НА ВАРДАР МУ ЛИЧИ ДА Е ГОЛЕМ, А НЕ ПРОВИНЦИСКИ КЛУБ

НА ВАРДАР МУ ЛИЧИ ДА Е ГОЛЕМ, А НЕ ПРОВИНЦИСКИ КЛУБ

Не е дека Илчо Ѓорѓиоски е безгрешен. Не е дека нема погрешни проценки во досегашната работа. Јас имам голем број забелешки и сугестии. И нив лично сум му ги кажал нему, но и на членови на УО на ФФМ. И, сум ги пишувал и кажувал по медиуми многу пати. На тоа имам право оти сум над 30 години во новинарството, најмалку половина во спортското. И, со свој личен пример и пари, сум покажал (ФК Скопје) како се прави клуб и резултат.
Дали Претседателот на ФФМ ќе прифати или не некоја моја сугестија, критика или примедба е негова работа. Моја е да кажам. Успехот или неуспехот на неговата работа ќе биде само негов.
Но, кога синот на Вангел “Овца“ без грам доказ дека нешто знае или направил во фудбалот, од ракав дава оценки и дели памет, тогаш морам да реагирам кон него. Но, и кон Претседателот на ФК Вардар Мирко Спасески (со кого сме минале исклучително убави и успешни фудбалски годин), под чие раководство работи Извршниот директор.
Вардар оваа година е силен. Исклучително силен. Без силен Вардар, нема силна Мак лига и силна репрезентација – тука нема дилеми. Но, силината на Вардар доаѓа од изобилието пари што ги троши (многу пати и не знае кој колку му зема и зошто) новиот спонзор Самсоненко. Силниот Вардар во овој момент не е заслуга ниту на Ѓоко Хаџиевски, ниту на тренерот од Русија, ниту на Мирко Спасески, ниту на синот на Вангел Овца, ниту на Гоце Седлоски. Во овој момент, резултатот е исклучива заслуга на џебот на Самсоненко. Камо да има господ да ги има повеќе како него и како газдата на Шкендија (Еколог).
Во Вардар и лани беше Извршниот директор, но клубот тогаш не успеа да се справи ниту со екипи од села као Турново. Летово, со машко зафаќање за џебот, Самосненко не остави простор за дилеми кој ќе биде шампион. Да не заборавиме, Илчо Наумовски сеуште не заиграл.
Состојбите во Мак фудбалот кој ги бележи Симев се познати на сите. Што откри тој? Нешто ново? Прашање е дали раководството на Вардар, како најбогат клуб во овој момент, може да понуди помош, решенија за надминувања на проблемите… За критики и критичари има многу простор и кандидати. Симев треба да покаже други вредности. Свои и на клубот. Да каже со кој второлигаши и нисколигаши имаат договор за отстапувања играчи, помагања, давања дресови, топки, мрежи… Кому ќе помагаат? Кој пријатески средби за ФК Вардар ги закажал за оваа есен. Меѓународни пријателски, секако. Извршниот директор на клубот треба да каже каде се помошните терени каде тренира Вардар? Овој кај МЗТ има трева и трска како во Амазон. Симев треба да каже кој е критериумот, сем љубовниот, по кој се донесуваат голмани во Вардар. Со раскарани Вардар и ФФМ никаде нема да стигнеме. Малата Црна Гора има дамбетер лига од нашата, ама има играчишта како Јоветиќ. Ние, немаме.
Вардар е сега силен. Нема потреба да бара специјални повластици. Вардар сега треба да гледа во споствениот двор. Да прави тим за меѓународна сцена. Бидејки, како што соочувањето со вистината (и отказот) за Бошко Ѓуровски ќе е натпреварот со Луксембург, така за раководствто на Вардар ќе е првиот настап во Европа следното лето. Во Македонија биле шампиони и Ацуле и Рафет. За малку и Бате Ване и Орце Турново. Ќе биде и Самсоненко. Но Европа, тоа е вистинскиот тест зошто биле потрошени огромните пари што сега ги земаат и вардаровите играчи и нивните ненаситни менаџери.
На силен Вардар стратегијата би требала да му биде да му помага на ФФМ колку е можно повеќе. А ако има согледување и доказ за матни работи во ФФМ, или нечесни намери кон клубот од страна на поединци или комплетниот ФФМ, тоа треба јавно, јасно и гласно да го каже. Прес конференции со навреди, нејасни асоцијации, провинциски оговарања не личат на голем клуб каков што е Вардар.
Задачата на Извршниот директор на клубот е да каже визии, стратегии, планови, проценки… Еве на пример, која е можната вредност на фудбалерите на клубот во овој момент? Пазарната вредност? Не да се ценка за неколку илјади евра казна. Да каже што планираат да направат идното лето на Евро сцената?
На крај, за кумовската врска на Илчо и Боби Милевски знаеме, односно знаат, сите. И Илчо и Боби биле солидни фудбалери и успешни тренери во Македонија. Како и многу други. Вадење на таков веш е непристојно. Му личи на нисколигашки клуб, не на најголемиот македонски спортски бренд. Бидејки, доколку се вади фамилијарниот фудбалски веш што е за перење, можам да пишувам за тоа како Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ, по плачењето на седница во “Жолтата куќа“, со директива го постави Вангела Симев за Шеф на стручниот штаб на Вардар 1999-та. Или, на пример, како на подготовките во Норчиа во Италија, тимот на Вардар составен од таткото на Извршниов директор, имаше 12 играчи. И тогаш и сега правилата кажуваат дека фудбал се игра со 11-мина.
Па така, да сме на чисто. Да нема лажење и фолирање. Доаѓањето на Самсоненко, би рекол парите на Дерипаска, во Вардар не е заслуга ниту на Симев, ниту на неговиот предходник Горан Митев. Играта беше и е далеку над нивната лига. Затоа се бара од “извршниот“ помалку чаталење, а повеќе работа. Доаѓањето и прифаќањето на Самсоненко во Вардар не е за лечење на лични и фамилијарни комплекси. Доаѓањето на руските пари во Вардар (како и во Шалке, УЕФА, Челзи…) е за доброто на фудбалот во Македонија. Затоа сметам дека таквото земање сила и фаќање бога за “брада“, е непотребно.
Вардар во овој момент ги има желбата и парите на Самсоненко, талентот и истрајноста на Седло, и работливоста и чесноста на Мирко. Нема потреба овие квалитети да се рушат со провинцијализам, инпровизации и занесувања.