КОСТОВСКИ

КОСТОВСКИ

Заборавени херои

Може и отфрлени, прогонети, деградирани, казнети… но, не и елиминирани херои!
Ако притоа допишеме и додавката фудбалски, тогаш барем за читателите на страницава им станува сè јасно – за ФК Работнички станува збор!
На 6 август 2015 година во 21,50 часот 15.000 домашни навивачи на „Авени Акер“ стадионот во Транзбор им аплаудираа на скопските романтичари и им посакаа среќа во натамошните натпревари, односно да бидат таму каде што веруваа дека ќе се најде нивниот омилен клуб…

Вистински ГРЕВ е тоа, ниту МТВ (јавниот сервис), како ни националните ТВ Сител и ТВ Канал 5 немаа МИЛОСТ, па во овие ТЕШКИ ВРЕМИЊА за квалитетот на македонскиот фудбал не одделија барем малку простор за фудбалерите на скопски Работнички. Ама ако, тие, романтичарите, добро си ја знаат својата работа, алал да им е. Ги засенија сите турски серии таму на Босфорот, но, за жал, не и тука дома, од Гевгелија до Табановце!
ГРЕВ е тоа што се нема МИЛОСТ, иако тоа се ТЕШКИ ВРЕМИЊА за македонскиот клупски фудбал на европската сцена. Светот навистина ти бил на дланка, Трабзон е тука некаде, да живеат сателитските антени, интернетот, или пак разладените простории на спортските обложувалници, таму на најголемиот број екрани доминираше сликата на турската национална телевизија ТРТ!
Кај нас, ништо ново – сè по старо, гледаш турски ликови со македонски думи, а за најдоброто од македонскиот клупски фудбал сите ставиле дебели катанци!

А сега веќе почнавме да зборуваме, коментираме, пишуваме зошто на македонските телевизиски програми, а особено на онаа за која плаќаме, или за оние што не директно преку претплата но индиректно ги плаќаме и нив, ете сите тие заедно, не пројавија никаков интерес подвигот на дебармаалчани да блесне на нивните телевизиски екрани?
Јасно е како бел ден, ако некоја од многубројните македонски телевизии предводени од јавниот сервис се заинтересираше, сигурно е дека настанот од Трабзон ќе го имаше на својата програма. Нема што не може да се има, или да се купи, дури и не треба многу пари, треба само да се сака и на време да се планира!
Си поиграв малку со насловите на актуелните турски серии, еве и за последен пат да ги употребам, навистина Работнички не е Вардар, ама грев е што се немаше телевизиска милост за нашите јулско-августовски фудбалски херои, фудбалерите на скопски Работнички.

За нивниот подвиг во Трабзон, каде речиси еден час играа со фудбалер помалку, ги заслужуваат сите наши честитки. Покажаа дека и малите имаат право на европски клупски просперитет, треба само да се верува во своите квалитети и да се има јуначко срце. Тоа романтичарите го имаа на гостувањето во азискиот дел на Турција, па високорангираниот Трабзонспор (59 место) заслужено е елиминиран од Работнички (281), нашиот веќе со години најуспешен клуб во европските купови.
Победите, успесите радуваат, тие го полнат со неизмерно задоволство фудбалското срце, но кога тие победи се редат во европските купови, тие ја полнат и преполнуваат клупската каса! ФИФА и УЕФА, за разлика од националните фудбалски федерации, многу транспарентно финансиски работат. Дека и таму се случуваат матни работи потврдуваат затварањата на видни членови на раководството на ФИФА, но тоа произлегува од алчноста на поединци, отколку актите на асоцијациите.
УЕФА која ги организира престижните Лига на шампионите и Лигата на Европа, веројатно најквалитетните клупски натпреварувања во светот, за учесниците нуди навистина многу- од 200.000 евра па до десетици милиони! Сè е познато, секое поминато коло носи сè повисоки и попривлечни награди, со сопствениот фудбалски квалитет, а низ успешното европско клупско натпреварување, дури и во наши македонски услови фудбалот може да носи профит и добивка!

Цената е, се разбира, повисока во квалификациите за Лигата на шампионите отколку за Лига на Европа. Нашиот шампион Вардар играше само едно коло (во првото беше слободен), но на сметката на клубот од УЕФА ќе легнат дури 550.000 евра, од кои 300.000 за натпреварот со Аполон и 250.000 како компензација за тоа што не успеа да стигне, како национален шампион, до групната фаза на Лигата на шампионите.
Шкендија и Ренова ги покрија трошоците на своите патувања, веројатно нешто и остана за плати и премии, тие играа за почетната цена од 200.000 евра.
ФК Работнички оди понатаму! Неговата цена, односно неговите победи од коло во коло имаат подруги вредности. Засега, според ценовникот, околу 930.000 евра, толку, барем засега, никој клуб во историјата на македонскиот фудбал не инкасирал директно од касата на УЕФА!

Толку за парите, тие во следните европски клупски рунди се зголемуваат, па потоа дури поразите носат вистинско богатство. Но треба да се стигне до нив, тие се резервирани само во групните фази од Лигата на шампионите и Лигата на Европа.
Новата страница на нашето клупско фудбалско првенство започнува утре (9 август) во 17.30, а најинтересниот натпревар е закажан за 20.00 часот на Националната арена каде што ќе се сретнат актуелниот шампион Вардар и Шкупи (наследник на некогашната Слога Југомагнат, трикатен Шампион на Македонија). Европски, се разбира, под светлоста на рефлекторите…
Значи започнува новата битка кај нас за титулите, односно еврата на УЕФА!
На стартот треба да се поздрави акцијата на Фудбалската федерација на Македонија, прволигашките екипи, односно, фудбалерите, а со нив, и навивачите конечно да имаат пристојни услови за играње и гледање фудбал! Терените, стадионите треба да заличат на европскиот просек, веројатно со тоа еден ден подвизите на Работнички нема да бидат единствени. Работнички, Шкендија, Ренова, Брегалница, Младост Царев Двор ќе играат како домаќини во туѓи дворишта, привремено се разбира сè додека на стадионите во Тетово, Штип и во Битола не бидат завршени реконструкциите.
Работнички пак, поради зачувување на теренот на Националната арена за средбата со Шпанија (9 август) распореден е натпреварите да ги игра на теренот на Македонија ЃП или на комплексот терени на ФФМ.
Верувам дека претпријатието што стопанисува со Националната арена, Фудбалската федерација на Македонија и ФК Вардар самите ќе предложат:
Работнички останува да игра на својот домашен терен, на Националната арена!
Господо, разбирање е потребно, ФК Работнички игра за сите нас, за сите клупски бои.
Конечно, можеби и ќе заигра на некоја македонска телевизија…

 

Атанас Костовски