршна власт
која реагира на копчињата на нивните глобалистички владетели, но не и за интересите
на своите граѓани.
Луѓето се повеќе гласаат и сакаат да бидат водени од силни, од храбри патриотски
настроени политичари во своите држави, затоа што им е доста од хибридните и
релативизирани политичари кои не се грижат за граѓанските потреби, туку само и
исклучиво за своите материјални и кариеристички интереси и за робовладетелите
олицетворени во членовите на најбогатите семејства во светот.
Луѓето се повеќе ја враќаат на сцената силата на директната демократија (на
референдумот, на отповикувањето, на граѓанската иницијатива, на плебисцитот, на
народното вето, на граѓанската непослушност и отпор).
Неколку децении, европските политички елити ги лажеја европските граѓани дека
мултикултурализмот е вредност која треба да биде замена за патриотизмот, дека
патриотизмот е чувство од минатото, и дека треба да се остави во минатото.
Слоганот „Нашата нација на прво место“ се преформулира во „Нашата нација на
последно место“. Европските држави малку по малку го изгубија својот национален
суверенитет.
Европјаните се посилно ја чувствуваат оддалеченоста меѓу нив и политичарите.
Европските граѓани не чувствуваат дека се претставени од политичарите. Постои
целосна оттуѓеност меѓу гласачите и политичарите, што загрижува. Причината за
ваквиот тренд е во слабите политички лидерства што постојат во државите, но и во
опаѓањето на силата на националните суверенитети на државите.
Која е најголемата грешка што Европа ја направи во врска со масовното губење на
силата на националните држави?
По Втората светска војна, европските лидери погрешно сметаа дека зголемениот
патриотизам во националните држави е најголемата причина за војната. Низ цела
Европа, не само во Германија, политичарите ја изедначија одбраната на националниот
идентитет со екстремизам и со негативен национализам, што не смееше да се случи.
Патриотизмот од најголема граѓанска вредност стана најголема граѓанска мана, што се
покажа како катастрофална грешка.
Патриотизмот од ќерка на модерната демократија, од чувар на граѓанската слобода,
стана поим што е опасно и грев да се изусти. Наместо отворено да се каже дека
патриотизмот е силата на секоја држава, патриотизмот се гледа на нишан. Наместо на
новите генерации да им се објасни дека германскиот патриотизам не ја започна
Втората светска војна, туку дека тоа го направи Хитлеровата тоталитарна нацистичка
идеологија, наместо да се каже дека германскиот патриотизам не го создаде
холокаустот, туку дека тоа го стори Хитлеровата нацистичка болна мисла, наместо да
се објасни дека рускиот патриотизам не ги испрати луѓето на Гулаг, туку дека тоа го
направи советската комунистичка идеологија, лажните политички елити ја згаснаа
патриотската енергија, го згаснаа патриотизмот во граѓаните.
НО, ДОЈДЕНО Е ВРЕМЕТО ЗА ВИСТИНАТА.
Вистинските патриоти се секогаш демократи, бидејќи вистинските патриоти ја сакаат
својата земја и својот народ. Вистинските патриоти не сакаат да ја видат својата земја
нападната од никого, но исто така, не сакаат да го видат заробен својот национален
идентитет, и заробена својата држава и својот народ.
Или како што своевремено рече Реган, „На Американците им е потребна љубовта кон
својата земја и почит кон своите институции“.
Патриотизмот не е тоталитарна идеологија која има за цел да владее со светот.
Патриотизмот е чиста љубов на секој патриот кој ја љуби својата татковина и го љуби
својот национален идентитет.
Токму таа чиста љубов е најсилната енергија која се спротивставува на тоталитарните
идеологии кои сакаат да го доминираат светот.
САКАЈТЕ ЈА СВОЈАТА ТАТКОВИНА, И ПОЧИТУВАЈТЕ ГИ ИНСТИТУЦИИТЕ И
ПРАВОТО НА СВОЈАТА ДРЖАВА!
СЕ ДОДЕКА ОВА Е ГЛАВНАТА ВОДИЛКА НА СЕКОГО ОД НАС, НАШАТА
ТАТКОВИНА ЌЕ ОСТАНЕ ЗЕМЈА НА СЛОБОДАТА, ЗЕМЈА НА НАШИТЕ
СЛОБОДИ И ПРАВА.
-
АКО ГО ПРОПУШТИМЕ ОВА, НИЕ ЌЕ ЈА ИЗГУБИМЕ ВИСТИНСКАТАСЛОБОДА!