ЗМИЈА В ПАЗУВИ
(Залудни зборови)
Господин премиер Зоран Заев, доколку е точна неофицијалната информација дека сте прифатиле компромисен договор дека Македонскиот народ и македонскиот јазик имаат бугарска основа, најдобро е да се вратите чекор назад и да си направите проверка на реалноста и лична проверка за тоа која е Вашата граница до која Вие ќе одите со загрозување на нашиот опстој како народ и држава.
Нема да бидам остар, ниту (ќе) се служам со навреди, ниту ќе Ве наречам предавник, како што вообичаено Ве третираат, и тоа на многумина нема да им се допадне. Сеедно. Ќе Ви кажам само неколку едноставни нешта. Разбирам дека Вашата лична желба за добивање зелено светло за влез во ЕУ е огромна (неа, пак, не ја делат огромен број граѓани), и со неа очигледно се идентификувате како политичар: како „човекот кој ќе не внесе во Европа“. Во ред тоа, но Европа, во вид на ЕУ повеќе суштински не постои, господин Заев, таа е само привид во исчезнување, кој наскоро и ќе се обелодени.
Вие сте влетале во бугарскиот евтин трик со закана со вето (т.е. уцена), кој кумулативно ја подрива не само македонската самобитност, туку и регионалниот геополитички баланс. Не знам дали сте свесен за злокобните потенцијали на таков нарушен баланс. Македонската самобитност и самостојност внесе нов момент во регионалната стабилност, како бафер зона меѓу глупите балкански претензии. Секакво подмрднување од „еквидистанцата“ кон една страна, било која, од друга раѓа милитаристички емоции. И сѐ се плаќа во крв на македонско тло, сведочи историјата. Сложена е македонската приказна низ вековите, но и многу едноставна: „Кој владее со римленд, владее и со хертленд“. Кој владее со Македонија, владее со Балканот.
Настрана од ова, Вас ЕУ брутално и бесрамно ве прелажа и покрај сите отстапки и компромиси на наша штета, тогаш кога сте сакале да поднесете оставка. Требало да ја поднесете. Вас Ве жртвуваат токму тие кои сега наводно најмногу Ве поддржуваат да прифатите „компромис“. Вие сте изложениот и излажаниот на историските ветрометини, кои незадржливо доаѓаат, и Вие ќе бидете предадени од истите, кои сега евентуално ви честитаат.
Немате никакво право, ниту легитимитет да прифатите ваква змија в пазуви, со тврдење дека имаме бугарска основа, макар бугарската страна и да потпише дека постои Македонски народ и македонски јазик, како што е пренесено. Тие играат долгорочно, а Вие поттикнати од краткотрајна (лична) прагма, во стилот „купи ден помини“. Во стилот на димната завеса со новите мерки против „пандемијата“, за носење маски на отворено, токму на денот кога ни дојде и информацијата за „бугарските основи“, во пикот на најемоционалните реакции.
Таа ноторна бугарска идентитетска лага е внедерена во бугарските идентитески фрустрации на наша сметка, од страна на сили, кои едноставно на Балканот поттикнуваат конфликти секаде кадешто можат. Бугарија посега по нашиот идентитет, затоа што има проблеми со својот…Таму мативодите им го нашле комплексот и таму ги провоцираат, кајшто им е најтенко. Не може бугарскиот јазик да му биде основа на јазик кој е основа на словенската писменост. Развојот на еден јазик се согледува синхрониски и дијахрониски, а нашиот јазик е меѓународно верифициран како посебен и по двете методологии. Толку е приказната за јазикот: македонскиот јазик е признаен во целиот свет како посебен, автохтон, автономен, изворен…и прекрасен. Тоа е епохалниот дострел на големите македонисти. И сега Вие сметате дека треба да го проблематизирате тоа? Не знам дали сте свесен…
Отстапете од овој кобен чин со несогледливи долгорочни штетни последици. Ниту Вие ниту кој било друг има право да си игра со нашата егзистенција заради лични интереси и/или амбиции. Вие ли ќе го плукнете Конески в лице? Вие ли ќе го погубите Мисирков уште еднаш? Вие ли на Кочо Рацин ќе му испукате уште еден куршум? Вие ли на Петре М. Андреевски нов гроб ќе му копате?
Па, кој сте Вие и каков човек сте, штом сте согласен да поништите цивилизациски дострели и да прифатите апсурд, невиден во светот. Излажан сте, некој можеби и Ве уплашил, со цел да потпишете. Тоа што би го потпишале ќе биде смртна пресуда за Вашиот народ, и тоа во долготрајна агонија. Вие тоа не можете да го направите. Не: не смеете – не можете. Бидејќи и Вие сте Македонец. Тоа слободно кажете им го и на албанските партнери, кои бесрамно притискаат и уценуваат, заложувајќи се само за нивните национални интереси. До тука. Доволно отстапки направивте.
Сега, отстапете од небиднината, Зоран.
Олт.2020