ВЛАЈКО

Сите анкети без разлика на тоа кој ги правел покажуваат водство на ВМРО – ДПМНЕ во последните 10 години и затоа опозициските медиуми не ги објавуваат – смета универзитетскиот професор Владимир Божиновски.

Последната анкета на ИРИ покажува дека расте довербата во премиерот и претседателот на ВМРО – ДПМНЕ Никола Груевски. Ваквата анкета опозициските медиуми ја свртеа во друг правец – само 50 отсто од граѓаните сметаат дека Груевски не заслужува повторно да биде избран да ја предводи македонската влада. ВМРО-ДПМНЕ според анкетата ужива огромна и убедлива предност пред СДСМ, што води кон нова победа на оваа партија на предвремените избори закажани за април наредната година.

Божиновски вели дека дури и самите СДСМ признаваат дека ВМРО – ДПМНЕ бележи водство во сите анкети спроведени од релевантните институции. Тој посочува дека непосредно пред избори секогаш се појавуваат анкети во кои се говори за т.н. благо предизборно водство на опозицијата или на нивните кандидати. Таква на пример беше анкетата објавена во „Фокус“ пред претседателските избори во 2014-тата, која ја спроведоа „Фокус“ и „Рејтинг“ и во која се тврдеше дека кандидатот на СДСМ Стево Пендаровски има благо водство пред Ѓорѓи Иванов што се покажа како апсолутно неточно. Секогаш ваквите „благи водства“ во нарачаните анкети на опозицијата паѓаат на избори.

Наспроти позитивното расположение и довербата која македонските граѓани ја даваат за премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, стои недовербата кон претседателот на СДСМ, Зоран Заев, кој самиот, во неколку наврати подвлече дека се спрема да биде новиот премиер на Македонија.

Во текот на вчерашниот ден ниту еден збор и бројка не се пренесени за рејтингот на претседателот на СДСМ. Според резултатите од најновата анкета на реномираниот и угледен Американски републикански институт (ИРИ) со седиште во Вашингтон,ВМРО-ДПМНЕ има двојна предност пред СДСМ.

Вкупно 24 проценти од граѓаните се определиле дека ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, а за СДСМ двојно помалку, односно само 12 проценти.

Заев има рејтинг од само 5%, наспроти 18% на премиерот Груевски. Вкупно 35 % од граѓаните сметаат дека Никола Груевски заслужува реизбор.

Скоро тројно повеќе од граѓаните сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ работи понапорно да ја добие поддршката од избирачите. Вкупно 27% сметаат дека ВМРО-ДПМНЕ е поактивна и работи понапорно, наспроти само 10% кои сметаат дека тоа е СДСМ.

Анкетата на Интернационалниот Републикански Институт е теренска, и е направена во периодот од 29.09 до 05.10.2015-та година на репрезентативен примерок од 1.106 испитаници. Според последната анкета на ИРИ, 35% од граѓаните веруваат дека премиерот Груевски треба да биде реизбран. Во споредба со анкетата од јуни, кога 32% од анкетираните сметаа дека Груевски заслужува да биде реизбран, во последната анкета на ИРИ, поддршка за реизбор на премиерот даваат 35% граѓани. Се намалува за 3% бројот на оние кои сметаат дека Груевски не треба да добие нов мандат.

Ваквите резултати најавуваат повторување на убедливата разлика во рејтинзите што се покажа со јунската анкета на ИРИ кога ВМРО-ДПМНЕ има убедливо водство од 23 отсто доверба меѓу граѓаните, наспроти опозициската СДСМ во која веруваа само 11 отсто.

Тогаш меѓу лидерите на политичките партии премиерот Груевски беше политичар кој ужива најголема доверба . Во него веруваат и го подржуваат 18 проценти , што е за 2,5 пати поголема поддршка во однос на Зоран Заев кој има доверба кај само 7 отсто од народот.

Според Божиновски анкетата точно одговара на прашањето кој ќе биде победник на априлските избори, останува само прашањето колкава ќе биде разликата.

-Повторно не е прашањето кој ќе победи, туку колкава ќе биде разликата помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, затоа што практичнo е невозможно на онаа сериозна разлика која што е помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во изминативе 7-8 години, нешто да се смени во три до четири месеци, додава тој.