Пост-празнично да направам еден преглед на изјави и настапи на кои ќе дадам свој коментар. Значи свој, како и секогаш, а не напишан во, или натурен од, некој партиски прес центар.
Цврсто стојам на тврдењето дека ние Македонците ништо не можеме да очекуваме од Заев и СДСМ, па затоа единствен излез е правилно насочување на ВМРО ДПМНЕ и неговото раководство, кое под притисокот од уцените во последните три години побајаги губеше правец, немаше компас, луташе и се глупираше.
Моите обиди да укажам на грешки, покажам смерници, дадам идеи за повторно враќање на Македонската опција на власт од разни партиски апаратчици и сега веќе бивши политичари, е третирана како напад или атак. Но, тоа не е. Мојата битка е битка за слобода на говор, размисла, идеи… Битка за нескротливост, бунт, борба, револуција… Ние, сега живушчите, сме само една мала отсечка од неколку милениумската борба на овој народ. Ние сите, вклучително и политичарите што се оболеа од божјиот синдром, сме минливи и смртни. Но, зад нас треба нешто да оставиме.
ГРУЕВСКИ на АЛФА
Како што тоа пластично го објасни Бобан Нонковиќ во својот ФБ пост/колумна од 16-ти ноември: “Сега на ВМРО-ДПМНЕ не му преостанува ништо друго, освен со брзина да влезе во остар свиок назад (полукружно политичко-идеолошко вртење) и да се врати на национализмот, патриотизмот, стратешка неутралност на Македонија во однос на гео-политиката на просторот, тврдо бранење на Македонизмот (македонското име, историја, култура, традиција, јазик) итн“.
Па така, Никола Груевски, “ничим изазваним“, ненадејно гостуваше кај Коле Чашуле (внукот на Коле Чашуле) во петокот навечер на 20-ти октомври во очајнички обид за “U Тurn“.
Во тоа интервју тој, свртувајки “полукружно“, пред се ги истакна темите за: 1. Осудениот старец; 2. Стишување на слободномислечките Македонци; 3. Духот на Македонецот; 4. ДИК; и најважно е број 5. Враќање на ВМРО на својот традиционален идентитет.
Пред да продолжам, морам да напишам дека ИНСИСТИРАМ раководството на ВМРО ДПМНЕ и сите оние со кои токму на точката Бр.5 дебатиравме, аргументиравме, жестоко расправавме, не се согласувавме и се каравме последниве 2-и-кусур години ДА МИ СЕ ИЗВИНАТ. И тоа јавно. Дојде работата на моето, а не на нивната “десно од центар“ стратегија. Груевски во интервјуто ја призна грешката со зборовите: “не е ниту срамота, ниту погрешно да се обидете да освоите други членови и симпатии, но очигледно тоа го направивме многу нагло и не многу вешто“.
Но, јас лично, сепак си чекам извинување.
#1
Што се однесува до точката Бр.1 од иинтервјуто на Алфа, а хајлајт изваден на прес страницата на ВМРО ДПМНЕ, што значи дека било битно за нив, е дволичноста во врска со притворените, судените и осудените учесници на народното неколкучасовно преземање на Собранието на Македонија. На Алфа Никола Груевски на таа тема вели: “Тие беа понесени од емоцијата, беа понесени од желбата да помогнат на Македонија, да не се крши Уставот, да не и се случува на Македонија, тоа што ќе и се случи“. Но, ако се земе неговата изјава утрото на 28-ми април, таму пораките се сосема спротивни од овие на Алфа. Па така таму тој кажа дека: “сакам да го осудам насилството кои поединци го направија“. Потоа: “Никогаш не сум оправдувал насилство, независно кој и зошто го предизвикал“. За да заклучи со: “Повикувам институциите да направат брза и ефикасна истрага, и да ги откријат виновниците и да обезбедат докази, а веднаш потоа да ги изведат пред суд оние кои им нанесоа повреди на пратениците“. Мислам дека е очебијно дека изјавата минатиот петок “Тие беа понесени од емоција“ е дијаметрално различна и е после-смрт-болест.
#2
Што се однесува до точката Бр. 2 за “стишување на слободномислечките Македонци“ неодоливо ми се наметнуваат безбројните примери на згаснување на МПМ, пред се Дневник со Мирка Велиновска и Дарко Јаневски, елиминирањето на Драган Павловиќ Латас, набркувањето на Бобан Нонковиќ од дописничкото место во Брисел, бркањето на Јанко Илковски – Јади Бурек од Сител и Васко Ефтов од Канал 5, необјавувањето на колумните на Стефан Влахов Мицов… Секако и себе си можам да се додадам на овој список, со прашањето: Што направи ВМРО ДПМНЕ да ги одбрани и да помогне да не бидат елиминарни овие слободномислечки Македонци?!
Уште еднаш: ШТО НАПРАВИ?
#3 и #4
За точките Бр. 3 и Бр. 4, односно за нескршливоста на духот на Македонецот и на ДИК, веќе се изнапишав 100 пати. Останува отворено прашањето, кога веќе нели ДИК “замижал“ пред нерегуларностите, зошто ВМРО ДПМНЕ и Никола Груевски не го спороведоа своето право на чело на ДИК да е кадар на опозицијата? Зошто дозволија Чичаковски малку да дремне, па малку седница да направи? И крајно, сите приговори да ги одбие!? Зошто началството на ВМРО ДПМНЕ не инсистираше на остварување на своите права, што на народот во Македонија ќе му овозможеше фер и транспарентно пребројување на гласовите?
И зошто не беше повикано членството и симпатизерите да излезат пред ДИК и Собрание за да бараат да им се испочитуваат правата кои им припаѓаат?
Прашањето останува: ЗОШТО, бе?
ВИКЕНДОТ НА АЛФА ТВ
Политичката програма на Алфа ТВ во двата дена од викендот зад нас разгологази и пушти низ вода два лика: Владмир Божиновски Влајко и Васко Ефтов.
Со Нонковиќ, уште во четвртокот, имавме инфо дека генералниот секретар Мицковски и лидерот Груевски, после внатрепартиската анализа, дошле до заклучок дека главен виновник за поразот на ВМРО ДПМНЕ на 15-ти октомври и очајно лошите резилтати од 11 декември лани бил Владимир Влајко Божиновски, односно неговата рејтинга агенција и испитувањата на истата. Односно, ВМРО ДПМНЕ толку многу верувала на овие мерења и предвидувања (како своевремено Јадранка Костова и друштво во мерењата на Рејтинг на фамилија Спасовски), што си биле уверени во својата победа и пред да има гласање. И на Бобан и на мене ова ни беше не до крај потврдено, па не го објавуваме, но обелоденувањето на “соработката“ на Влајко со странските мокни амбасадори, ни потврди дека заклучокот на Груевски и Мицковски директно му е пренесен на Ефтов за да го стави во својата емисија.
За жал по извршителов, лукративниот нео-преторијанец Ефтов, викендов и тој беше пуштен низ вода од страна на раководството на ВМРО ДПМНЕ. Имено, емисијата која тој ја измонторал и предал на Алфа ТВ во текот на работната недела е правена со тези и тактики за одбрана на поразот на ВМРО ДПМНЕ и обидот да нема одговорнсот и одговорни. Односно, имало “11 победи и само еден пораз“. Божем ова е фудбал. За жал по тезите и тврдењата на емисијата на Ефтов која е монтирана во текот на делниците минатата недела, а емитувана во ден недела, емисијата во која гостуваше Никола Груевски одеше во живо во петок навечер. Односно Ефтов не знаел, кога монтирал, за U Turn-от на Никола Груевски и ВМРО ДПМНЕ. Па така, сите тези на Груевски кај Чашуле се во комплетна спротивност со она што како наредба добил и ја извршил Евфтов во својата емисија.
Таа какафонија е слика на грогиран боксер кој се тетерави низ рингот чекајки ударот во гонгот да го спаси барем на една минутка.
Ај што ВМРО ДПМНЕ со промената на ставовите и стратегијата, значи одејки кон традиционалната десница а бегајки од граѓанската која ја застапува Ефтов, го пушти низ вода поранешниот заљубеник во Бранко Црвенковски, ами и тој самиот се џитна од мост.
Имено, во емисија без реклами (ни Мите Кожувчанка, ни Жико Алкалоид…), што значи платена дирекно од ВМРО ДПМНЕ, бидејки во Алфа ТВ пари нема, тој во само 90 секунди разлика тврдеше дека “на граѓаните им е дојдено преку глава од насилство“, па ги казниле Бранко Црвенковски за оние настани од 24 декември 2012, а Груевски за она од 27 арил 2017-та. Односно дека не може веќе да се освојува власт со сила, со немири, со бунтови… Веднаш потоа констатираше дека СДСМ дошла на власт со бунтови, протести, немири, кршење, уривање, непочитување на ред и поредок…
МИТИНГОТ ВО ШТИП
Како дел од продолжениот викенд беше и понеделникот како празник.
ВМРО ДПМНЕ и Груевски му се обратја на Македонецот и на другите граѓани гласачи од Штип.
Од 20 минутниот говор, мене ми се врежаа две реченици.
Најнапред: “А оние луѓе кои ги малтретирате по притвори и затвори, ќе ја имаат нашата помош и поддршка, и ќе дојде време кога ќе се осветли и тој дел“. Ако искрено го мисли ова Груевски, прашањето е како до сега не се обезбедија адвокати да го бранат дедо Панче, Горан од Велес, Игор од Куманово, Пепи од Драчево? Поддршката, мора да признае началството на ВМРО ДПМНЕ до задвчера комплетно недостасуваше.
И втората, исклучително значајна реченица на Никола Груевски е: “И оние кои денес не се согласуваат со нас, но го имаат ВМРО во срцето и во душата се важни и значајни, и се добредојдени“. Ова е охрабрувачка реченица. Но, доколку е ова искрено кажано, доколку тој тоа навистина го мисли, важно е да се напомене дека народот мудро кажал НЕКАНЕТ ГОСТ МОЛЧИТ КАКО ЌОС.