НАУНОВСКИ

НАУНОВСКИ

ОТВОРЕНА

Датум: 03.11.2014, 16:34
НОВАТА ИНKВИЗИЦИЈА

СКАНДАЛОЗНО ОДНЕСУВАЊЕ НА АМБАСАДОРИ

Одамна веќе се навикнав на фактот дека во РМ с` е можно, дури и она што е против секаква форма на ум и рационално мислење. Се соочив со тоа дека сето она што не е рационално можно, во Македонија всушност станува стварно. Меѓутоа, дури и самиот мене, помирен со сознанието дека таква ни е судбината клета македонска, одвреме-навреме с` уште може да ме изненади по некој настан или информација, која докрај соголено ја покажува сета наша колективна беда на умот, достоинството и реалниот меѓународен статус како народ и држава, денес веќе сведен речиси на ниво на колонија или протекторат. Затоа, ако е вистинита информацијата дека некои странски амбасадори сакале да ја укинат слободата на говор во РМ, ние не ја заслужуваме оваа држава, ние всушност веќе и немаме држава, Македонци! Ако претставници на странски држави навистина отишле кај македонскиот министер за надворешни работи за да зборуваат против г. Миленко Неделковски или да се жалат поради неговите текстови (?!), тие практично со тоа бараат воведување цензура во медиумите, укинување на основното човеково право на слободно изразување на мислата, критичко размислување, пишување, говор. Пропорциите на овој скандал се ужасно широки и длабоки, тие го зафаќаат сето она што значи воопшто независна, суверена држава, а последиците од таквиот незамислив акт се однесуваат на сите темелни принципи на слобода, демократија, цивилизација воопшто.

Редовно го читам г. Миленко Неделковски, понекогаш дури имам чест и привилегија накратко да разменам мислења за битни политички проблеми на РМ директно со него, притоа учејќи од неговото богато животно искуство и информираност. Тврдам дека тој е еден од најостроумните и најдобро информираните политички аналитичари денес во РМ. Со специфичен стил на изразување и речник исполнет со метафори и алузии слеани со семантички наноси кои упатуваат на едноставно, најдиректно разбирање на суштините на феномените и процесите, Миленко е симбол на критичко и бескомпромисно размислување, кое денес е многу тешко да се достигне поради многу причини. Дури, се чини дека (и во светски рамки) прогресивниот историски развој како да не важи во однос на основните човекови права – денес, на почетокот на 21 век, очигледно е дека има тенденции за нови форми на тоталитаризам. Асанж, Сноуден, признанијата дека тајни државни служби нарачувале (или забранувале) текстови во влијателни весници, како и с` почестите обиди дури и директно да се вршат притисоци за замолчување на сите оние кои критички анализираат од страна на центрите на моќ кои спроведуваат бескрупулозна агенда во функција на своите геополитички или бизнис-интереси, го враќаат човештвото наназад во темните, средновековни периоди од историјата. Kако да има ново, современо воспоставување на злогласниот инквизиторски индекс либрорум прохибиторум (случајот со палењето на македонската енциклопедија може да се анализира во тој контекст), дополнет овој пат и со имиња на личности кои го артикулираат основниот принцип на човечкото мислење – критичноста и скептицизмот кон актуелните, неприфатливи состојби. Барем во оваа димензија, сите оние големи умови кои ја разбираа историјата како циклично враќање беа во право – светот, „цивилизацијата“, ние, како да се враќаме на веќе еднаш поминатите циклуси на историско живеење. Сите негативни аспекти од функционирањето на т.н. комунистички општества денес добиваат нови, засилени форми, и тоа во општества кои наводно со векови практикуваат либерална демократија и почитување на правата на индивидуата. Лесно се забележува дека не е случајно што нападите врз нашата слобода на изразување, овој пат преку г. Миленко Неделковски, доаѓаат координирано од две страни, од некакви амбасадори и од исклучително агресивната толпа познати лажни демократи, НВО-активисти, некакви комитети за човекови права (?!) и сл.

Тешка е битката за Македонија, го знам тоа и лично, го чувствувам секојдневно, што велат старите наши – го знам на своја кожа. Пакоста, малодушноста и многу ефикасно организираните дувла на антимакедонство се финансиски моќни, доминантни во јавно-медиумскиот дискурс, па дури и во институциите на системот (и по 8 последователни години власт на ВМРО-ДПМНЕ, патем кажано). Оние што секојдневно парадираат по медиумите со флоскули дека се борат за слобода на говор се токму истите оние што забрануваат слобода на говор, мислење и ставови поинакви од нивните. Оние што тоталитаристички повикуваат на забрана на текстови, емисии итн. и кои пронаоѓаат реално непостоен говор на омраза се оние истите кои тоа истото но овој пат реално и го прават. Мене одамна ми е јасно дека зад нивниот параван на „граѓански активисти“ и „борци за слобода и демократија“ има нескриена ждановистичка намера да се уништи и самото право на поинакво, македонско мислење и јавен говор, а особено оној што ги изразува клучните национални македонски потреби и интереси. Тие не можат да трпат поинаква вистина од онаа што самите ја промовираат затоа што знаат дека немаат аргументи зад нивните агенди, најчесто добро платени од странски парични фондови за да ги наметнуваат агресивно во јавноста. Нивниот поим за демократија значи дека само тие имаат монопол на вистината, иако е сосема јасно дека таквите концепции се погубни за опстојувањето на оваа држава и македонскиот народ. Прочитајте и слушнете со каква омраза пишуваат и зборуваат т.н. „демократи“ низ електронските портали па дури и печатени весници, со каков бес навредуваат, стигматизираат, односно го прават токму она за што не обвинуваат нас, конкретно во овој случај г. Миленко Неделковски. Нивната дрскост и вулгарен, простачки речник во кој за иронијата да биде максимална секој втор збор е демократија или слобода, е новото инквизициско општество и држава кои таквите сакаат да ги воспостават на местото на денешна демократска Македонија.

Оттаму, најголемиот проблем е што овде не станува збор само за напад врз одредена личност, туку врз самиот слободен говор на македонскиот народ во Македонија! На местото на почитуваниот г. Миленко утре може да бидете вие, јас, секој Македонец што критички ќе дебатира за многубројните антимакедонски трендови и процеси, за непринципиелното и скандалозно мешање во внатрешните работи на оваа држава, за начинот на кои некои ја третираат нашата с` уште суверена Македонија. Секогаш било така низ мрачните епохи на историјата, и многу поучна е приказната за тоа дека ако денес не реагираш кога неправедно ќе го нападнат соседот или пријателот, охрабрени од молкот тие утре ќе дојдат по тебе. Ние мора да се спротивставиме на овој скандал, на ова невидено за демократскиот современ свет гушење на медиумските, јавни и загарантирани со Уставот слободи и права на индивидуата. Ние мора да кажеме енергично НЕ за сите фашизоидни акти и тенденции кои сакаат да н` замолчат нас, Македонците, да ги кажуваме јавно нашите ставови, нашите визии, нашите вистини!

Тони Науновски