Ивица се разочарал во своите прозападни надежи.
http://www.novamakedonija.com.mk/NewsDetal.asp?vest=9121410915&id=13&prilog=0&setIzdanie=23271
Зошто нема да има проширување на Европската Унија во следните пет години? Завчера најавата на новиот претседател на Европската комисија, Жан Клод Јункер, стана и официјална. Проширување на ЕУ нема да има во наредните пет години. Веројатно во последен момент, колку да им се замачкаат очите на земјите-кандидати и на потенцијалните земји-кандидати, во портфолиото на новиот еврокомесар за регионална политика, Австриецот Јоханес Хан, е додадена и титулата „преговори за проширување“. Во превод, тоа значи дека во следниот петгодишен мандат на новата ЕК нема да има ново проширување на Унијата, но ќе продолжат преговорите со земјите-кандидати и со потенцијалните земји-кандидати.
Во текот на вчерашниот ден самиот новоназначен еврокомесар, кој треба сѐ уште да помине низ филтерот на Европскиот парламент, даде изјава дека во процесот на проширување предности има „квалитетот пред брзината“ (?!?) и дека било неопходно новата земја-членка да биде „примена со радост“ (?!?) и од страна на европските граѓани и да не биде разбрана како нов дополнителен „товар“ (?!?).
Ако го преведеме овој бриселски мандарински на нормален јазик, тоа значи дека проширување нема да има и дека при идните проширувања ќе се земе предвид и јавното мислење на граѓаните на ЕУ. Со тоа само се потврдува дека ЕУ, наместо да ја искористи оваа алатка за соработка со земјите-кандидати, одлучи самата да создаде вештачки проблем онаму каде што нема никакви проблеми, и тоа само за да им излезе во пресрет на најлоши сентименти на европското избирачко тело. Проширувањето стана жртва на олтарот на нараснатите ксенофобни, радикално-десничарски и антиимигрантски сили на европската политичка сцена.
За жал, со овој потег ЕУ се лишува себеси од единствената успешна надворешна политика во текот на целото нејзино постоење.
Само да се потсетиме дека основањето на ЕУ дојде во моментот на повторната демократизација на Германија, Италија, Франција и земјите од Бенелукс, по историјата на фашистички и нацистички диктатури. Заедничкиот европски пазар овозможи продлабочување на соработката помеѓу европските држави. Подоцна европската интеграција беше една од состојките што ја олеснија демократизацијата на Шпанија, Португалија и на Грција. Тука сум должен да потсетам дека демократизацијата на овие држави беше исклучиво водена од нивните внатрешни политички сили, а европската интеграција беше само дополнителен зачин во целиот овој процес. Демократизацијата секогаш и секаде е внатрешен политички процес, а надворешните фактори имаат исклучиво епизодна и маргинална улога, освен во случаите кога надворешните фактори се противат на демократизацијата и имаат капацитети да ја спречат демократизацијата на една држава.
Поучени од овој пример и земјите од посткомунистичка Европа побрзаа со своите барања за членство во ЕУ. Овој пат ЕУ одлучи сиот овој процес да се формализира, па беше воведен целиот нов механизам, кој подразбираше сложен преговарачки процес. Нормално, суштината на овој процес е усогласување на националното законодавство со правилата на заедничкиот европски пазар. Имајќи предвид дека влезот на заедничкиот европски пазар е национален интерес на земјите-кандидати, постоеше и постои јасно изразена политичка волја во секоја од овие земји за приклучување кон ЕУ. Затоа сите овие земји беа успешни во постапката на преговарање, односно усогласување на законодавството и институциите со правилата на заедничкиот европски пазар.
За жал, многумина во ЕУ и во посткомунистичка Европа, вклучувајќи ме и мене, поверуваа на приказната за „европеизација“, односно во приказната дека европската интеграција значи темелна и сеопфатна преобразба на општеството, економијата, политиката и културата на оваа земја. Многумина, вклучувајќи ме и мене, поверуваа дека шпанската демократизацијата ги дава моделот и врвицата за демократизација на посткомунистичките држави, вклучувајќи ја и Македонија. Во првиот случај дадов огромен кредит на еден обичен бирократски процес, а во вториот случај го занемаривме фактот дека шпанското општество и посткомунистичките општества се толку различни што шпанскиот модел не може да се примени во случајот на посткомунистичка Европа. Оваа илузија се распрсна како меур од сапуница веднаш по приемот на првата група посткомунистички држави во ЕУ. И покрај формалниот прием во членство, новите граѓани на ЕУ, утредента по приемот, не се разбудија во скандинавскиот рај, туку во типичното сивило на европскиот посткомунизам. Илузиите дополнително паднаа по колапсот на американската банка Леман брадерс од 2008 година и глобалната економска криза, која во Европа ескалира со кризата на еврото и на целиот европски проект. Денес целокупната литература за „европеизацијата“ е споменик за уште една заблуда на европската политика, но и на глобалната политичка наука. Со тешко срце и јас морам да се согласам дека членството во ЕУ не значи темелна и сеопфатна трансформација на новите земји-членки, туку само усогласување со заедничкиот европски пазар, а ЕУ, нејзините притисоци и преговарачкиот процес, не ја ни допираат внатрешната демократизација на новите земји-членки.
Долгорочната преобразба не доаѓа како резултат на преговорите, а најмалку, пак, како резултат на таканаречената политика на условеност. Впрочем, постои нешто крајно понижувачко, да не употребам и потешки зборови, во самата политичка теорија што ги третира граѓаните, општествата и државата на ист начин како што Павлов, во својот познат експеримент, ги третирал кучињата. Долгорочната преобразба доаѓа како резултат на самото членство во ЕУ. Непречената комуникација и размена на мислења помеѓу новите и старите членки ја олеснуваат долгорочната преобразба, како во новите членки, така и во старите.
Меѓутоа, наместо тоа, ЕУ избира да продолжи да живее во своите илузии за „европеизација“ и во своите илузии дека европската интеграција може да биде инструмент за политички, општествен и културен инженеринг во новите земји-членки. Продолжува и неоколонијалната поделба на повеќе и помалку вредни држави, општества и култури, одлично врамена во изјавата за „квалитет наместо брзина“ на новиот еврокомесар за одложување на проширувањето. За среќа, граѓаните на Македонија покажаа дека се способни мошне прецизно да размислуваат за долгорочната стратегија на својата држава, па затоа сѐ уште ја поддржуваат европската интеграција на Македонија, и покрај сиот труд на Република Грција, но и на европските должносници да ги одвратат од овој пат Грците со својата шовинистичка политика, а европските должносници со своите несолени, неодмерени и понижувачки изјави.
Постојат моменти во историјата кога човештвото и неговата историја се менуваат од корен. Во мојот краток животен век бев сведок на три такви настани. Првиот беше падот на Берлинскиот ѕид, кој ги побуди сите надежи и очекувања за храбриот нов глобализиран свет и за заедничката европска иднина. Вториот беше 11 септември 2001 година, кој го соочи човештвото со новите безбедносни ризици. Третиот клучен момент беше веќе споменатиот колапс на Леман брадерс, кој го означи крајот на неолибералниот капитализам и ги покажа сите слабости на новата европска архитектура. Овие клучни моменти треба да бидат историска вододелница кога човештвото ги напушта старите парадигми и ги отфрла илузиите. Во ваквите моменти победуваат оние што нудат храбра нова визија и поведуваат напред. За жал, имајќи предвид дека ЕУ се откажува од својата најуспешна надворешна политика, проширувањето, поради бесот на своите ксенофоби, евроскептици и радикални десничари, е само најдобар епитаф на гробот на сите илузии за „европеизацијата“ и за „трансформативната моќ на Унијата“. За нас, пак, во Македонија ова е најдобра поука дека следниот пат треба да ги потпреме нашите очекувања на реални факти и на прецизни процени наместо на розови сништа, илузии и оптимизам.
Автор: Ивица Боцевски