ЗНАМЕТО – Flag of our Fathers and Our Ancestors

ЗНАМЕТО - Flag of our Fathers and Our Ancestors

Претенциозно Мартинпротуѓерски наречениот 4-ти Илинден беше последниот клин во ковчегот во кој се наоѓа трупот на Македонија. 70-и-кусур денови сенародна поддршка, шетање по улици, надеж – на крај се испостави дека било предводено од 4 добро платени лика, а раководено по Моторола од Сашо Мијалков.

Целта, не била спасување на Уставот, Името, Државата – туку одработување за конечно убивање на секаква мотивација за митинг, демонстрација, собирање, активизам… Едноставно, после тој 4-ти Илинден (со името и делата им се помочавме на предходните три велелепни Илиндени), кога беше убиена секаква надеж за можна победа на народот, … после тој 4-ти Илинден народот ја загуби вербата и желбата дека нешто може да направи.

Тоа е легасито на Сашо Мијалков, 4-цата лидери на ивентот и дузината “уставобранители“ кои биле на постојана радио врска со началници, инспектори, директори на тајни полиции и министри…

Пред некој ден Ачковска, а пред кратко и Ванковска, се потсетија на сите десетици митинзи каде сите излегувавме, се пребројувавме, се куражевме, се патриотизиравме. Иако, како што вели Ванковска “Миленко не секам да го видам, ама беше на секој митинг“.

4-ти Илинден, 4-мината водачи и нивните шефови Сашо, Мартин, Кире и секако Никола – успеаја комплетно да ја егзекутираат желбата на било кој од нас да митигува.

Додатно, потоа, се појавија карикатури од здруженија, непарламентарни тазе формирани партии и слични удбашки импланти, кои повикувајки да се излезе на нивниот митинг/протест, всушност направија да секој нормален се запрашува и се преиспитува околу мотивот и целта на секој таков настан. Едносавно се загуби вербата во искерноста на било кој организатор.

Затоа веќе нема митинг, протест… Затоа нема излезност дури и за светските денови во борбата против задолжителните маски, вакцинирања. Едноставно, никој веќе нема верба во било кој организатор.

Што да се прави?

Да се смени пристапот, секако.

Дури и најголемите партии СДС и ВМРО не се куражат да прават протести или митинзи, оти не се сигурни во излезноста.

Елоквентноста на Апасиев, како и неговата луцидност на Твитер, останува без теренска активност. Ако за “излегување на улица“ не се сметаат двата бели чаршафи од баба му, кој беа нашкрабани со пораки до татарот.

Другите парламентарни мали партии, и оние од скутот на Мицкоски и оние од скутот на Зајко односно Ќурка, се чеза партии, без можност за никаков индивидуален активизам.

Секако, за сите освен за СДС и ВМРО, прашање е и колку навистина имаат членство?!

Оти ете, мојот предлог да се смени пристапот, можат да го реализираат без улица, а сето да биде видливо, естетски убаво и со јасна порака. Ама сепак мислам дека тие партии, дури и Левица ниту имаат членство, ниту пак членството се претргнува да ја слуша централата.

Инаку, лесно е! Со мојава идеа. Купете 1.000 знамиња со сонцето од Кутлеш, дајте ги на своите членови, нека ги обесат на прозорите или терасите. Ете, како во Барселона, на пример. Сте биле, сте виделе. И обојте го Скопје во златно-црвена комбинација на нашето знаме, знамето на нашите предци.

Ама не иде, нели? Колку члена има Интегра? Родина колкумина се. Кај Бачев двајца или тројца се. И се така по ред. Треба да купат само дузина знамиња, за повеќе немаат членови. Имаат само лидерства кои бараат една изборна единица и да нема праг. И, буџетот да ги финасира.

Левица? Може има неколку илјади луѓе, ама на добар дел од нив знамето ништо не им значи.

Дали ВМРО би пошло во ваква иницијатива? Не! Затоа што PR-от на партијата не знае да смисли PR идеа. А и дали ќе биде прифатена, е следно прашање. Па така, партиските функцинери во таа партија каде на фејсбук имаат знаме од Кутлеш, можат самоиницијативно да си го истакнат на балкон, тераса, јарбол.

СДС? Секако не ни помислуваат.

Во време на 4-ти Илинден и додека работеше Радио Слободна Македонија, наш голем патриот од Шведска Барут Барутовски ми прати пари да ја остварам идеата и да купам 400 големи знамиња (1,5×1,0), исто толку јарболи и околу 2.000 мали знаменца. И, да ги поделам на луѓето што се собираа пред Владата, и пред радиото, на почетокот на секој протест. Знамињата беа разграбени за 5-6 минути до ниво да постоеше опсаност топлата кој навали накај мојот Форд Експлорер да ги испокрши вратите од возилото.

Сега, познавам најмалку 10 средностоечки и богати бизнисмени на кои не им е проблем да набават 1,000 знамиња. Но, кому и преку кого да ги дадат.

Јас лично, не би молел никого. Туку би му погледнал на секого од вас во очи и би го запрашал ИМАШ ЛИ ПОСТАВЕНО НА ВИДНО МЕСТО ЗНАМЕ ОД КУТЛЕШ? Оти јас и брат ми, на 4-те локации на кои живееме/работиме, имаме секаде поставено по едно знаме. Високо, на јарбол, да се вее. Да личи, да краси. Да праќа порака.

Оти едно такво знаме не чини богатсво, ами 350 денари во оние дуќани во приземјето и подрумот на ГТЦ. Веројатно постојат и други продавници. Стапот за знамето е рачка од стара метла – и ете имаме покажување кој е кој.

Во Македонија и Скопје има сиромашни луѓе, секако. Се нафаќам на секој таков јас знаме да му купам. Но, сигурен сум дека има 10 илјади луѓе на кои тие 5 евра еднократно дадени не им претставуваат мака. Знаете ли како убав би личел градот кога низ Автокоманда, Аеродром, К. Вода, Карпош, Ѓ Петров, Бутел 10.000 балкони или тераси би развиориле по едно знаме?

Знаете ли која порака е тоа до сите наши непријатели?

Не вегета циркузанство со знамето. Ами елеганиција, гордост, позитивно чуство.

Кога ќе си го поставите вашето знаме, пишете. А ако веќе го имате поставено – респект.

Миленко Неделковски

Скопје, 22.01.22   11.22 ч.