ЗЛАТОТО НА КОЖУФ

ЗЛАТОТО НА КОЖУФ

Најнапред две работи да се јасни:
Прво, ни пред, ни за време на одржувањето на референдумот, а ни потоа немам заземено став околу (не)градењето на рудник за злато на Кожуф. Едноставно, таа материја ми е непозната, немам доволно податоци и не сакам да донесам неточни заклучоци.
И, второ, решението на народот донесено по пат на највисок демкратски инструмент – референдум, апсолутно го респектирам и почитувам.
Толку за тоа.

ДЕБАТА
Е, сега, малку дебата.
Не постои развој, индустријализација, нови работни места, поголем прилив во буџетите, просперитет – а, природата да не биде повредена. Браната Хувер, или Ѓердап, браните на Јанг Це реката, Панамски или Суецки канал, насипите што ја прошируваат Холандија кон морето, пристаништа, автопати, електро централи, термо централи, гасоводи, нафтоводи, асфалтирани улици, аеродроми – секој поединечен проект ја нарушува природната рамнотежа во одреден дел од светот. И, тоа е цената на развојот на човештвото.
За жал, тоа е ноторна вистина. Брутална реалност. Но е апсолутно точна.
Развојот и природата не одат рака под рака.
Мој пријател од Гевгелија Дарко Прошев, на ФБ дебата кај мене ќе напише: Koncesija Konsko koja opfaka 3000 hektari i plus 1000 hektari konska reka,kolku za komperacija cela Gevgelija lezi na 500 hektari, imase vo plan da go raboti Kanadska firma koja se bavi so eksploatacija na metalicni minerali.Toa znacese seca na sumi so vkupen broj od 5000000 stebla.Za proekt Lukova reka neznam,ali za rudnici za zlato znam deka e katastrofa ne samo za Gevgelija tuku i posiroko za region.Ti barem Milenko pravese ofroad turi koji so zadovolstvo gi gledav i znaese da kazes koga bese na Kozuf deka se osekase kako da si vo Svajcarija i takvi ubavini da gi cuvame.
Три илјади хектари, да преведам, значи големина на Карпош 1, 2, 3 и 4 заедно, но 15 пати поголема. Тоа е огромен простор.
Дека ако се исечат сите наведени милиони стебла, планината ќе биде осакатена, нема збор.
Но, секогаш е прашањето каде е границата помеѓу практичното и потребното. Односно, до кое ниво оштетувањето на природата е “подносливо“, а од кое ниво натаму е неприфатливо?! И е прашањето кој е тој мериторен систем што тоа ќе го одреди?
Градењето на Демир Капија – Смоквица, на пример, ги нарушува ли падините на Кожув? Дивата сеча на Скопска Црна гора, или она на Јакупица или Даутица како да ја третираме?
Плус, медиумските двојни аршини ја доживеаја кулминацијата деновиве. Сите медиумски платеници и медиуми што рикаат од солзи кога Тораница е затворена, па нема плати за вработените, сега во овој случај едногласно се за неотварање на рудник. А, бил ли некој, знае ли некој колку е убав делот од Македонија на Осоговските планини кај Тораница? Колку се убави врвовите Руен и Царев Врв?
Еве, на Дарко да му кажама, дека покрај за Кожува, емисија имам правено и за овој дел од Македонија, на пример. И исто така да му кажам, дека ниту еден од медиумските “бранители“ на проектот за не-отварање на рудник никогаш не направил емисија или репортажа за Кожуф. Никој не се ниту сетил на Кожуф досега. А Миленко тоа го направил дури три пати. Плус, едниот пат е на релација која води од Бохула и Радња до ски центарот. Тоа се простори за кој “бранителите“ на референдумот ниту чуле, ниту знаат кај се. А секако никогаш таму не биле.
А, кога сме кај ски центарот, каква е реакцијата на градот и граѓаните на Гевгелија за градењето на жичарниците таму, населбата за која било потребно исто така да се сече шума? Каква е реакцијата за оној врв, што се гледа од ресторанот на Ски центарот кој со минирање е разрушен од (за мене) познати дивокопачи на злато?
Ова погоре не го пишувам затоа што сум за отварање рудник за злато. Не. Ова го пишувам како реакција на постовите од тазе бранителите на природните убавини на Кожуф, кои на планината се сетија сега. Дури сега.
Ако се сетија малку порано, на пример, ќе реагираа како “новиот“ пат за Ски центарот беше пуштен во употреба без употребна дозвола и без контрола на работите. Па целиот се испосруши и претставува градежен срам за општината и државата.
Колку ми е познато, засега нема одговорност од никого за тој пат и неговата неупотребливост. А да потсетам – тоа е новоизграден пат. Еве Франгов, покрај заканите кон Златев, нека се изјасни и за оваа тема. Како патот, градоначалниче?

ДИЛЕМИТЕ
Дилемата дали на Охрид му се потребни хотели или Езерото, дилемата дали требало да биде мелиоризирано (исушено) Катлановското блато (природниот сунѓер против поплавување на Скопје), дали е потребен автопат Богордица–Табановце или пруга Скопје–Софија – секогаш ќе остане отворена и нерешена.
Тоа е дилемата за што е поарно, змија да те апне, или магаре да ти го бапне.
И, за таква дилема, било кое решение да биде донесено, ќе има страна која ќе тврди дека е погроешно решението. И ќе има страна која ќе каже “успеавме да одбраниме“.

Затоа сметам дека треба да се почитува решението на граѓаните на Ѓевгелија. Но, исто така сметам дека не треба да има љутиш ако некој има и друг став. Оти реално, на Македонија и треба искористување на минералното богатсво.
Така да, за референдум – ДА, За дебата, исто така – ДА.

Миленко Неделковски
На островот Готланд во Балтичкото море,
каде 50.000 жители со референдум не дозволиле
да се експлоатира ураниумовата руда со која
во изобилие располага островот.

26.04.2017