Горазд РОСОКЛИЈА

Горазд РОСОКЛИЈА

ШАМПОЛИОН, ВЛАСТА И ЦРКВАТА
НЕМАКЕДОНСКА ПРИКАЗНА, А КАКО ДА Е РАСКАЖАНА ЗА НАС

Жан Франсоа Шамполион (Jean-François Champollion 1790-1832) е француски лингвист и ориенталист кој ги дешифрирал хиероглифите.

Со неговата генијалност, нам ни ги отворил вратите на египетската цивилизација.

Без да разбереме што пишува на храмовите не би знаеле ништо за нивната култура, за нивната религија, за тоа кои биле луѓето што создале цивилизација која опстојала неколку илјади години и која е темел за цивилизациите кои дошле после нејзе.

Кога Шамполион бил на прагот да ги дешифрира хиероглифите, власта го уапсила и бил испратен во домашен затвор во родното место на неговиот татко. Не направил никаков престап. Мислел различно од власта.

Помилуван (Забележувате? Невин сте, а тие ви доделуваат милост), значи помилуван се вратил во Париз и продолжил да работи врз дешифрирање на хиероглифите. Успеал, ги дешифрирал! Нашата цивилизација била во состојба да ја разбере египетската, да го прочита напишаното на папирусите, на ѕидовите од храмовите и пирамидите.

Но, тогаш се замешала црквата со својата ,,прогресивност“.

Бидејќи според Библијата потопот се случил во 2349-та година пред новата ера, му било забрането да ги објави своите наоди за оној дел од египетската цивилизација кој постоел пред 2349-тата година пред новата ера.

Институицијата црква своето постоење го базира врз Библијата, а Библијата вика дека сѐ што постоело пред потопот, исчезнало!

Умрел млад, на 41 година, физички исцрпен, плукан од неталентираните, а интелектуално претенциозни современици кои биле блиски со власта. Тие и сѐ додворувале на власта, власта им сѐ додворувала ним, за хармонично заедничко владеење врз луѓето.

Денес, Франција се гордее со Жан Франсоа Шамполион!

Размислувам.

Ако француските просветени монарси и највисоко образувани свештеници, со поддршка на тогашната француска интелектуална елита, сакале да уништат личност со генијален ум како Шамполион, гениј кој на човештво му дал толку многу и ја прославил Франција, како од нашиве кловнови што толку лошо глумат власт и опозиција, да очекуваме да се поинакви освен такви какви што сѐ, корумпирани, уплашени, уценети, зли кон подобрите од нив, со еден збор бедни?

А црквата?
За црквата кога повторно ќе имаме македонска црква.