Проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска
СДС, ЧУВАЈТЕ СИ ГО ДОГОВОРОТ ДОМА АКО ВИ Е ТОЛКУ ЛИЧЕН!
(втор дел)
4. Одличните познавачи на меѓународното и на домашното право Договорот од Нивици го сметаат за вистински кошмар, за правен уникум, преседан досега непознат и невиден на меѓународната правна и политичка сцена! Ова чудо од договор е правен и политички Франкенштајн! Договорот ја брише од важност Времената спогодба од 1995 година во која беа предвидени далеку повеќе обврски за Грција, иако ниту една од тие обврски не беше реализирана од соседот поради добро познатиот став дека спогодбата ја нема потребната ратификација од парламентот поради што и не чувствувале обврска за нејзино почитување?! Замислете што би се случило ако хипотетички се помине во нашата држава, а Грците повторно со истата политика на неприфаќање и на овој договор национално не избањаат по втор пат! Целосен блам! За власта очигледно ваквото национално бањање не би било проблем, бидејќи тие и вака и онака се согласни да прифатат секакво можно понижување од грчка страна! Ова бламирање за СДС и ДУИ и не е бламирање! За нив се е нормално и се е прифатливо! Ама за мнозинството Македонци тоа не е дозволено!
5. Она што, исто така, посебно загрижува е фактот дека власта ја фрла во вода како целосно ирелевантна пресудата на Меѓународниот суд на правдата од 2011 година која е единствен документ што оди во корист на Македонија каде јасно и написмено е констатирано дека Македонија била во право кога ја тужела Грција поради прекршување на спогодбата! По ваквото фрлање на пресудата во вода нека објасни Димитров или Заев кој би бил националниот авторитет на некоја наредна власт, за некое друго или исто прашање да бара правна заштита и правна помош пред оваа судска инстанца? Со право ќе ни бидат треснати вратите од Судот! Со право нема да заслужиме каква било правна помош! Преспанскиот договор фрли пепел на сите досегашни позиции што Република Македонија ги имаше градено во изминатите години, без разлика што дел од нив беа промашени, а дел имаа добра основа!
6. Надвор од законски утврдената процедура, надвор од утврдените правила во Уставот, но и од Виенската конвенција за договорно право, Никола Димитров направи недозволена политичка акробација да го заобиколи претседателот на Републиката и да стави потпис на договор кој во најголем дел од работите не се во негова надлежност, не само според Уставот на РМ, законите во РМ, туку и согласно практиката на најголем дел од земјите-членки на ЕУ! Акробацијата е вешто изведена со прикачување втор дел на договорот за уредување на прашања што никогаш не биле спорни меѓу двете земји, од типот засилена економска соработка, размена на искуства во земјоделството, спортот, туризмот…Едновремено, целосно се заобиколи законски утврдениот формат на водење преговори со национални посредници назначени од претседателите на двете земји за да шибицарски се протнат тет-а-тет тајните средби во хотелските одаи меѓу двата министри за надворешни работи! Иако посредникот Нимиц глумеше некаков фактор во финишот и тој беше целосно истуркан од тајниот процес на „пеглање“ на текстот на договорот и неговото склучување! На крај, целава договорена постапка на обезличување на Македонците доби тежина помала од онаа да се купи половна кола на пазар за автомобили, бидејќи, и во таа каква таква половна зделка има повеќе контрола и повеќе правни активности од она што ни се случи со процедурата на носење на Преспанскиот договор!
7. Договорот избриша под со принципите и целите на Повелбата на ООН-посебно со оној за суверена еднаквост на сите држави (член 2, став 1), како и со правната еднаквост на државите. Прво, ако некој успее да ја пронајде Република Македонија како договорна страна во договоров, како правен субјект со право да презема обврски и да има права како меѓународен субјект, и второ, ако некој може да ја лоцира суверената еднаквост на Македонија во однос на Грција во споров, го молам да ми пише!
Договорот го патосира членот 2, став 7 од Повелбата на ООН што се однесува на забраната за мешање на една членка или организација во строгата внатрешна јурисдикција на која било друга држава! Со овој квази-договор на „втората страна“ што наводно треба да биде Република Македонија и се наложуваат од првата страна, односно Хеленската република обврски што влегуваат во строгата внатрешна правна јурисдикција на Македонија. Практично ваквото кршење покажа колку на ООН и на Грција им е гајле за нашиот суверенитет и за нашиот внатрешен уставно-правен поредок. Со договорот „првата страна“ на ултимативен начин и наложува на „втората страна“ да го смени својот Устав што е невидено и нечуено однесување меѓу две еднакви суверени држави на меѓународната сцена до сега! Ниту една држава не смее да биде натерана да менува Устав под притисок на склучен билатерален договор што нема карактер на договор туку на ултиматум! Уставот е највисок правен акт на една држава, преку Уставот државата ја утврдува својата посебност од другите држави, па оттаму ниту една друга држава не смее да ја присилува да го менува тој свој акт! Ова е посебно загарантирано во Завршниот акт од Хелсинки на ОБСЕ каде е утврдена обврската на сите земји да ја почитуваат суверената еднаквост и индивидуалноста на државите, како и правата што произлегуваат од суверенитетот, вклучително и правото на секоја држава на правна еднаквост, територијален интегритет, и политичка независност. За каква правна еднаквост зборуваат СДС и ДУИ кога Грција буквално ни го пишува Уставот, ни диктира што треба да смениме во законите, кое име да го користиме дома, кои придавки смееме, а кои не смееме да ги употребуваме…За каква политичка независност зборуваме кога со Преспанскиот договор Грција ни се наметнува како класичен тутор или старател кој ќе ни кажува што и како смееме да правиме, а што не смееме ни да помислиме да направиме!
8. Со Преспанскиот договор се закопаа сите меѓународно утврдени принципи дека спор за државни имиња не може да постои и дека таков спор не може да биде решен со политички ултиматум скриен во некаков квази-договор! Од друга страна, со договорот инфлагранти ни се забранува да имаме свое име и свој национален и личен идентитет иако тоа не може да се случи без да бидат повредени бројни одредби од меѓународните и европските документи за човековите права. И не е само правото на самоопределување повредено, и не е само правото да се има свој идентитет и свое име згазено, туку и правото да се има лично и национално достоинство, личен и национален интегритет и чест како апсолутни, неоттуѓиви права кои не смеат да бидат повредени никогаш и од никого.
Нека им објаснат Никола Димитров и Зоран Заев на народот во кој член од договорот го заштитиле правото на Македонците да направат свој избор за име и идентитет, и правото да го развиваат својот политички, општествен, економски и културен систем, како и правото да донесуваат свои закони и Устав? Наместо бесмислени и лажни теми што се форсираат во референдумската кампања, Димитров, Заев и Шеќеринска треба да му објаснат на народот зошто Македонија се откажа од своето меѓународно право како држава да го развива самостојно својот политички, културен, општествен и економски систем? Требаше да објаснат зошто не принудуваат да го прифатиме овој капитулантски договор со ултимативна природа како историски и најдобар иако гледаме дека истиот создава обврски само за нашата страна и сериозно создава нова држава, ново име, нова историја, нов идентитет, нови обележја и нова сегашност и иднина на Македонците! Зошто не му објаснат на Македонскиот народ дека засекогаш го бришат, дека го сведоа на граѓани на Република Северна Македонија, дека нема да постои македонска нација во идната Република Северна Македонија? Зошто ја избришаа националната припадност? Од која причина националната припадност ја измешаа со државјанството?
9. Договорот повикува на принципите и вредностите на Советот на Европа, почит кон човековите права, развој на демократијата и достоинството, а со неговата содржина флагрантно се повредуваат и поништуваат фундаменталните права на Македонците да имаат право на достоинство, да имаат право на свој културен и национален идентитет во согласност со правото на самоопределување и меѓународното право на човековите права!
Договорот е составен и содржински уредува материја што е спротивна и во директен конфликт со пропишаните jus cogens норми кои се апсолутни, неменливи и кои не смеат да бидат повредени од никого, а најмалку од претставниците на ООН и на ЕУ. Како спротивен на меѓународното право овој договор мора да биде поништен! Ништовноста на овој договор како наше барање е и поради заштита на Виенската конвенција за договорното право, на член 42, став 1 кој гласи: „1. Важноста на договорот или согласноста на државите да бидат обврзани со овој договор може да се оспори само врз основа на оваа конвенција“.
Член 44, став 2 од Конвенцијата вели: 2. На причина за ништовност или гаснење на договорот, повлекувањето на една членка или прекинувањето на примената на договорот што го признава оваа конвенција може да се повикува само во поглед на целиот договор, освен под условите што се предвидени во следната точка и во член 60. Ништовноста на договорот мора да настапи и поради неговите одредби што се во спротивност со меѓународните jus cogens норми.
Според член 53 од Виенската конвенција за договорно право ништавни се сите договори што се во спротивност со императивните норми на општото меѓународно право (jus cogens). Ништовен е секој договор кој во моментот на неговото склучување е во спротивност со императивните норми на општото меѓународно право! Според Виенската конвенција, како императивна норма на општото меѓународно право се смета секоја норма што ја прифатила и признала целата меѓународна заедница, и за која не е дозволено, ниту допуштено никакво отстапување! Тоа се норми што не можат да бидат изменети со нови договорни норми!
Од член 30, став 1 на Виенската конвенција за договорно право, може да се заклучи дека во дефинирањето на ништовноста поради кршење на императивна норма на општото меѓународно право влегува и член 103 на Повелбата на Обединетите нации кој гласи: ако постои противречност меѓу обврските на две или повеќе членки на Обединетите нации преземени согласно оваа Повелба, од една, и обврските кои произлегуваат од кој било друг меѓународен договор, ПРЕОВЛАДУВААТ, ИЛИ СЕ ЗЕМААТ ПРЕДВИД ОБВРСКИТЕ УТВРДЕНИ ВО ПОВЕЛБАТА! Во нашиов случај, меѓународниот договор е во спротивност со принципите и целите на Повелбата на ООН.
(продолжува)
Каракамишева – volume 2
