(ретро)
д-р Тони Науновски
ХАШКИТЕ СЛУЧАИ И ПРЕДАВСТВОТО НА ВМРО-ДПМНЕ
Севкупната Македонска историја изобилува со одлуки кои индиректно или директно, на краток или на подолг временски рок, се покажуваат како антимакедонски, односно во целост спротивни на клучните Македонски национални интереси. По конституирањето на нашата современа држава, колективните надежи и мечти на Македонскиот народ во голем дел беа засновани на уверувањето дека никогаш повеќе ниту еден легитимен и легален претставник на државата, стекната со многу крв и солзи, нема да направи ниту една постапка која макар и најмалку би била во спротивност со Македонските интереси. Очекувањата, за жал, брзо беа уништени, а надежта и довербата во политичките партии и институциите на системот изневерени. Меѓутоа, за овие дваесетина години, иако има бројни и докажани примери на антинационални одлуки (потпишувањето на времената спогодба со Грција, охридскиот рамковен договор итн.), сепак, никогаш не се памети вакво најдиректно, најбесрамно предавство на Македонскиот народ, Македонската држава и историја. Станува збор за „коалициониот“ договор помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и УЧК-ДУИ за „затворање“ на хашките случаи преку некакво си „автентично толкување“ во собранието. Со други зборови, направен е договор за уништување и своевидно историско поништување на хашките случаи, нивно истргнување од меморијата на Македонскиот народ и официјалната Македонска историја.
Колку за потсетување – додека Јохан Тарчуловски е во затвор, речиси сигурно поради политички притисоци и интереси на некои држави и меѓународната политика (за која е докажано дека не почитува никакви правни или природно-историски аргументи туку исклучиво интереси и брутална сила) – хашкиот трибунал ги врати четирите хашки случаи во кои има докази за воени злосторства направени од УЧК-ОНА за време на нападот врз Македонија. Откако наводно тие не пронашле докази за воени злосторства, а кои патем кажано ги има многу повеќе отколку во случајот со Македонскиот херој Јохан, истите досиеја беа вратени на македонските судови за понатамошно процесуирање. Тогашниот премиер од СДСМ, како што сепак дознавме и покрај обидите за манипулации и лажење на Македонскиот народ – дури и не сакал да ги прими односно да ги земе тие досиеја(!), затоа што во тој период беше, исто како ВМРО-ДПМНЕ денес, во коалиција со продолжувачите-наследниците на УЧК-ОНА. И наместо во 2006 г. новата власт односно партијата која се претставува како најпатриотска и најнационална, па и како легитимен наследник на идеологијата на ВМРО конечно да ја зацврсти државноста на Македонија, владеењето на правото и законите и преку институциите на системот да ги процесуира хашките случаи во надлежните судови, тие се „договорија“ да ги поништат, преку некаква форма на „автентично толкување“!
А автентичното толкување е едно – зарем некој Македонец ги заборавил сликите на измасакрираните војници и полицајци во вејце? Зарем некој Македонец ги заборави сликите на разнесените со динамит цивили од мотелот Бриони? Зарем ние, Македонците, ќе ги заборавиме сликите на врежаните (со жилет) знаци и натписи „УЧК“ на телата на силуваните цивили-работници? Или сите жители на Куманово треба да ги заборават сувите чешми, среде лето, во воената 2001 г.? Како ВМРО-ДПМНЕ ќе им објасни на родителите, децата и роднините на убиените, како ќе им кажат на Македонците дека овие очигледни случаи на воени злосторства треба да ги заборавиме, да се преправаме дека никогаш не ни се случиле, како? Зарем Македонците, кои доживеаја истите тие кои командно па и најдиректно се одговорни (дури можеби и како непосредни извршители – како што видовме од оној случај кој започна во скопскиот суд, а потоа наеднаш мистериозно престана) за ѕверствата врз Македонци да бидат пратеници кои (каков апсурд!) ние ги плаќаме, министри, директори, началници во полиција итн., сега треба да ја изгубат и надежта во правдата, во човечноста на своите политичари кои ги избрале да работат според законите и Уставот?!
Дека со овој договор еднаш засекогаш ќе му стане јасно на Македонскиот народ дека нема голема разлика помеѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ во однос на предавствата, и дека митот за ВМРО-ДПМНЕ е само празна приказна за освојување на власта, е сосема очигледно. Дека по оваа одлука ВМРО-ДПМНЕ повеќе нема да биде ВМРО, и тоа е јасно. Дека ние Македонците ќе доживееме дефинитивно паѓање како нација, и ќе го загубиме својот исконски национален идентитет – се процеси кои дополнително и конечно ќе го забрзаат губењето на колективната верба и енергија за оддржување на својата национална држава – е повеќе од ужасен факт. А дека солзите на Македонците се премногу ефтини за политичарите Македонци, тоа е сознанието кое ќе ја уништи нашата држава, нашата напатена Македонија! Еден ден, сепак поинаку ќе ги интерпретираме т.н. Хашки случаи, односно ќе дадеме вистинско, автентично толкување, и одговорните ќе бидат изведени пред лицето на правдата, пред институциите на системот во државата Македонија.