Почитувани граѓани на Македонија, не опуштајте се, нема здивнување. Ништо не е готово, ништо не е решено, Македонија не е спасена. Од Зоран Заев не може да нѐ куртули ни Господ. Идиотите никогаш не се откажуваат. Се лаже секој што помислил дека со оваа, за секој разумен човек сосема очекувана, а всушност најобична рутинска блокада на Бугарија во ЕУ, е ставен крај на нашите маки. Не, не, ни бугарските политички идиоти не се откажуваат. На недоодливиот пат кон Никаде ќе се нагледаме уште многу такви уценувачки, (н)евро-интеграциски штосови, и од нив, и од Грција, а, верувајте, ќе дочекаме тоа да ни се случи дури и со Албанија, но и со некои други земји, се разбира, од поинакви причини. Пред Македонија има уште многу челични, цврсто затворени и непробојни, па, без цена на целосна саможртва, и непреодни порти, како оваа на Бугарија, и затоа е во сериозна заблуда секој што се понадевал дека Заев сега ќе престане и натаму безочно да ги понижува Македонија и македонскиот народ. На тешките, неизлечливи психо-социопати од форматот на Заев ваквите екстремни предизвици само им даваат нова, невидена сила, енергија, агресивност и најмонструозни идеи во спроведувањето на своите мрачни, патолошки цели. Токму сега, на оваа најтешка, решавачка делница на патот на уништувањето на Македонија и на сѐ што е македонско ќе го видиме неговото најужасно демонско лице на глупав диктатор, велепредавник и лигав слуга на туѓинските, окупаторски и ништителски интереси во нашата татковина, бидејќи тој, едноставно, мора да „успее“ во својот лудачки наум, и во тоа ќе оди до крај. Ни следат навистина тешки денови, недели и месеци, можеби и години, бидејќи за одржување на нацијата во таква долга мортална хибернација Заев, освен тони и тони слаткозборливи лаги и празни „оптимистични“ ветувања, како моќна институционална алатка на располагање го има и својот бескрупулозен, извежбан и разработен злосторнички, квислиншки и големоалбански тим, подготвен, како и досега, се разбира, од најразлични егоистични или политички интереси, цврсто да стои зад него и до крај да го следи на тој мрачен, деструктивен, безизлезен пат. А тука е и смртно молчаливата македонска интелигенција, алал да ѝ е! За неа молчењето е злато, а за криминалецот Заев – одобрување.
Оние, пак, во македонската политичка опозиција, што се понадеваа дека „сега му е мајката“ за оставки и паѓање на владата, треба да се свестат дека тоа никако нема да се случи. Таквите нешта не се случуваат во опскруни, самозаљубени диктаторски режими како овој на Заев, и особено не во оние што се поддржани од меѓународната заедница, од кои и да е нивни причини. Впрочем, од владата веќе препотентно ја отфрлија секаква примисла за нивна оставка. Им се може, бидејќи, всушност, и нема кој да ги урне.
Од друга страна, „неочекуваниот инцидент“ со блокадата на Македонија, на ЕУ баш ѝ добредојде како потребно и пожелно интермецо, како мал одмор од хистеричните задишани заевски, димитровски, османовски и општополитички македонски натрчувања, притисоци и романтични ЕУ-воздишки. Навистина, таа хистерија ЕУ сама си ја свари со преиздашните, „несебични“ празни ветувања и величања на Заев и на неговата мизерна багра, со циркускиот шарен и бучен карусел на „доделување“ Нобелови и какви ми ти сѐ не награди и признанија за мир, космополитизам и човекови права. Всушност, сето она што воопшто досега се случи во насока на божемното „доближување“ до моментот на „започнување“ на процесот на преговорите, па и оној случај со изнудената fake-одлука за таква согласност, е резултат, или подобро, последица, од една страна, на неисцрпните и неуморни европски лаги и замајувања на македонската политика и на македонската јавност дека тоа секако наскоро, безмалу веќе утре, ќе се случи, иако за такво нешто немало и нема ниту збор, а сѐ во интерес на постапното, долгорочно манипулирање и цврсто овладување, и политичко и економско покорување на Македонија, како еден од највиталните геостратешки простори на Балканот, и од друга страна, на нашата домашна масовна хистеризација и хипевентилација и губење здив од страв дека ќе умреме од беда и глад, и оти ќе нѐ снема ако веднаш не влеземе во ЕУ и во НАТО. Не велам, притоа, дека меѓу европските земји нема и такви што искрено ни сакаат добро, и што веруваат во процесот на проширување и во позитивните ефекти од тие процеси, но треба да биде јасно дека во моментов Европа за тоа е сосема неспособна, едноставно ја нема потребната, па ни нужната внатрешна кохезија, ниту пак доволно позитивна енергија и волја тоа да го оствари, и тоа не само на соодветен цивилизиран начин, како што тоа би било нормално – туку никако.
Во невидената општа агонија поради ковид епидемијата, која кризата од незапомнети димензии од разнишаното здравство, што насекаде пука по шавовите, застрашувачки ја прелеа и врз економијата, со што се борат сите земји во ЕУ, и тоа главно секоја за себе и секоја на свој начин, – зашто од предвидените и договорени 1800 милијарди евра за наредниот седмогодишен буџет и за економска помош поради ковид кризата, досега никому не е дозначено ниту едно евро (a во меѓувреме, Полска, Унгарија и Словенија на сето тоа дури ставија вето), – прашањето на проширувањето на ЕУ им е препуштено на европските комесари, портпаролите и другите добро платени ситни бирократски риби. Рамнодушниот, дури како мраз студен дипломатски став на Ангела Меркел, упатен неодамна од Софија, дека, кога станува збор за односот помеѓу Бугарија и Македонија, двете држави треба да се договорат, буквално значи само едно: Македонија мора да ги прифати екстремните барањата на Бугарија, или за неа проширување нема да има. А сите многу добро се сеќаваме со колкава „страст“, насрченост и агресивен политички ангажман Ангела Меркел дојде во Македонија да му даде поддршка на велепредавникот Заев и да го уверува македонскиот народ да се самопоништи на референдумот за името. Такви беа, си спомнувате, и сите до еден од нејзините европски колеги, кои со иста морбидна цел тогаш ходочастеа во Македонија, или ни испраќаа најразлични заканувачки видео-пораки за изолација и други антицивилизациски глупости. А каде е сега таа голема „европска“ страст и неизмерна „европска“ грижа за Македонија на Ангела Меркел и на ЕУ? Се истопи, омлитаве, ишчезна, како што, еве, се истопи, омлитаве и ишчезна дури и перверзната „надеж“ на Заев, Димитров, Османи и нивната багра дека вратата на ЕУ ќе ни се отвори без нови, неограничени количества и новоизмислени форми на мизерни лазења, понижувања и велепредавства.
Што се однесува до тнр. „најважна политичарка на денешнината“, Ангела Меркел, овде читај: Европска Унија, засега таа/тие смирено, ладнокрвно, топчето го вратија во балканскиот двор, а тука се знае како се игра – бесконечно, со уцени и изнудување до исцрпување, доколку баш не е можна некоја нова брза освојувачка војна „со која сѐ ќе се реши“ според старите, проверени урнеци на крв, смрт, палеж, грабеж и раселување. Се разбира, во еден евентуален таков случај Европа, како вообичаено, веднаш ќе „дотрча“ да се најде тука „цивилизациски“ и „хуманистички“ да нѐ мири и одново да ни ги исцртува границите. Што се однесува, пак, до невиденото, незапирливо и неизлечливо заевско и големоалбанско лудило, според мене, никакво сценарио не е исклучено, па ни тоа најцрно, колку тоа и да се чини неверојатно. Во август 1914 година, пред Сараевскиот атентат, никој ни не помислувал дека ќе има светска војна, а таа сепак тик-так се случи, и тоа на најстрашен можен начин. Македонското и балканското политичко свлечиште, со Заев кој не престанува да поткопува и да урива сѐ што е цврсто вкоренето и стабилно, од една страна, и од друга страна, оваа и ваква однатре организациски разнишана, раскашавена, всушност виртуална и морално сосема каллива ЕУ претставуваат апсолутно погодна почва за такви катаклизматични разврски. Зашто, видовме, Бугарија е решена со своите фашистички барања да оди до крај, до истребување, а според најновата, евтино компромисерска изјава на Заев за Гоце Делчев, која треба да најави попуштање на македонските позиции и повторно враќање во играта на оној негов познат, заевски, велепредавнички начин, и тој ја покажува истата готовност да оди до таков идентичен (бугарски, фашистички) крај, т.е. до целосно поништување на македонскиот народ, на македонскиот идентитет и на македонскиот јазик. Немерливо длабоката (политичка) пукнатина и раскол што во македонскиот народ ја предизвикаа велепредавничките политики на Заев, сега, со можното прифаќање на бугарските уцени за безусловно самопоништување, можат да доведат само до уште потешки, непремостливи тензии внатре во ионака поделениот, оправдано лут и веќе разгорен македонски народ, со неизмерни трагични последици, немири, па и голем граѓански судир, што, се разбира, е еуфемизам за она што не сакам ни да го помислам, а не да го изговорам. Зашто, во изминативе за Македонија и за македонскиот народ ужасни четири години, со серијата последователни длабоки понижувања и велепредавства на Заев, Димитров, Шекеринска и нивните големоалбански компањони, навистина се допрени сите крајни и непремостливи граници на трпението на секој оној што се чувствува како Македонец, но и на секој македонски граѓанин што Македонија си ја доживува како своја единствена, сакана татковина. И би било разумно во тоа безобѕирно разнебитување да не се оди ниту педа понатаму. Но лудите се луди затоа што не се разумни, а ние, еве, лудите и „сумашедшите“ во македонската политика не ги сместивме во лудница, или таму кај што им е местото, туку ги пуштивме слободно да лудуваат, да арачат, да нѐ срамотат и манијакално да се изживуваат врз нас од узурпираните царски владетелските фотељи во владата, парламентот и од Водно.
Алдо Климан