Како Рибентроп и Чано ја делеле Македонија меѓу Бугарија и Албанија?
Ова е извадок од третата книга, осма глава од Историјата на македонскиот народ, објавена во 1969 година од страна на Институтот за национална историја. Главен редактор на Историјата е партизанскиот и повоениот генерал, тогаш академик Михаило Апостолски, а автор на овој дел од книгата е др. Данчо Зографски
Нападoт на германско-италијанските трупи на Југославија, на 6 април 1941 година без објава на војна, проследен е и со терористичко бомбардирање на Белград и останатите југословенски градови. Скопје исто така беше еден од градовите кој беше бомбардиран од германската авијација на 6 април. На седми април бомбардиран е Велес, а за кратко време германските окупаторски единици влегоа во Македонија, додека италијанските единици на почетокот беа принудени на повлекување преку албанско-југословенската граница…
На 17 април потпишана е безусловсна капитулација на Југославија со што таа престана да постои како држава во своите дотогашни граници. Нејзината територија ја окупираа, расцепкаа, поделија и анектираа Германија, Италија и нивните сојузници, со што се создадоа нови, тешки услови за југословенските народи, вклучувувајќи го тука и македонскиот.
Заради своите стопански ресурси и ефтина работна сила, а и како погоден пазар и важно комуникациско-стратегиско подрачје, Македонија постојано била земана в предвид во плановите и комбинациите на фашистичките лидери. Поделбата на Македонија во 1941 година спроведена е во согласност со Хитлеровата одлука за целосно распарчување на уништување на југословенската држава. Сепак, за време на подготовка на воените операции против Југославија и Грција, по издавањето на Хитлеровата „Директива 25“, фашистичките агресори се уште немале дефинитивен план за политичката иднина на југоислеовенската територија, во тие рамки и на Македонија.
Заради ослободување на своите трупи од ангажман и нивно напредување кон Грција, Германците дозволија „учество на бугарските дивизии во јужна Југославија“, за обезбедување на ова подрачје и за спречување на „одметнувањето“. Но, тоа не им пречеше на бугарските управители да развијат бучна пропаганда преку печатот и радиото, преку т.н. Македонски комитет во Софија, Народното собрание итн, за докажување на оправданоста на нивните барања Македонија да се вклучи во бугарската држава. Од германска страна тогаш се оценувало дека бугарските територијални претензии во однос на Македонија ги надминуваат барањата на максималистите.
Кога веќе беше очигледен исходот на балканската кампања, Хитлер на 12 април 1941 година донел одлука за распарчување на Југославија издавајќи поради тоа „привремени насоки за поделба на Југославија“ во кои се земени в предвид познатите италијански, унгарски и бугарски аспирации кон југословенските области. Набргу после тоа на 19 април 1941 година, бугарските крал Борис отпатувал за Виена и на Хителр му го изнел барањето Македонија да и се додели на бугарската држава како компензација за учеството на Бугарија во Тројниот пакт и за нејзините заслуги за брзото воено покорување на Југославија и Грција.
Одлуките за судбината на југословенските земји и Македонија добиле детална конкретизација во преговорите и заклучоците на Рибентроп и Чано (италијански министер за надворешни работи, н.з.) во Виена на 21 и 22 април 1941 година. На преговорите Чано инсистирал да се прошири државната територија на Албанија кон исток (кон Македонија, н.з.) посебно северно од Преспанското Езеро. Наспроти тоа, Рибентроп укажал на Хитлеровото становиште дека барањето цела Вардарска Македонија, заедно со Охрид да и се додели на Бугарија, е разумно. Чано инсистирајќи на неговиот став, оставил можност од италијанското барање да се изземе Охрид, изјавувајќи дека економските и воени моменти диктирале Италија да ја помести албанската граница кон исток.
На преговорите доста време било посветено на разгелдување на бугарските претензии кон Македонија и барањето на царот Борис кон Хитлер и Солун да им биде отстапен на Бугарите. На крајта, двајцата министри, се согласиле дека Македонија и некои помали области, кои после Првата светска војна и припаднале на Југославија, треба да и се отстапат на Бугарија. Заради територијалнот проширување на Албанија, тие одлучиле некои западни делови на Македонија, заедно со Струга, Гостивар и Тетово, да и се приклучат на Албанија. Министрите решиле и бугарското барање за приклучување на Солун кон Македонија, односно Бугарија, како и прашањето за конечната судбина на Грција, да се регулира со спогодба меѓу Хитлер и Мусолини по завршување на војната.
Во согласност со поранешната одлука за демаркациона линија помеѓу германските и италијанските трупи во Југославија, Хитлер на 26 април соопштил дека окупационото подрачје на Бугарија треба да се простира до линијата Бујановац-Лешок, Групчин, Здуње-Брод-Битола, со што новата бугарска граница е поместена уште посеверно од Скопје. Италијанските трупи требало да се повлечат западно од линијата Брод-Битола и да и го отстапат Охрид на Бугарија. Охрабрени со добивањето на овие краишта. бугарските фашистички управители ги зголемиле барањата за проширување на нивните окупациски зони во правец кон север и за заземање на еден дел и на српски територии.
Делот од Македонија окупиран од бугарските фашисти во април 1941 година врз основа на германско-италијанската одлука за присвојување на поделба на Југославија, опфаќал 28 250 км2 со 1 260 000 жители, додека помал дел од Македонија е приклучен кон Албанија. И покрај тоа што значаен дел од Македонија и е приклучен на Бугарија, еден голем дел од Македонија кој претходно беше во рамки на Грција, остана одвоен со граница од останатите нејзини делови. Распарчувањето и поделбата на Македонија во април 1941 година беше едностран насилнички диктат на германско-италијанските фашисти и нивните трабанти, како најгрубо газење на волјата и интересите на македонскиот народ да живее слободно и да биде неподелен. Приклучувањето на југословенскиот дел на Македонија и некои делови од грчкиот дел на Македонија на бугарската фашистичка држава, германските и италијанските сили го сметале за привремено решение заради окупационо управување. Заземањето на Солун и поголемиот дел од приморска Македонија од страна на Германците и нивните ветувања дека ќе им го отстапат тој дел на своите бугарски сојузници биле пресметани со цел потесно поврзување на фашистичките кругови во Бугарија со Хитлерова Германија. Како последица на создадените околоности и интереси, капитулацијата и распарчувањето на Југославија во април 1941 година и донесоа на Македонија нова насилна поделба, неподнослив фашистички јарем и најсурово национално угнетување и стопанска експлоатација.