Л‘ВОВ

Л‘ВОВ

Кога ги бројам годините, страв ме фаќа. Кај мене веќе не се работи за петолетки или декада, ами за полувековие. Шит!
Пред 40 години, поточно пред 39 години и 6 месеци, III-7 класот од гимназијата Јосип Броз Тито од Скопје, замина на двонеделна матурска екскурзија. Малку невообичаено, ама тоа беше тогаш тертипот. Не на крај на 4-та, ами меѓу 3-та и 4-та година гимназија се одеше на матурска. И, затоа што беше неможно одеднаш да одат седум класа (по 30-и-кусур ученици, над 200 патници), се одеше клас по клас. Ние како “седмица“ бевме последни. Не водеа професорите Нада “Миксерот“ (класна) и Владо “Уметникот“. А ние: Цветко, Шапур, Ѕуна, Комшо, Маја, Искрите, Биљаните, сестрите, Роде, Црв, Даре, Софија, Џони и другите.
Турата започнуваше на железничка станица во Скопје. Со кушет коли (6 лежаи) во една мајско/јунска вечер отпатувавме за Белград. Од таму во автобуси и правец Дебрецин во Унгарија. Напоменувам, ова е 1975-та година. Варшавскиот и НАТО пактот накострешени еден кон друг. За да влезеш на “исток“ минуваш воени, полициски и царински проверки од припадници на матичната земја, ама и од припадници на СССР. Во секој случај, за премин од Југославија во Маџарска, најмалку 4-5 контроли, плус оние од СФРЈ. Во Дебрецин повторно се качуваме на воз, во кушети. И од Унгарија се упатуваме со воз кон СССР. На Маџарско/Советската граница, им се менуваа тркалата, односно осовините на вагоните и локомотивите. СССР имаше пошироки пруги, како заштита од инвазија. И од таму за Киев. Па од Киев за Москва. Во Москва дури успеавме на стадион Лењина да гледаме и утакмица СССР – Италија. Судеше Милош Чаиќ од Југославија. Советите победија со 1:0 во таа пријателска утакмица. За италијаните играа Зоф, Факети, Капело, Антоњони, Кинаља… За русите Блохин.
Од Москва, нормално пак со воз, продолживме за Ленинград. А од Ленинград за Л‘вов. Од Ленинград до Л‘вов возот патуваше 27 саата. Преубави моменти. Еден клас. Пола машки, пола женски. Романтика. “Тргнувања“, раскинувања…
Од Скопје со нас понесовме мастики, од оние како цигари, и фармерки. Продадовме се. Ние неколку пријатели имавме пари да купиме Волга. А, немаше што да се купи. Дуканите празни, а во корекомите имаше глупости. Крајно, во Л‘вов, парите што ни останаа сакавме да и ги подариме на нашата туристичка водичка, ама таа не смеше (се плашеше) да прими пари. Затоа, купивме најскап телевизор, оној со дрвени ногарки, и во среде паркот во Л‘вов го скршивме.
Тој последен ден во Л‘вов го паметам до денеска, оти тогаш за мене започна една убава, романтична, нежна љубовна врска со соученичката И.Џ. Траеше скоро година-и-пол.
Сега сум пак во Л‘вов, по 40 години. По 4 децении. Сега не доаѓам од Југославија, и не доаѓам во СССР. Се се сменило. Ама сеќавањата остануваат..
Во брошурата на ТА Гуливер стои дека Л‘вов е музеј на отворено. Град на чоколадите, кафето, пивото и љубовта. За чоколадите, кафето и пивото не знам. За љубовта веќе напишав.
Но овој пат, односно овој викенд, значи по 4 децении, Л‘вов за мене е само град на фудбалот. Во недела играат Украина – Македонија.

Напомена:
Видеото е од утакицата во Москва.
Сликата е од прославата на 20 годишнината од матура на мојот клас/генерација. Неколкумина веќе не се живи. Меѓу другите и мојот најдобар пријател Љубиша “Цветко“ Николиќ. Ах да, и И.Џ. е на сликава.