Денес не е празник, парастос е!

Денес не е празник, парастос е!

ЧЕСТИТ ДЕН НА ЗАВИСНОСТА

Стојам на висорамнината пред мене Кораб се извишува во далечината низ црните облаци се гледа сонце во црвеникаво жолта боја на залезот. На видикот силуета на девојка, млада е личи на Македонија што ја познавам, не сме врсници но целиот мој живот ја среќавав каде и да одев, растев покрај неа, ја доживував нејзината убавина. Ех таа нејзина убавина сите на млади години бевме помалку или повеќе подзаљубени во неа, ја љубевме искрено и невино како да ни е мајка, секогаш имавме надежи дека таа е нашиот идеал за вредности. Беше зачната многу одамна вели Библијата, растеше како едно од осумте деца на мајка и Југославија и стана “независна” во виорот на востанија и војни! Многу нејзини врсници загинаа за неа низ годините во виорот на туѓите интереси и национализмите кои го испреплетуваат споменот на неа и читавме и пишувавме поезија за неа.

Денес додека во далечината ја гледам нејзината силуета свиена над бездната таа има само 31 година иако опстојува со векови. Сега веќе е возрасна омажена е во “Бруксел” но и тоа несреќно ете европските власти не и даваат европски пасош, акцентот и е одамна сменет, а и самата скршена и обезличена не го памети сопствениот пат, историја и јазик. Времето донесе нови луѓе, нов “зоон политикон – мултиетнички народ”, а тој ги избриша сите нејзини вредности и ги изгоре сите нејзини надежи и нема рожба на таквата европска љубов. Новите генерации не ја ни чувствуваат ниту препознаваат за нив постојат нови вредности задоени се единствено со криминал, дрога, проституција и изопачености тоа се новите идеали.

Нашата девојка Македонија како што и предвидуваа светла иднина и дека ќе доживее Швајцарија на Балканите за жал доживеа тажна судбина, преживеа многу грабежи и ѕверски силувања, сега е опљачкана и банкрот повеќе од било кога. Некој ќе рече свето и е името, но семејството од “Бруксел” и го смени во помодерно – мултикуљтурно, заштитено со бетониран идентитет и точно сега таа е под протекторат на ООН, ММФ, Светска Банка, УСАИД, ДЕА, ФБИ, ЦИА и во името на Американскиот империјализам ја шармираа да стане Балканска ороспија свратилиште и база за разноразни странски “Брукселски” јапи. Ми раскажуваат дека веќе ретко ја гледале со крената глава, ја среќавале со раздрпана облека и исцрнета по лицето, луѓето застануваат и ја загледуваат со вкочанет поглед повеќето тажни лица, велат била уценета, закована со кредити и долгови, некогаш со чифлиг и вредни луѓе но сега живее во сиромаштија, беда, корупција заробена во неправди и немир секојдневно тагува по своите во туѓина знаејки дека никогаш повеќе нема да ги види тие некогаш насмеани лица од нејзината младост.

Правдата ќе ја бара на суд, иако е слепа но кој видел аир од слеп човек!

Стои младата Македонија свиена пред бездната во своите најубави години подготвена во секој момент да скокне, да се спаси, смртта со смрт да ја победи, бидејки нели по смртта има живот… и така е има, некој умира другите продолжуваат да живеат, со време забораваат но и времето заборава на нив. Историјата запишува и брише, колективната меморија веќе ја нема.

Да живее Македонија, независна, барем во спомените на нашата генерација!

 

Авторот познат на редакцијата

08.09.22