Крум ВЕЛКОВ

Крум ВЕЛКОВ

.

РАЗМИСЛЕТЕ СИ МНОГУ ДОБРО!

Ние такви информации слушаме од поодамна, но не можеме да утврдиме дали навистина постојат тие фирми во Бугарија и, ако постојат, дали нивната намена би била бизнис на Заеви со рудникот на смртта. Бидејќи вакви тешки сомневања/обвинувања доаѓаат од значајно место, најголемата опозициона партија, подобро би било господинот Зоран Заев самиот да каже што е вистината. Ако е ова точно, кумулативниот потенцијал за ескалација на проблемот со рудникот Иловица-Штука може да има несогледиви последици, надвор од наша и било чија контрола. Ако е ова точно – едноставно е ужасно. Значи, подобро е Заеви да не молчат, а најдобро решение е премиерот конечно да си го исполни ветувањето и да го реши проблемот со рудникот – и така да стави крај на сите шпекулации, ако се шпекулации.

Доаѓаме до пресвртна, критична точка. Деновиве опозицијата се вклучува, за првпат изговарајќи дека се против рудниците (Мицковски во Ново Село). Тоа е во принцип добро, но ние на зборови повеќе не веруваме никому. Никому! Памтиме дека нивните пратеници излегоа од салата при гласањето на измените во Законот за металични и минерални суровини. Нема да дозволиме ново одлагање на решавањето на проблемот, чии заложници сме повеќе од две години, со тоа што би навлегле во нова тура ветувања, од друг политички субјект. Цел регион предолго е заложник на оваа гнасна игра, луѓето се вознемирени и сѐ поагресивни. Одбиваме повеќе да чекаме.

Затоа, сериозно размислуваме да го повикаме Југоистокот на бојкот на претседателските избори, доколку во најскоро време, итно, до изборите, не биде сопрен рудникот. Постојат сите законски основи да биде сопрен, без државата да плаќа отштета. Тие приказни за огромни отшетети се наметнати со одредена цел. Граѓаните се против рудникот. Тогаш, што уште се чека?!

Значи, ќе повикаме на бојкот без око да ни трепне!

Па да видиме. Нас овде веќе не нѐ занима кој ќе биде претседател, ниту колку е добар или лош кандидат, ниту од која партија е, доколку изумреме од отрови. Ние бараме државата да нѐ заштити, тоа е сѐ. Оние кои би го потцениле тој евентуален повик на бојкот, нека се присетат малкуцка дека на референдумот за името минатиот септември најмала излезност имаа токму општините најзасегнати од рудникот: Ново Село (16%) и Босилово (20%). Без притоа ние нешто специјално да пропагираме таму.

Ние размислуваме, а вие размислете си МНОГУ добро.