Морам да признам дека ми годи, кога во врска со ископаните дупки кај кружниот тек (таму суште нема темели, со исклучок на оној про-форма славеничкиот кој по правило никогаш не е правиот) мене ми пишувате, ми се јавувате, ме прозивате, барате акција…
Јас, не знам дали знаете, не сум инцијатор, не сум донатор на крстот, ниту пак бев на “поставувањето на темелот“. Погледнете ги видеата и сликите од тој настан, па пренасочете ја вашата енергија и желба за акција кон тие луѓе.
Таму беа сите. Од градоначалници, преку попови, до министри…
Велам ми годи. Во конкуренција на жив и од време на време активен Претседател и неговиот кабинет со Боцевски на чело, во конкуренција со парламентарците (10:9 ВМРО-СДСМ) на кои секој од нас му го пренел правото да не застапува во Законодавниот дом, во конкуренција на министри од двете партии, во конкуренцијa на АРМ, во конкуренција на Советот за бебедност (каде е тој, стварно!!!), во конкуренција на началници на полиции, во конкуренција на командири на специјални единици, во конкуренција на градoначалници што ние сме ги изгласале, во конкуренција на македонци кои редовно и срдечно им ги честитаат верските празници на муслиманите (а никако да дочекаат обратно) во конкуренција на Поглаварт на МПЦ и неговите владици, во конкуренција на сите советници во општините – мене да ме повикувате на акција?!?!?! Ми годи, фала многу.
Ја ФУНКЦИЈА немам. Тоа значи ниту привилегии од функција, ниту права, ниту одговорности. Немам никакви алатки (закон, луѓе, вооружена или обучена група, возила, пари…). Немам партија ниту партиско членство.
Имам приватна тастатура, еднаш неделно камери во ПРИВАТНО студио, имам приватен сајт (овој што го читате), имам приватен ФБ.
Па така, таму каде што сте го (пре)дале, со помош на гласање на изборите (Претседателски, парламентарни, локални…), вашето право за управување со државата/општината , односно таму каде со вашето гласање СТЕ ОВЛАСТИЛЕ човек (парламентарец, советник…) да ве застапува – ТАМУ Е АДРЕСАТА. Дали се тоа луѓе од СДСМ, ДУИ, ВМРО, ромски или српски партии – се едно. Таму е адресата.
Миленко си има своја борба, и катадневно си ја води. Од првиот “инцидент“ кога во комунистичко 1986-та, во СФРЈ, бев суспендиран од програма на телевизијата заради фаќање македонска наместо југословенска односно српска страна, до денес.
За крстот видете кај Петре, Стефан, Тодор, Коце, Хорхе, Боце… Нив сте им го дале мандатот да менаџираат институции за да живеете поарно.
Јас имам свој мандат кој ми е даден од само еден човек – ОД МЕНЕ САМИОТ. И, само нему, односно себе, си одговарам. Јас сам бирам што, кога и како ќе работам и делувам. Наредби не примам. Заканите кон мене сам ги менаџирам.