Е па, време беше барем дневните весници малку од малку да го осветлат образот на македонското новинарство, кое потона во пропаганда што се штанца фабрички во три смени. Темата е таканаречениот пржински рамковен договор. Срамежливо се појавија и првите петли од експертската заедница со своите чудесно внимателни критики. Велат Македонија пак била експериментален глушец. Велат дека со овој рамковен е нападнат Уставот на земјава. Ќе констатирам овде со доза цинизам дека очигледно, и покрај најдобра волја да бидат позитивни и цивилизациски одобрени од евроамериканското оргијашко друштванце што моментно ја тресе Европа, на нашиве струкови мислители сепак почна да им пречи интелектуално она што на нормалните луѓе им смрди на државен распад од самиот почеток на „кризава“.Кој организира избори, кој составува државна изборна комисија и како се одредуваат нејзините ингеренции, состав, кој како и каде гласа и други такви прашања почнаа да се пробиваат низ тврдината на тајни. Штом ги има нив, прашање е на ден кога ќе почнат гласните и артикулирани размислувања за намерите на дизајнерот на рамковниот 2. Оти сѐ што досега се работеше и се одработува води директно до државна демонтажа на Македонија. Имено, не е можно некој да не забележал дека Македонија е жртва на континуиран терористички напад организиран од европската и американската политика, кој има цел да го оневозможи континуитетот како природен пат на развој (пораст, промени одобрени од општеството, зреење) на една држава. Земјава четврт век ни ја тресат дисконтинуитетни тенденции, и тоа сакаш преку гангстерски трговски блокади, сакаш преку организирано европско непризнавање на македонската држава и национална самобитност, сакаш преку атентати и убиства на македонски државници, преку вградување вирус на граѓанска војна со манипулација со етнички групи, со напад на сите носечки столбови на македонското општество и елиминација еден по еден на темелите на македонската државност. Буквално сѐ се гаѓа, како што денес се убива Сирија, како што вчера беше збришана Либија, а завчера Ирак.Она што мене ме вчудовидува и, да кажам право, ме збеснува е безобразието на извесни групировки во земјава да водат ачик антимакедонска политика, а да ја пропагираат како патриотска и народна. Тодоров и Поповски како егзекутори на пржинската антиуставна авантура се трудат да им удоволат на протекторите. Заев и Шеќеринска прават сѐ да останат под заштита на големиот чадор со тоа што, како и по рамковниот 1, почнаа да го ослободуваат духот од Пржино, односно од Црниче. А ние? На нас државјаните кој да мисли? Кој ги застапува нашите интереси? Не прашал ли некој на референдум, пред избори? Ние, батка, редовно се пржиме на УВ 10 чекајќи сосема сигурно транзитирање на кризава во идна криза со сличен или ист надворешен менаџмент за нејзино надминување. И сѐ така додека трае тековнава планетарна геостратегиска свињарија, а во такви услови виреат и се множат гадинки од соросидно, усаидно и друго менгелеевско потекло.
Нашава реалност сѐ повеќе личи на студио во кое се снима реално шоу. Еднаш, додека траеше последното издание на камп-револуцијата на црпнатите, напишав дека да имавме иновативни политичари, ќе го развиваа како бренд барем македонскиот алтернативен туризам и ќе заработувавме од него.
Мааната ќе си ја продававме скапо, ем тоа на оние туристи-авантуристи што доаѓаат од држави што ни креираат рамки. А бе, кешки да не напишев! Мојата слободна фантазија веќе да ти станала реалност. Во Австралија. Британскава колонија што изигрува држава (слично како грчки Кипар, Косово или како исламската држава) емитува реално шоу под наслов „Вратете се од каде што сте дошле“. Ова во рамките на пропагандно-манипулативната кампања што треба да антагонизира, па мотивира и на крај да судри две војски во голем светски судир. Значи, телевизијата што е автор на проектов, за потребите на шоуто ги одведе учесниците во Мјанмар (Бурма од времето на британскиот колонијален газда) и во Сирија. Во Сирија ја снимаа епизодата „очи во очи со ИСИЛ“. Будаливе за брзи пари, со водич (униформиран Американец нормално), се рашетуваа на линијата на фронтот, на километар од крвожедните радикални исламисти, трчајќи од урнатина до урнатина водени од американскиот „цивилен“ туристички водич. Јас отсекогаш сум мислела дека на вакви идиотлаци не паѓаат интелигентни луѓе како што се Балканците. Оти се страдалници и чести жртви на планирани манипулации и пропагандни војни, па развиле имунолошка самоодбрана. Демек тие знаат дека сценографијата нема врска со реалноста. Оти ако е вистинска и низ неа си се рашетуваат учесници во забавна програма, апла ќе видат и најглупавите во светот дека ИСИЛ е западна творба, фингерајка. Ама се плашам дека ако продолжиме да се дружиме исклучиво со таквите политики, ќе осамнеме еден ден како сценографија во некое такво реално шоу.
Нели ЕУ уште не се откажала од тоа Балканот да го претвори во голем камп за мигранти? Нели лудиот Весли Кларк, кој работи во изборниот штаб на Хилари Клинтон за претседателските избори, веќе објави намера САД да отворат кампови за сегрегација на луѓето и побара отсега веќе (преку промена на националната легислатива) тоа да го сторат и европските држави Велика Британија, Франција и Германија? Нели полскиот претседател донел одлука во државата да прифаќа само мигранти-христијани? Нели Унгарија подигна антимигрантски ѕид? Нели Франција отвори војна со мигрантите кај Кале? И нели оние од Ива и Борјан ТВ преку Џезаира на Балканот, преку Тасева и Џабир пропагираат нечовечност на Македонија кон мигрантите? Ете ви доволна причина да помислите дека, кај и да е, некоја од нашите телевизии ќе откупи право на снимање на ова реално шоу со „патриотска“ содржина. Почитувани! На чекор сме до лов на луѓе како концепт на општествено уредување и авантуристичка забава. А само половина чекор нѐ дели од изворниот концепт на концентрациони логори.
И сега, кога ги гледам ефектите на хаосот што го предизвика светот што полека заминува во историјата како истрошен концепт и организација чии вредносни парадигми веќе не се важат, пак си мислам на нас во Македонија. Не е ли срамота да се замајуваме катаден со типови како Андреј Жерновски, Рада, Нано на Ружа и синот му Марко, хаузмајсторот на Центар, со Политико, Борјан, Ива, со искомплексирани и социјално нарушени примероци како Милчин, Фрчко, Геро, со експертутки како Тасева и Дерала… Вреди ли секој ден да го минуваме како гледачи на реално политичко шоу во кое егзибиционистички отпад за пари и слава сака да се разгологазува јавно. Па ако продуцентите што ги измислиле нивните „професии“ и ги плаќаат со договор по дело им доделиле улоги за повеќе сезони, мора ли новинарите да им бидат микрофони и рефлектори, а ние да им изигруваме публика.
Белки не сме станале бистри како белите колонизатори во Австралија. Таму можеби и не знаат кои им се цивилни и невладини активисти, односно кој ги работи медиумски. Но ние овде ептен добро се знаеме. Кој уште не го знае демократскиот и цивилен, а строго непрофитен дијапазон на Тасева, која експертски учествуваше и во цивилниот мониторинг на продажбата на ЕСМ. Таа, заедно со другачка ѝ Шеќеринска и нивниот асистент Зоран Јачев (преку врската со Сашо Ордановски, кој е вмрежен и во ЦИА, па го сместија во европскиот тим на Рада, па во „Транспаренси“), успешно го шитна енергетскиот монопол откако владејачката ВМРО-ДПМНЕ се повлече пред пропагандниот оркестриран налет на чело со СДСМ.
Се сеќавате нели на чудесната собраниска седница каде што Рада и Јани тамбурашеа со патриотски дискусии за предавничката намера на партијата на луѓе со влакна во нос да му ја одземат на македонскиот народ златната кокошка. Рада дури ни посочуваше примери на успешни енергетски државни компании како чешката. Арно ама, само што седна на власт, таа и нејзините компањони во содејство со „енергетскиот врв“ на ДУИ (ОНА) веднаш го продадоа ЕСМ. Сега е ЕВН австриски. Тасева и ден-денес е невладин функционер, нормално, доживотен како во Северна Кореја. Оти е поставена од најгоре. Од најомилениот водач во западното царство. Оти е под чадор.
А Груевски? Е па, тој ви е од оние што напаѓа и потоа, кога ќе му викнат „а бу“, се повлекува со кренато бело знаме до следниот напад. Јас го викам тоа вмродпмнеовско оро: еден напред па два назад, па два напред – едно назад и симболизира вадење од онакво трње, ем тоа 24/7. И Груевски и неговата партија како сами да се осудиле да си отидат од власт без ниту еднаш да истераат цел четиригодишен мандат, иако народот упорно ги избира.
Ете го сега кај му го активирале Џабир Дерала. И тој ли, бе, аман! Бил активист и лидер на Цивил!? Ма бог да чува и брани! Младичов, Фрчко гo прихрануваше со мицељ (така се викаат културно во оваа колумна лајната оти сакам да сум и говорно дистанцирана од оние што вредносно ги идентификувам како манипулативен измет), а по задача, во „Пулс“ беше донесен од Сашо Ордановски Брицо. Си отиде Сашо, оти беше разоткриен и изрезилен, си заминаа и печурките. Значи, Џабир како вмрежена „ствар“ отиде веднаш на друга задача. „Случајно“ чадор во кариерата му отвори Кристина, жената му на британскиот амбасадор во Македонија, Тони Милсон. Госпоѓа Кристина беше доста цивилно ангажирана. Растрчана наваму-натаму, енергична и ангажирана 24/7. Со Џабир нагло се зближија. Не само хуманизмот и етиката ги направија нераздвојни. Кристина, исто како Џабир, имаше албански корени. Мајка ѝ била Албанка од Грција, па некако имаше чувства кон севкупниот албански народ што се нашол несреќно поробен во четири балкански држави. Кутриот Милсон, оваа блискост што стана општопозната тема за дипломатско-политичко озборување на Балканот, ја плати со својата кариера. Како и да е, Кристина продолжи заедно со Дерала да зрачи од Косово, каде што се премести откако се раздели со сопругот. Од врската се роди „Цивил“ кој се смета за самопрајско вонбрачно чедо на Џабир. Е, пошто е самохран родител на невладино здружение, нормално, чадорот на Кристина сѐ уште е раширен. Што се гледа и од пораснатиот активистички ангажман на момоков летово, додека другите подрумски организации одмораат во темно и собираат творечка сила за есеноска.
И сега, пак да си кажам: До кога ќе ги думкаме овие исплувоци? До кога ќе гледаме како ни ја уриваат куќата, ни мочаат по дворот, ни ги закрвуваат децата, ни го поганат куќниот ред? Ќе се престрашат ли еднаш оние што мислат дека ги бива да раководат со држава? Или нивниот страв постојано ќе го претвораат во политичка програма божем за доброто на народот. Ете, да им цитирам еден од американските татковци-основачи на најголемата „демократија“ на планетава што транзитира во мрежа на конц-логори: „Тој што ја трампа слободата за безбедност, не заслужува ни слобода ни безбедност“. Сакам да кажам, ако гувернерот на Македонија го исплашил Грујота со саснати бесни пци, со исламистички напади, црпната револуција, армиски пуч или сѐ заедно во демократска режија на Пентагон, НАТО и со асистенција на ОБСЕ, ЕУ и слични, тој требало да се охрабри од народот кому навистина му е дојдено веќе „прекуглава“ по 25 години одење по слеп сокак. Едно е сигурно. Кога една те иста политика не дава резултати, односно дава само срања, политиката мора да се смени. Еднаш мора да се стави под контрола стравот што го замаглува здраворазумското мислење и ја парализира способноста да се решаваат проблемите автономно. Ако не го стори тоа оваа генерација, ќе ѝ падне во задача на следната. Ако нас не нѐ бива, товарот ќе ѝ го пренесеме на следната. Неизбежно е. Мислам дека чувствувате како годинава не ни се ни мисли на Илинден. Сетики се чудиме кој ќе собере сила да оди на отчет пред предците на Мечкин Камен и за што ќе глаголи? За Пржино? За мудрата ни политика? За правната ни држава и институциите? За осумтемина загинати во Диво насеље и судењето на терористите? За пропагандните петтоколонаши во НВО и медиумскиот сектор? За Црпнатиот од Муртино што ја крчми Македонија како општествен имот во приватизациски период, а во изведба на СДСМ?
Автор: Мирка Велиновска