ВЕЛИНОВСКА

ВЕЛИНОВСКА

Американската ренесанса во војни против „чумата“

Ете, и овој пат Македонија, шести пат, го доби она парче бесценета хартија што се вика ПРЕПОРАКА од Комисијата за проширување на ЕУ, пардон, Бившата комисија за проширување на ЕУ (скратено БКПЕУ или ФКЕЕУ). А бре, де бре, ќе биде, нема да биде и на крајот, ете, се заврши. Според македонскиот политичко-експертско-медиумски агол на гледање, добивањето ПРЕПОРАКА е најважното политичко прашање што го окупира вниманието на Македонците. Тие така думаат, па се убедени дека и народот секоја година ова време сетики на тоа мисли. Кутрите тие, не знаат дека, освен неколкумина забегани интервенционисти, следбеници на идеолошко-кариеристичката џубокс „евроатлантска секта“, никого во Македонија не го боли уво за препораките и за датумот за преговори, оти ги мачат илјада други проблеми – сите реални и сврзани со секојдневието, односно со планирањето, организацијата и изведбата на животот.

Што следува сега? Па, се знае, оти шест пати веќе сме минувале низ истото сценарио. Ќе нѐ жилават неколку дена со изјави на политичарите од четирите партиски табори. Ќе нѐ отекуваат со експертски мислења на универзалните толкувачи на „европската политика“ што се креира во столнината на континенталната бирократија. Ќе помодруваме од брилијантните проблесоци на медиумските дешифратори-питии што ќе ни кажуваат што всушност сакале да ни порачаат овој пат во ПРЕПОРАКАТА „анонимусите“ од ЕК. Сѐ така додека европската влада во декември не ја прогласи за безвредна и оваа ПРЕПОРАКА. За кога „предвидувам“ нова рунда ритуално сечење вени, пискотници проткаени со лелеци од Галичник до Струмица, измешано со предновогодишниот панаѓурско-распродажен џагор. Ова се вика македонски политички светоглед. Автохтон е и такаречи ендемски. Произлегува од аголот на гледање на сѐ што се случува во светот, а датира од времето кога мирно и молчешкум да се седи на напрчена шајка што ти ја ставил Белград беше прв услов да се стане политичар, успешен интелектуалец или новинар.
Јас од моментот кога прочитав што ми напишал Цветин Чилиманов како одговор на мојата колумна од пред два петока почнав да собирам „граѓа“ за квалитетна полемика во која ќе се маваме со несоборливи ФАКТИ за да ги одбраниме своите ставови. Тој „десните“, а јас „левите“. И отсега ќе почнам да ги споделувам со сите вас. Не дека нешто ќе ви промени тоа во секојдневието, ама си мислам дека ќе биде корисно во создавањето личен став, во самоодбраната од пропагандата и индоктринацијата, од предрасудите засновани на креирани перцепции, во ослободувањето од стравот и паниката како негово убиствено оружје.

Значи, додека ние ја чекавме и дочекавме ШЕСТАТА ПРЕПОРАКА, во онаа заедница на европски демократски ем слободни држави, почна истовар на американски тенкови. Почна на Балтикот, во Литванија и во Полска, а ќе се шири и „надолу“. Замислете! Низ Европа повторно лазат тенкови, а ги нема ни Хитлер ни Сталин ни Варшавскиот пакт. Ги има само САД и НАТО. Мое убедување е дека заради одбрана на демократијата и слободата, а против крвопијниот непријател со седум глави, американските тенкови ќе се спуштат до Медитеранот. Се чека референдумот во Каталонија. Ако се следи маршрутата што во СБ на ООН ја исцрта Барак Обама, пред да стигнат и на Балканот, ќе прошетаат воспитно низ патиштата на Чешка, која има големо искуство со вакви копнени расхотки на своите стратегиски ОСЛОБОДИТЕЛИ-ПАРТНЕРИ.

Октомври, таму некаде околу 20-ти, кога во Белград ќе стигне Владимир Путин да го чествува ослободувањето на Белград, во кое учествуваше Црвената армија, ќе биде доста интересен. Особено откако уследи одговорот на Лавров на говорот на Обама во делот за Балканот како територија за војување со ИСИЛ. И особено што се најавува мала воена вежба на руската и српската армија како анекс на прославата. Прекуноќ, ете, на шаховската табла како потенцијално бојно поле. Црниот и белиот играч отсега ќе влечат потези за да извојуваат победа.

Значи, сега работите во Европа стојат вака: Медитеранот веќе ни врие од томахавки на крстосувачи. Копното на североисток ни е полно со американска војска и инструктори што вежбаат, тешка артилерија се тркала по патиштата кон исток, оти, нели, најновата ВЕСТ е дека Бугарија и Романија ќе биле наскоро цел на исламските „екстремисти“.

Наместо да си губи време пишувајќи им отворени писма на своите, домашните црногорски политичари, новинарот Марко Миланиќ од „Монитор“ јавно ѝ се обрати на амбасадорката на САД во Подгорица, Сју Браун. И сега, јас дел од содржината на тоа писмо ќе искористам како факти во поддршка на полемиката со Чилиманов за ослободителско-демократорската подлога на напредните, односно позитивните, односно корисните војни на Америка што ги води низ планетава, а со европска политичко-идеолошка логистика. Со напомена заради прецизност дека во оваа категоризација не ги сместувам твитер-револуциите (спонтани или обоени), фингираните востанија или војни, спонзорираните преврати, изведените атентати, верските и граѓанските конфликти… оти немам толку простор.

Значи, како што тврди Миланиќ, САД обожаваат да војуваат под кој било формален изговор, а цел им е да воспостават и да ја одржат својата хегемонија. Затоа, војуваа во Кореја од 1950 до 1953 година. Ја нападнаа Гватемала, во 1954 година. Индонезија настрада во 1958 година. Куба во 1959-1961 година. Гватемала вторпат во 1960 година. Конго во 1964 година. Лаос од 1964 до 1973 година. Перу го снајде таксиратот во 1965 година. Виетнам цапаше во крв и незамисливи страдања од 1961 до 1973 година. Камбоџа беше десеткувана од 1969 до 1970 година. Несреќната Гватемала, на која и Америка очигледно ѝ тргнала мерак, третпат од 1967 до 1969 година. По што следуваат Ел Салвадор и Никарагва во 1980-тите години. Гренада ја среди во 1983 година, а Либан од 1983 до 1984 година. Либија гореше во 1986 година, Иран во 1987 година. Панама „загуби“ слобода во 1989 година. Ирак првпат беше спектакуларно „ослободен“ во 1991 година. Сомалија во 1993 година. Судан во 1998 година. Истата година е ослободен и Авганистан. Во 1999 година падна СРЈ. Авганистан беше ослободен уште еднаш во 2001 година. Ирак повторно во 2003 година. Либија во 2011-та, а Сирија токму сега се трудат да ја ослободат.

Е сега, кога живеете во свет што е под доминација на една ваква империјална солдатеска, а политички се промовирате во нејзин стратегиски партнер и плус нејзините вредности ги прогласувате за свои БЕЗАЛТЕРНАТИВНИ, па се заветувате да ја следите во сите нејзини хуманистички ем слободарски потфати, можете или да бидете смртно исплашени и тотално кооперативни или загрижени и корисно мобилизирани и итри за да најдете некое чаре за да се извлечете горе-долу со помалку рани. Со исклучок на актуелниот ни министер за војни, одбрана и вистински патриотизам (што и да му значи тоа) Зоран Јолевски, кој својата гордост ја темели на фактот дека познава влијателни и познати Американци (политичари, нормално), што за неговиот агол на гледање е еквивалент за успешност (лична) и корист за земјата Македонија (колективна). Мммм… м!? Борис Трајковски како судбина некако му ги демантира на Јолевски ваквите оцени. Истото тоа важи и за собитијата во Македонија откако сме во партнерај и се познаваме со едно чудо влијателни американски пријатели. Отоците ни се поголеми, модринките од тапкање по рамо повеќе личат на хематоми.

За самоотрезнување од илузиите, за да се спастрите и да заличите на полнокрвен човек што мисли и дејствува мора да се потсетите на целите што ги има една ваква велесила, со интенција да биде „ексепшенел“ на планетава, па и подалеку. Колегата од „Монитор“ затоа ѝ го осветлува на госпоѓата Браун детаљот од Меморандумот за студијата на Советот за безбедност на САД, кој во 1974 година го подготвил Хенри Кисинџер, а во кој е дадена изјавата на Џералд Форд, што се однесува до оцената дека „САД имаат потреба да воведат контрола над прашањата сврзани со светската популација“.
Настрана што во овој документ секој аналитичар може да ги пронајде никулците на подоцнежните напредни и демократски, а пак и слободарски „невладини“ или „цивилни“ акции за глобалното затоплување, епидемиите на птичји и свински грип, на поморот на пчелите, ГМО-болестите што ја десеткуваат популацијата, ГЕЈ-револуцијата и слични потфати, туку ќе се стаписа од неверојатната дрска отвореност на земјата што јавно ја најавува својата намера да го „треби“ човештвото.

Се вели вака: „Порастот на населението во одредени земји во развој што располагаат со природни ресурси што им се потребни на американската економија и стопанство претставува потенцијална закана за националната сигурност на САД“. Еј! Во 1974-та е зацртано ова што се случува сега!

Знаејќи го ова како специфика, а во светло на тековните настани, особено следејќи ја од час во час ситуацијата во Сирија, Ирак, Либан, курдските востанија и турската инволвираност, не ме изненадува, ама ме згрози изјавата на Џо Бајден, кој бесрамно ладнокрвно за експанзијата на фабрикуваниот ИСИЛ-тероризам ги обвини своите сојузници од сириската воена кампања. Биле непослушни! Не го слушале мирољубивиот Вашингтон!? Заборавајќи ја Украина како произведен конфликт со статус на европска темпирана војна, во манир на Понтиј Пилат, Бајден си ги изми рацете и се избриша од секаква одговорност за досегашното разорувачко ослободување на Либија, Египет, Палестина, Сирија. Сега ќе почне со ново и похумано а долгорочно војување, кое ќе вклучи и делови од Кина (Хонгконг) и Индија (Кашмир). Гледано во тоа светло, говорот на Обама во СБ на ООН го читам како закана упатена до светот во 21 век. Се разбира, според аголот на гледање, може ова да се гледа и како 24-каратен хуманистичко цивилизациски план за спас на сортата.

Автор: Мирка Велиновска