Отворено писмо на Ристо НИКОВСКИ до Ѓорѓе Иванов и Христојан Мицковски

Отворено писмо на Ристо НИКОВСКИ до Ѓорѓе Иванов и Христојан Мицковски

ПРЕДЛОЗИТЕ НА НИМИЦ НАВРЕДЛИВИ –

МАКЕДОНИЈА БЕЗИМЕНА

 

Предлозите на Нимиц се навредливи. Со кој било од нив, Македонија останува безимена и обезличена. Сите предлози се, всушност, нова референца, слична на таа од СБ на ООН (“поранешна…“). Овие се можеби малку подобри од неа ама трајни и овој пат, не дај Боже,  една треба да се ефектуира со наша согласност која ќе не обврзува да ја користиме. Поточно, самите да се третираме како безимени. Еве подетално.

Сегашното наше име е – Македонија. (Не “Република Македонија“, како постојано се повторува во земјава). Тоа е  името кое во праксата се нарекува – кратко или вистинско име. На меѓународната сцена, државите се – Франција, Германија, Данска, Индонезија, Перу, Алжир, Монголија, Турција, Хрватска, Србија, Шпанија… така се викаат сите по ред, вкупно скоро 200. Без исклучок. Пред некоја вечер, во ракомет, ние загубивме од Шпанија а не од Кралството Шпанија, кое е нивното т. н. долго име кое скоро никаде официјално не се употребува. За разлика, бидејќи името ни е нелегално суспендирано во ООН, ние бевме “fYR Macedonia“. Значи, без име. Или имаш име и со него те третираат, или немаш, како во спомнатиов случај. Тоа што се користи во Хрватска сега е скратена референца или некаков код за да не разликуваат од другите. Име во никој случај не е ниту може да биде. Што значи fYR? Не треба да се залажуваме. Оваа кратенка може да ни изгледа подобро од целата референца од ООН, исто така факт е дека сите го гледаат и читаат само “Macedonia“ ама формално правно, а тоа е клучно за нас, на шампионатот ние сме – безимени. Додавката “fYR“ го девалвира и обезвреднува зборот “Македонија“ кој е само дел од референцата ама не и име. Така ни се случува и на безброј други места.

Дека горното тврдење е точно, отворете на Интернет и побарајте – листи со членки на ООН, на ОБСЕ, на НАТО, на ЕУ… било каде, во која било организација… во светската банка, ММФ…Ќе видите дека сите и секаде се наредени според своите имиња и по таков азбучен ред. Набргу ќе има зимски олимписки игри и земјите ќе дефилираат со своите имиња и по тој редослед. Никаде и за ниту една држава не пишува дали е република (огромен број од државите имаат таква политичка определба), сама или со додавка – народна, народна демократска, социјалистичка, исламска, федерална… или  (кон)федерација, комонвелт, кралство или обединето кралство, војводство… Некои, пак, имаат само име, без политички одредници: Канада, Ирска, Јапонија, Босна и Херцеговина, Унгарија… “Долгото“ име на Грција, на пример, е (Х)еленска република ама тоа никаде не се спомнува. Никој не ги знае како такви. Јужниот сосед е најдобар пример дека само името на државата е важно а не политичката определба.

Да заклучиме: во меѓународното општење земјите влегуваат само со своето име и без додатните политички определби, кои имаат секундарно значење. Тоа е универзално правило, користено од сите. Ние не смееме да бидеме нешто трето, измислено. Значи, нема случај во светот имеto на која било држава да биде некаков состав од политичка определба (република), географска додавка (северна, вардарска…) и некаква именка која нема да има никакво значење, најмалку име (Македонија). Ако ние прифатиме нешто такво, без оглед каков е притисокот, блокадата, уцената и ултиматумот, амбициите (НАТО, ЕУ) тоа ќе значи дека не сме како сите. Тоа би била историска грешка на негирање на самите себе бидејќи таквото решение апсолутно ќе значи дека прифаќаме да бидеме третирани како ПРИВРЕМЕН ДРЖАВЕН СУБЈЕКТ. Како и до сега. Трајни држави не можат да бидат безимени или именувани со бесмислен композит. Не треба да има дилеми дека фактичкото немање на име неизбежно, иако постепено, а тоа е и стратегијата и целта на САД, ќе води во директно негирање и на националниот идентитет на народот и ќе следи нов ужас без крај. Според предлозите на Нимиц оваа држава нема да има никаква врска со името – Македонија, во никој случај.  Користениот збор евентуално ќе асоцира само дека сме дел од регионот Македонија и ништо повеќе. Ако е така, а апсолутно така е, да видиме што ни предлага Нимиц.

ВО ПРЕДЛОЗИТЕ НА НИМИЦ, НЕМА ИМЕ ЗА НАШАТА ДРЖАВА. Тој ни нуди ОПИСНИ ФОРМУЛАЦИИ, или референци, кои немаат никаква врска со некакво име. Сите пет се такви. Во нив НЕМА ИМЕ. На пример, според Нимиц, нашето “име“ треба да биде “Република Северна Македонија“, или “Република Горна Македонија“, или “Република Вардарска Македонија“, или “Република Нова Македонија“, или “Република Македонија (Скопје)“.  Каде е и кое е во нив името? Нема такво нешто. Тоа се ОПИСНИ непристојности за да можат да не распознаваат а нас да не залажат. Ништо повеќе. Во суштината, тоа се нови референци. Ако која било прифатиме, нема да имаме име и политичка определба, како и сите други држави во светот и, плус, наметната со сила географска/временска додавка. Според Нимиц и неговите ментори, нашето име треба да бидат сите тие три збора – заедно. Поединечно, зборовите нема да имаат никакво значење и ќе биде забрането да се делат. Тоа важи за сите предлози. И додека сите земји, на секаде, ќе бидат претставени со своите имиња, ние ќе бидеме смешна бркотница од зборови. Поточно – безимени и со бесмислена референца, овој пат прифатена и од нас. Уникум.

За да биде појасно за читателите, еве и пример за што се работи. Моето име е Ристо а презимето Никовски, што е систем и кај сите други. Нимиц тоа го брише и вели – ти отсега ќе се викаш Ристо Никовски од Ресен, бидејќи комшиите се бунат. Си создавал недоразбирање (иредентизам) со името на нивниот внук. Ако прашам – добро, ама кое ќе ми биде името? – ќе ми одговори: Ристо Никовски од Ресен! Се разбира, исто ќе ми биде и презимето. Повеќе нема да имам ниту име, ниту презиме, а тоа значи ниту личен идентитет. Ќе бидам безимен, со референца. Таа ќе ме одвојува од другите како – изрод. Ако одам на училиште, учителката ќе мора да ме прозива – Ристо Никовски од Ресен а сите други само по име. Истото го предлага Нимиц и за државава. Без срам и перде.

Нимиц се обидува жедни да не пренесе преку вода и државата да ни ја остави без целосен меѓународен правен легитимитет, што значи и идентитет. Секаде ќе бодеме очи. Ќе бидеме нерегуларна држава, како и до сега. Тоа мора да ни биде јасно, бидејќи таква е и целта. Тоа не е игра на Нимиц, ниту на ООН. Во светската организација нема буџет за неговата медијација што значи некој друг го плаќа. Строго правило во капитализмот е тој што плаќа да ја одредува и музиката. Така е бидејќи финалниот расплет по распадот на Југославија престои и поткусурување ќе биде неизбежно.

Кај нас, никој не ги разбира овие работи. Се нема поим што се случува. Ова се дипломатски финеси бидејќи и проблемот е од тој ков, а такви експерти – немаме. Одамна ни се потребни странски. Земја што нема име не може да има ниту народ со свој национален идентитет. Едно со друго не оди. Така третираниот државен субјект е во некаква транзиција и треба да се чека што од него ќе испили. Во политиката нема случајности а во дипломатијата – ич. Неспорен факт е дека во сите пет предлози на Нимиц, кои главно се потврдија како точни, НЕМА ИМЕ ЗА НАШАТА ДРЖАВА. ИМА САМО РЕФЕРЕНЦИ како да не препознаваат.

За крај и најважното. Добро, ќе прифатиме кој било од предлозите на Нимиц и, фактички, ќе се откажеме од името Македонија. Ќе потпишеме и договор со Грција. Советот за безбедност на ООН ќе ни одреди нова референца. Сега, никој нема да ни го оспорува националниот идентитет. Така се договориле бидејќи не можат да не разнебитуваат како народ и да бараат наша согласност. Не се толку глупи. И, што ќе следи? Кој може да гарантира, и како, дека тоа ќе биде крајот на нашите маки? Нема такво нешто. Ако не се почитува Привремената спогодба, која е чисто американско дело, ако пресудата од хашкиот суд е нечие “мислење“ кое не се есапи… зошто новите решенија ќе имаат поинаков третман ако се покаже дека не им одговараат на сатрапите? Зошто да се верува дека нема да следат понатамошни конкретни чекори за бришење на Македонците? Тоа е основната намера на САД. Нели референцата од ООН ќе беше за неколку месеци? Нови фази апсолутно ќе следат и тоа брзо. Такво е сценариото. Проектот не е завршен. Крајно време е да кренеме глава и да тропнеме на маса. Иредентизам има само во Грција а не кај нас. Тие постојано тврдат дека “Македонија е грчка“. За солунскиот владика Монастири (Битола) и други наши градови се исто така грчки. Што значи тоа? Добро соседство? Тирана официјално тврди дека кај нас има “албански окупирани територии“. Нели се тоа класични примери на иредентизам? Кај нас нема ништо слично. Во прашање е македонскиот народ, не името на државата. Ова се само техники како да се постигне целта.

*     *     *

Периодот пред нас ќе биде драматичен. Во прашање е  опстанокот на македонскиот народ. Вашингтон, помогнат од Брисел, е решен да не докусури. Мораме да бидеме максимално внимателни и што по единствени иако е тоа  невозможно. Дадените отстапки во Давос не водат никаде, освен во пораз. Сите аргументи се чуваат за финалното пазарење ако до тоа дојде.

И за крај: единствено решение кое би можеле да го прифатиме е тоа нашето име да биде Македонија со евентуална додавка во заграда (Скопје) и тоа со двојно или тројно помали букви. Се разбира само за надворешна употреба. Таа главно би се користела под името ама може и во продолжение. Политичката определба – “република“ си останува ама таа треба и мора ретко да се користи. Како анахрона, додавката (Скопје) ќе отпадне со текот на времето.

Грците ја повторуваат ерга омнес иако се свесни дека тоа е илузија ама ако евентуално (привремено!) се повлечат од неа тоа пак ќе биде нивна голема отстапка, што нема врска со реалноста. Ама така се преговара, за да се добијат поени од ништо. Моментално, ние самите се прекрстуваме и си го бришеме името, постојано трубејќи – Република Македонија, Република Македонија… Ние сме Македонија и мораме тоа да останеме. Без тоа – нема Македонци кај нас. Ќе бидат измислените од Грција.

Тоа се основните рамки во кои МОМЕНТАЛНО мораме да делуваме во одбрана на своите универзални права.

 

Никовски

Јануари, 2018

 

Доставено до:

  • Ѓ. Иванов, ПРМ
  • Х. Мицкоски, лидер на ВМРО ДПМНЕ