На Македонија и треба нова, неискомпромитирана политичка крв

На Македонија и треба нова, неискомпромитирана политичка крв

Се знае дека игра големата мечка пред вратата на Заев и неговите пајташи кога токму тој решава од нигде никаде да го активира заспаниот Уставен суд да постапува по предмет заклучен во фиока точно 4 години…Судот што одлучи да спие и да не се помрдне од место за најсуштинските и најкриминално донесените одлуки на оваа власт спротивно на Уставот и спротивно на Македонските интереси сега експресно ги става на лента одлуките на Иванов?! Да не ти се верува!

Заев токму сега решава да ги разбуди од мечкиниот сон уставните судии и да ги натера да ја отворат за разгледување темата што ниту е курентна, ниту ја посакуваа додека беа во опозиција.

Зошто токму сега Уставниот суд ја отвора темата со помилувањата на Иванов не е воопшто тешко да се претпостави ако се има предвид фактот дека пред нас е еден тежок политички период за власта, период во кој се претпоставува дека ќе се вади целиот валкан веш кој во изобилие го има против Заев и неговите ортаци.

Математиката на Заев вели дека е подобро тој да го преземе нападот и божем тој контролирано да ја отштрафува “бомбата” против него отколку да остави на случајност па некој друг да му ја експлодира во фаца директ.

Сигурно е дека на Заев до тој степен му гори под нозете штом токму сега излегува во јавноста со посебно обраќање до нацијата каде со неговата добро позната загрижена фацичка им упатува отворена закана на сите судии и јавни обвинители дека ако не бидат на ниво на задачата (а нивото им го диктира лично Тој) ќе го употреби механизмот на ветинг како алатка за лична пресметка против непослушните судии и јавни обвинители.

Ни помалку ни повеќе, Заев најави дека ветингот ќе го тера Антикорупциската комисија, да, да, добро слушнавте преку Комисијата која е позната во правната јавност како тело кое не признава двостепеност во постапката и не дозволува да се оствари правото на жалба на незадоволните странки од содржината на нејзините одлуки?!

Антикорупциската комисија сега се поставува во улога на главен играч на Заев која треба да ја одигра улогата на в(м)етач во судството и обвинителството.

За да може достојно да ја врши оваа улога прво ќе мора да расчисти со сопствената небулоза дека против нивните одлуки НИКОЈ не може да поднесе жалба па дури потоа да се нафати на ваков сериозен потфат каков што е ветингот.

Жално е Комисијата да не знае, или да биде убедувана од страна на правниците во земјата на состаноци во затворен формат дека против секој донесен акт, вклучително и против нивните акти, незадоволната странка има право на жалба како основно човеково право загарантирано со Уставот на Македонија и со сите европски документи.

Се знае дека на Заев и неговите ортаци им гори под нозете кога на сцена испливуваат небулозни предлози за автентично толкување на членови од законот за помилување кои автентични толкувања немаат никаква употребна вредност во моментов, освен вредност за можно заплашување на уставните судии дека ако не постапат по налогот на власта и тие ќе бидат предмет на ветингот на налогодавецот.

Од авион се гледа дека Заев преку неговите мастермајнди прави се за да го поклопи, да го прикрие криминалот што тече од сите страни и веќе никој не може да го собере и оправда.

Советниците на Заев очајно му предлагаат вакви клизечки дефокуси …тој реално нема да може да ги заташка бројните докази за сторен криминал иако е убеден дека со стратегијата “нападот е најдобра одбрана” ќе успее да го превесла периодот до избори.

Заев е новото “иде Дунав” во симболична смисла на зборот.

Доста е од аболицирани, амнестирани, помилувани политичари во земјата.

На Македонија и треба нова, неискомпромитирана политичка крв која ќе му даде свежа, поинаква енергија на системот.

Чиста енергија без фекалии!

 

Тања Каракамише

Универзиѕетски професор

и член на Венецијанската комисија

 

Скопје,

02.12.19

14.25 ч.