Отворено писмо од проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска
До претставниците на Владата и на Собранието на Република Македонија
НЕ ПРИФАЌАМ ДА БИДАМ ГОРНОМАКЕДОНИЏАНКА ИЛИ БИЛО ШТО ДРУГО,
ЈАС СУМ И ОСТАНУВАМ МАКЕДОНКА!
Ја информирам Владата и Собранието на Република Македонија дека како граѓанин на Република Македонија, но и како редовен професор по право, јас, д-р Тања Каракамишева-Јовановска нема да прифатам мојот идентитет и име на национално припаѓање да бидат насилно променети со кое било друго име различно од Македонка. Секое насилно преименување на националната припадност што евентуално би дошло како резултат на некаква владина одлука, или каков било друг договор што би се склучил без согласност на Македонскиот народ ќе го сметам за чин на геноцид извршен врз Македонците, геноцид извршен преку флагрантно кршење на фундаменталните човекови права и слободи гарантирани во Уставот на Македонија и во меѓународното право.
Јавно изјавувам дека нема да прифатам да бидам обезличена и преименувана на друг начин. Јас сум родена Македонка, моите претци и родители биле и се Македонци, моите деца се Македонци.
Меѓународното и домашното право мораат да бидат почитувани од страна на сите претставници во Владата и во Собранието на Република Македонија. Меѓународното право мора да биде почитувано и од страна на Грчката влада, како и од сите други влади во светот, од страна на сите меѓународни организации, и од страна на сите поединци во светот.
Ако само за Македонците не важи меѓународното право, тогаш Македонските државни институции МОРА ДА СЕ БОРАТ СО СИТЕ ПРАВНИ И ПОЛИТИЧКИ СРЕДСТВА ДА СЕ ОБЕЗБЕДИ НЕГОВА БЕЗУСЛОВНА ПРИМЕНА, а не да потклекнуваат на политичките уцени и притисоци од поголемите и помоќните држави.
Ако меѓународното право капитулира за Македонците, тогаш тоа мора да капитулира и за Грците, Бугарите, Албанците, Чесите, Швеѓаните, Америкаците, Германците, за сите. Не може за едни народи да важи, за други да не важи. Меѓународното право е универзално право со важност и со примена за сите.
Токму меѓународното право го вели следново:
- Принципот и фундаменталното право на самоопределување на Македонскиот народ е предвидено и загарантирано во меѓународното право за човековите права. Ова право на Македонците, како и на останатите народи во светот, е неприкосновено, со апсолутен карактер, и Македонците имаат право да го применуваат на еднаков начин и универзално, насекаде како и сите други народи.
- Гарантирањето на правото на самоопределување на Македонците е клучен предуслов да се превенираат можни конфликти меѓу народите на Балканот. Правото на самоопределување не е само обично право на мојот народ. Преку неговата заштита се обезбедува заштита од можни поголеми судири меѓу државите и народите на Балканот, но и пошироко.
- Правото на самоопределување на Македонците ја гарантира идентитетската посебност и самостојност на Македонците, нивната културна различност. Ова секако има влијание и на подобрувањето на економската самоодржливост, на ефективното и полноправно учество на Македонците како еднакви и недискриминирани субјекти во меѓународниот поредок.
- Правото на самоопределување на Македонците значи непречено остварување на нивното право да имаат сопственост над својата земја, непречено да го остваруваат својот суверенитет во Македонија, да имаат духовна слобода, да ги уживаат сите загарантирани права и слободи, како и да им се заштити колективниот идентитет и достоинство.
- Императив на меѓународната заедница е да ги заштити сите народи, нивните влади, индивидуи, корпорации од сите форми на акции и дејствувања што имаат за резултат негирање или отфрлање на правото да се остварува правото на самоопределување на народите.
- Императив на ООН, на ЕУ, на Советот на Европа, на ОБСЕ, и на другите организации е да застанат во одбрана на народите на кои им се заканува демографска агресија или манипулација, им се заканува културна асимилација, и уништување на националната посебност клучна за опстанокот на народите како посебен вид.
- Универзалното чувство за почит кон културната и националната различност на сите народи во светот и подлабокото разбирање на правото на самоопределување на секој од нив е клучен елемент на политиката за промовирање мир во сите делови на светот.
Принципот на самоопределување е утврден во член 1 од Повелбата на ООН.
Со неговото вклучување во Повелбата, овој принцип добива универзален карактер, применлив за сите народи во светот. Тој се утврдува како најфундаментален принцип за одржување на пријателските односи меѓу народите, и зачувување на мирот меѓу државите.
Овој принцип е признат како право на сите народи и во член 1 од Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, и во Меѓународниот пакт за економски, социјални и културни права од 1976 година. Во член 1, став 1 на двата пакта стои дека: „Сите народи имаат право на самоопределување. Врз основа на ова право народите слободно го определуваат својот политички статус, и слободното остварување на сопствениот економски, социјален и културен развој“.
Правото на самоопределување на народите е признато и во Декларацијата за принципите на меѓунарното право што се однесуваат на пријателските односи и соработка меѓу државите усвоена на Генералното собрание на ООН во 1970 година, признато е и во Завршниот Хелсиншки акт на ОБСЕ од 1975 година, во Париската повелба на ОБСЕ од 1990 година, во Виенската Декларација и програма за акција од 1993 година.
Правото на самоопределување е посебно афирмирано од Меѓународниот суд на правдата во случајот со Намибија, случајот со Западна Сахара, и во случајот со Источен Тимор. Во сите три случаи, Судот го има потврдено правото на самоопределување како право со карактер erga omnes.
Содржината и обемот на правото на самоопределување е утврден и од страна на Комитетот за човековите права на ООН, како и од Комитетот за елиминација на расната дискриминација на ООН од страна на еминентни меѓународни правници. Токму овие две експертски тела имаат констатирано дека правото на самоопределување е дел од т.н. „цврсто право“ афирмирано во неколку наврати и од страна на УНЕСКО.
Правото на самоопределување е дефинирано како право на постоење на еден народ во смисла на Конвенцијата на ООН за превенција и казнување од криминал сторен со геноцид од 1951 година. Принципот и фундаменталното право на самоопределување на сите народи се стриктно воспоставени и заштитени во меѓународното право.
Со неговото вклучување во Меѓународниот пакт за човековите права и во Виенската декларација и програма за акција е утврдено дека самоопределувањето е интегрален дел од правото на човековите права што има универзална примена. Истовремено е признато дека усогласеноста со правото на самоопределување е фундаментален услов за остварување и уживање и на другите човекови права и фундаментални слободи, без разлика дали станува збор за граѓански, политички, економски, културни или права од друг вид.
Концептот на самоопределување е многу моќен.
Или како што вели познатиот автор Wolfgang Danspeckgruber: “Ниту еден друг концепт не е помоќен, поемотивен, понепослушен во креирањето аспирации и надежи од самоопределувањето. Тој буди многу емоции, очекувања, и живот на неговите носители“.
Токму од горенабројаните причини нема да дозволиме да ни ги одземете нашите емоции, вредности, инспирации, надежи и очекувања како Македонци!
Не само што немате право на тоа, НИЕ НЕ ВИ ДАВАМЕ ПРАВО ДА ГО СТОРИТЕ ТОА!