МАКЕДОНИЈА ОВИЕ ДЕНОВИ
Учевме дека интелектуалните елити создаваат национални и универзални вредности, ги воспитуваат генерациите врз тие вредности и ја мотивираат нацијата за одбрана на вредностите и запазување на националниот идентитет.
Учевме дека секој од нас, на позиција на лидер во својата област, мора да има визија за иднината, план и тим за остварување на таа визија.
Ако академските, интелектуалните и професионалните лидире биваат избрани според овие критериуми, политичарите би биле слуги, или послушници кои ги спроведуваат идеите на мудрите.
Ако немаме интелектуални, академски и професионални лидери во општеството и во политичките партии, нашата судбина е одредена од способностите и карактерите на политичарите.
Паметни или непаметни, со или без визија, чесни или нечесни.
Во Македонија, ,,библиска и чудесна“, наместо елитите да го воспитуваат народот, народот (безуспешно) се обидува да ги воспита сопствените елити, особено политичката и академската, за вредностите создадени од нацијата и потребата тие вредности да бидат зачувани и надградувани.
Ваквата состојба може да биде чудна само за странец кој не ја знае историјата на Македонија, ,,чудесна и библиска“.
Ако ги изземеме исклучителните поединци во нашата историја, македонските елити секогаш го изневериле интересот на народот, било заради кукавичлук било за да остварат личен профит.
Од Илинден, кога интелектуалната и трговската елита не мрднале со малиот прст додека крварел народот, до денешниве меѓусебни пресметки и залагања на самопрогласените интелектуална, академска и политичка елита, за бришење на македонскиот национален идентитет.
Овие елити немаат амбиција, а немаат ниту капацитет да бидат лидери на нацијата. Животна цел им е нивната бакалница да им носи профит, а името на бакалницата ќе и го менуваат според желбата на оној што ги плаќа, а тие му слугуваат.
Македонските елити се морално инфериорни во однос на обичниот граѓанин, немаат никакви значајни резултати во областите за кои се претпоставени експерти, најмалку се елитни и нацијата нема никаква полза од нив.
Колку личности со значајна функција во јавниот живот, имаат зад себе професионален успех кој достигнува барем балканска вредност?
А европска вредност?
А светска вредност?
Кога една нација ќе почне да мисли, никој не може да го спречи нејзиниот развој.
Викаат дека Волтер ја мотивирал Франција да мисли.
Се разбира дека има исклучоци и тие исклучоци се бројни, но таквите исклучителни луѓе во македонското општество се истуркани на маргините, без било какво влијание врз свеста на нацијата која оди во масовно национално самоубиство и е зачудена од резултатот, зачудени сме што за светот престанавме да постоиме.
.
ПС Овој текст е напишан 2016 година и е објавен на мојот ФБ ѕид.