ДИМОВСКИ

ДИМОВСКИ

http://dnevnik.mk/?ItemID=64354734D8B67A48BDDB73463CF0644D

Датум: 25.08.2014, 17:01
СТАВ

СДСМ РАБОТИ ВРЗ ПОГРЕШНИ ПАРАМЕТРИ

Политичката есен е на прагот. Иако температурите и интересот на граѓаните с` уште диктираат многу покомотен однос кон тековните политички прашања и предизвици, уште отсега се издвојуваат неколку точки во дејствувањето на политичките фактори во следните неколку месеци. На сцена има повеќе прашања – уставните измени во седум-осум точки, за кои постои очигледен широк општествен консензус, економските политики со ребалансот на буџетот и промените во правилата за пензиското и здравственото осигурување, интензивната инфраструктурна изградба на повеќе позиции низ републиката финансирана од државни фондови, набрзо ќе стигне и извештајот на Европската Унија за напредокот на Република Македонија, обидите на Метју Нимиц за придвижување на наметнатиот проблем, а и застој од страна на Грција – кои се само дел од многу значајните и суштински процеси. Но, тоа што очигледно привлекува најголемо внимание, иако следствено нема најголемо суштинско значење, е односот на опозицискиот СДСМ и нејзините коалициски партнери кон Собранието на Република Македонија како највисок законодавен орган во државата.

Надежите што ги негуваа, пред с`, претставниците на меѓународната зедница во Македонија дека со завршување на летото во врвот на СДСМ ќе преовладаат разумот и рационалноста, очигледно стануваат нереални. СДСМ продолжува да го слуша и да го следи гласот на неколку бивши министри и функционери на СДСМ (од периодот на деведесеттите години) со гласот на фондации, невладини организации и новинари, кои, за жал, се под нивна директна финансиска контрола. Во СДСМ нема доволно сила, која со разум и реална политика би им се спротивставила прво на деструктивците во своите редови, а потоа на владејачките партии. Во СДСМ има сила што работи по принципот колку полошо за државата, толку подобро за нивната партија. Ако некому досега му беа нејасни, неразбирливи, па дури и неприфатливи тезите што доаѓаа од ВМРО-ДПМНЕ дека СДСМ би сторила с за да ги наруши севкупните односи во државата (политички, економски, финансиски, па дури и меѓуетнички и меѓуконфесионални) с` со цел да ја влоши позицијата на власта, да ја изолира и внатре и надвор од државата и да се наметне како единствена целина што може да управува, сега, по неколку месеци еклатантна деструкција, треба да му е совршено јасно.

Во СДСМ постојат голем број индивидуалци што не се согласуваат со оваа политика на својата партија. Знам дека и во таа структура има луѓе на кои државниот интерес им е далеку пред партискиот или политичкиот интерес на неколку луѓе во врвот на СДСМ. Но, за жал, таа групација на луѓе ниту ги има фондовите на Сорос ниту ги има доброинсталираните фамилијарни лози по разни невладини организации, ниту ги контролира парите што протекуваат до проопозициските медиуми и новинари задолжени за поддршка на деструктивната политика. Таа структура и тој оперативен капацитет очигледно се под команда на едни исти луѓе, кои дваесетина години од позадина, без да се изложат на избори и легитимација пред граѓаните, имаат желба да ги насочуваат и да одлучуваат за сите клучни политички прашања и процеси.

Ако некому не му е јасно зошто осум години во секоја пригода и непригода СДСМ се обидува на маса да стави некоја форма на заедничко владеење (техничка влада, голема влада, концентрациона влада, влада на големите партии,…) денес треба да разбере дека тие луѓе што од заднина ги диктираат одлуките на СДСМ, всушност, се плашат да излезат на избори и се плашат себе и своите политички ставови да ги остават на процена пред граѓаните. Не се учени така, не знаат така. Се привикнале на други времиња во кои успешно ги добиваа најдобрите функции без да поминат низ изборниот филтер, стануваа советници на политичари од спротиставени табори, користат туѓи пари за да диктираат политики на невладини организации и уредувачки концепти на медиуми, креираат кризи за да се понудат како спасители. Биле успешни во еден период, но денес кога не се, почнуваат да креираат значајни проблеми или состојби за кои само тие мислат дека ќе станат навистина значајни проблеми.

СДСМ нема раководство со капацитет да ги процени состојбите на реална основа. И за време на изборната кампања, но и денес, таа партија работи врз база на погрешно позиционирани параметри за многу значајни политички и економски состојби во републиката. А кога параметрите се погрешни, с` понатаму ќе е погрешно. Во недостиг од рационалност СДСМ понатаму продолжува да влече чекори, кои само ја продлабочуваат јамата во која се наоѓа партијата. Невраќањето во Собрание и несоочувањето со разликата од 200.000 гласа, ќе ги изолира и ќе ги направи неприфатливи ниту за домашната ниту за меѓународната јавност. Одговорноста што ја преземале кон проопозициските гласачи за контрола на власта, како нормален демократски инструмент, очигледно ниту знаат ниту умеат да ја оправдаат. Тоа нема да помине без импликации. Ниту една партија не постои сама за себе или сама за своето раководство. Во моментот кога таа партија нема да знае и нема да успева да ги реализира очекувањата на своите гласачи и поддржувачи, возот почнува да јури низ удолница.

Илија ДИМОВСКИ