„ПРВАТА ПУШКА” ВО ПРИЛЕП И НЕОТСОНУВАНАТА МАКЕДОНСКА СЛОБОДА
Македонија го чествува својот национален празник, 11 Октомври денот на почетокот на оруженото востание против, како што не учеа, “бугарскиот фашистички окупатор”. Имено, на тој ден во (не така) далечната 1941 година, со истрел од пиштол и напад на полициската станица во Прилеп, почна оруженото востание во Македонија против бугарскиот фашистички окупатор. Само неколку години подоцна, некаде кон 1950 година формулацијата беше променета, зборот “фашистички” беше намерно пропуштен, па така младите генерации учеа дека борбата се водела против целиот бугарски народ, претставуван секогаш како окупаторски. Власта одново “ја преврте лентата” некаде по 1992 година, па одново влезе во употреба терминот “фашистички”, за сега, со тешки маки да се протурка идејата да остане само тој збор, а думата “бугарски” да биде избришана. Работите сега врват најтешко, затоа што таа терминологија за бугарите останала како психичко наследство врз поколенијата македонци воспитувани во духот на титовизмот, комунизмот и вулгарниот македонизам.
Што навистина се случувало во превратната 1941 година. Некаде кон средината на месец април, дваесетина дена по влегувањето на германските трупи во Македонија, влегуваат и единиците на бугарската армија, секаде воодушевено пречекани како ослободители на народот од српските зверства и насилија. Но, млади, безработни, србизирани и комунизиран студенти од Белградскиот универзитет, заедно со група навистина безработни и криминални типови од прилепското тогавашно подземје, не се задоволни од воспоставувањето на редот во градот. Студентите се влезени во шемата на белградските комунисти и редовно, преку тајни канали добиваат наредби за бунт, секогаш поттикнувани и осмислувани од централата на Коминтерна во Москва. Под силното влијание на Белград и Москва, а со веќе одамна намалениот авторитет на тогашниот партиски гаулајтер за Македонија, Методи Шаторов Шарло, прилепските комунисти, здружени со криминалци вршат терористички чин-напад на полицискиот участок во Прилеп. Убиен е стражарот на затворот, меѓу бугарските сили нема други убиени или ранети, партизаните се повлекуваат без жртви и се кријат низ прилепските села. До почетокот на зимата, селаните сите ги предаваат на бугарската власт и многумина од нив завршуваат во затворите низ Македонија и Бугарија. Нема изречено нито извршено ни една смртна пресуда. Речи си сите ја прежививаат војната, кој низ затвор, кој на слобода, за по војанта сите да бидат одликувани со највисоки одличја и почестени со добри државни аренди. Сите, освен еден…
Кој е тој? Критичната вечер на 11 Октомври 1941 година, еден истрел од пиштол марка “Браунинг”, кој бил во употреба на војската и полицијата на кралска Југославија и носел втисната ознака “пиштољ војно државни” калибар 9 мм short, го означил почетокот на таканареченото востание. Стрелецот и убиецот со тој пиштол се викал Душко Наумовски и неговото име не беше споменувано речи си се до 1991 година.
Душко Наумовски е роден на 2 јули 1921 година во Крушевац, Србија, Кралство Југославија и тоа се што точно се знае за него, од чинот и местото на раѓањето, па се до некаде 1950 година. Мрачна, опскурна личност, човек секогаш замешан во криминал, подземни активности и партиско комунистичко прислужништво, нешто вообичаено во тоа време. Неговите уште од турско време се отселиле во Србија и работеле како фурнаџии. Наводно татко му бил некаков инженер по земјоделие, но тоа не е сигурно. Уште пред влегувањето на германските војски во Србија, семејството се враќа во Прилеп. Тој секогаш е во друштво со белградските студенти, вратени во Прилеп и заедно со нив решава да учествува во терористичкиот акт, нападот на участакот, како што сеуште се вели во градот. Дури и повеќе, тој доброволно се јавува да ја изврши најтешката задача-да го убие стражарот на влезот.
Стражарот на затворот е средовечен човек од село Смилево, родното место на Даме Груев. Името му е Петар Колев, женет е и татко на три малолетни деца. Мобилизиран е и служи како резерва во бугарската армија. Најважното нешто, таткото на Душко и стражарот се познаваат и се добри пријатели. Душко веќе неколку дена не се прибрал дома, па татко му таа критична вечер оди кај неговиот пријател, затворскиот чувар да го праша дали го видел некаде Душко и ако го види да му каже да си дојде дома. Меѓу другото, покрај арамилакот, Душко е познат и како комарџија, па татко му се тревожи за неговата судбина.
Работите потоа се одвиваат како во некоја античка трагедија. Таа вечер Душко се приближува до стражарот, овој го прашува дали е тој Душко и му вели дека татко му порачал да си оди дома, на што Душко, пријден на пријателска близина, со еден истрел го убива несреќниот смилевец. Потоа другите атентатори фрлаат бомби кон затворот и се повлекуваат. Тоа е крајот, само една жртва на несреќно сфатеното пријателство.
Душко не се повлекува со партизаните во планините. Останува во Прилеп, живее како во бунило три дена, за конечно бугарската полиција да го уапси и затвори. Осуден е на шест и пол години затвор, извесно време во затворот во Битола лежи заедно со Лазо Колишевски со кого успева да се спријатели, а по падот на Бугарија, ослободен е од скопскиот затвор по 9 септември 1944 година.
Убиецот Душко Наумовски успева до го преживее воениот период, но не успева да побегне од својата судбина и сопствените страсти. Нејасна е неговата повоена биографија. Работи во УДБ-а во Прилеп, потоа работи во УДБ-а во Белград. Во Прилеп е обвинет од некоја млада прилепчанка дека и го откраднал златниот накит, а во Белград дека земал поткупи и крадел. Одново е затворен, но по интервенција на Лазо Колишевски е пуштен од затвор и работи како актер, режисер а конечно и како директор на Народниот тетар во Битола. Титовата Југаславија се однесува кон него со презир, тој не добива никакви медали и ордени от тогавашната власт. Намразен и презрен од своите партиски другари, тој живее со светлините на Битолскиот театар, тоа е неговото бегство од реалноста и бегство од себе си. Но Македонија не успева да побегне од неговиот чин…
Истрелот од пиштолот на еден обикновен убиец, претенциозно наречен “првата пушка” отвора ново, најтрагично поглавје на македонската историја. Само три и пол години подоцна, една болшевизирана врхушка на примитивци и насилници се спушта од планините и воведува насилие, непознато уште од турско време. Масовните егзекуции низ Македонија се секојдневие во неколкуте последователни години, а однапред наместените судски процеси се реалност до 1990 година, па и до денешни дни. Сето тоа е поврзано со насилна национализација и конфискација на имотите на граѓаните, за се да заврши во една безумна војна на југословенските националисти. На белградските терористи, Москва им беше единствениот учител, таму беше алфа и омега на нивното политичко и (не)човечко образование и идеологија.
На ден Велигден 1961 година, Душко Наумовски, го губи животот во сообраќајна несрека на патот Прилеп – Битола. Неточна е и датата на неговата смрт која се провлекува низ сајтовите дека загинал на 10 декември, а неточно е и дека местото било на Плетвар…како историјата да се погрижила да го избрише од реалноста на своите страници.
Така завршува животниот пат на партизанот, затвореникот и терористот Душко Наумовски. Закопан е на прилепските гробишта и уште тогаш некој се погрижил неговата надгробна биста да биде урната. Тој бил само еден обичен престапник, кој никогаш не бил вистински револуционер. Истрелите од неговиот пиштол и невината жртва, смилевчанецот Петар Колев ја открија бездната на македонската трагедија и трагедијата на македонските бугари. Слободата остана далечен, неотсонуван сон.
Автор: Владимир Перев, новинар и бугарофил.
Скопје,.
11.10.19