ВАРДАР АЕРОДРОМСКИ

ВАРДАР АЕРОДРОМСКИ

Бездомникот ФК Вардар

Центар, после три децениска “борба“ успеа да го истера фудбалот, однсоно Вардар, од општината?! Уште од времето кога покојни Љубе Целески беше премиер на градот (подоцна Претседател на ФК Вардар), Центар упорно го ишка фудбалот, а пред се ФК Вардар од Градскиот парк, односно од територијата на општина Центар.
Во 70-тите години, кога стана јасно дека стариот “Градски“ станува претесен, премал и пренепоправлив, откако стана јасно дека времето на Џинка директорот, чичко Илија кабинерот и Војче “будалиот“ задолжен за косење, помина еднаш за секогаш, се роди идејата за нов стадион. Преубава идеја, да биде лоциран зад Зајчев Рид, некаде каде што е сега индустриската зона на излезот кон Качаник и Џенерал Јанковиќ. Комплетно нов објект со приоди, паркинзи, простор за многу помошни игралишта. Тогаш тоа беа непрегледни ораници. Стариот “Градски“, кој беше со преубава архитектура, требаше да остане како споменик. Како мегдан за атлетичари, млади категории и слично.
Ама, некој “бистар“ комуњар решил дека ќе изгради “постаро и поубаво“, бидејки новата замисла за нов стадион била прескапа. Инаку, во Италија старите стадиони се останати онакви какви што биле. Да ги наречам како “мусолиниеви“ стадиони во центрите на градовите. Има преубави. Во Алесандрија, во центарот на пример…. Новите, заради барањата на новото време, беа и се градат надвор.
И, така настана познатата тридецениска бетонска ругоба која ја нарекувавме Градски стадион. Мораше Никола Груевски да формира Влада, па стадионот да биде изграден. Но, новоизграден, тој остана со старите болки. Нема паркинг, нема приод, нема помошни терени… Дренажата е криминална, запад-исток поставеноста на игралиштето непримерно… Војската никогаш, ни во југословенско ни во македонско време немаше доблест својот терен да го подари на Вардар. Генералите останаа доследни на желбата да си ги ладат ташаците во парк еднаш месечно, а децата на Вардар да трчаат по камењата на Кеј. А клуб без 8 до 10 помошни игралиште не е клуб, туку зафрканција.
Бетонската ругоба што до пред 2 години го “красеше“ Градски парк, и покрај тоа што беше направена за да не биде скап проект како замислениот зад Зајчев Рид, никогаш во југословенско и сдсмовско време не беше завршен. напротив не стигна ниту до карабина. Остана супер скап бетонски мочалник. Комуњарски промашување. Промашување што никој, на јавен оглас понуден во цела Југославија, во три наврати, не сакаше да го купи. Па на крај, го зема Ѕинго.
И сега, после три децении фемкање со стадионот, после упропастување на земјиштето на “кампинг“, кое наместо терени за тренинг стана “Кинески зид“, после неуспехот бараките на судот за прекршоци, заедно со оние на СОФКА, а и потегот до езерцето да бидат направени терени за тренинг, после ист неуспех и со единственото помошно, ама и просторот до и околу “Опатија“, Вардар тивко ама сигурно се сели надвор од Центар.
Самсоненко преговарал со Мате и Франц да ги преземе откупи игралиштата на Локомотива и Алумина?! Наводно, Самсоненко купил и земја (ниви) во близината на Хиподром, а има можност да добие простор и околу салата Јане Сандански (малото игралиште веќе е под негова капа)?! Младите категории ќе си одат надвор од градот (такво е решението во ФК Војводина со Ветерник, на пример).
Самсоненко има апсолутно право да обезбеди максимани услови за своите фудбалери. Тоа право никој не смее да му го одземе. Она што пречи е незаинтересираноста на општина Центар, на идниот лидер на СДСМ Андреј Жерновски, да го задржи брендот Вардар во Градски парк.
Вака, како што личи, Вардар и како машки и женски ракомет, ама и како фудбал, од Центар ќе се пресели во Аеродром. Центар ќе успее во својата трицедениска битка да го напади Вардар од своето 7 децениско огниште.
Ова преселување на “ен-та“ го качува и навивачкиот конфликт. Комитите, како и кога е ракометот во прашање, и за фудбал ќе доаѓаат на “гости“ кај лутите ривали од Аеродром. Битката на боите (црвено-црната против сино-белата) ќе стане епска. Комитите се оние кои навиваат за КК Работнички, спроти оние на КК Скопје. Е, ама КК Скопје и КК Работнички не се РК Металург и ФК Вардар. Аеродром, на пример, нема фудбалски клуб. Тие навивачи од Аеродром, за кого навиваат во фудбал? И во ракометот, Металург е од Автокоманда, од Гази Баба. Не од Аеродром?! За кого навиваат аеродромци во ракомет? Ако се оди според брендовите, во фамилијата на КК Скопје е ФК Скопје, нели? Скопје, лутиот непријател на ФК Металург. Ама обата од Автокоманда. Оваа навивачка какафонија ретко кој надвор од Скопје може да ја разбере.
Но да се вратам на главното. ФК Вардар си заминува од Центар. Теренот на Арената Филип Втори е со фалинка која засега не изгледа дека може да се поправи. Затоа Вардар пречесто е “домакин“ во Џорче, Охрид, наскоро и во Аеродром, ама во центар – не.
Хајдук го има Пољуд, Динамо Максимир, Жељо и Сарево си ги имаат Грбавица и Кошево, во Белград на Баново Брдо е јасна работата со стадионите на Ѕвезда и Партизан. Војводина го има градскиот во Нови Сад. Олимпија е под Бежиград (Стожице)… Само Вардар е кираџија. Ама, и од таму каде што е кираџија ги бркаат. Значи, бездомник.
Јако, нема што!

Напомена:
На сликата Градски стадион на крајот на 50-тите.