Според изјавите на Заев и Ципрас, 70 години по погромот на западните сили и грчките Андарти врз Македонците од егејскиот дел на Македонија, кога истите од западните сојузници беа живи горени со напалм бомби и масовно и засекогаш протерани од своите вековни огништа, потоа следуваше бришење на сѐ што е македонско во Егејска Македонија преку менување на топонимите (имињата на градовите и селата), со што е откорнат Македонизмот од овој украден дел на Македонија.
Сега, Квислингот на чело на Владата на Македонија, без војна и погроми се согласува да започне интервенција за менување на имињата што асоцираат на Македонизам и на територија на денешна Република Македонија, преку бришење на името на легендарниот македонски крал и најголем светски војсководец Александар Трети Македонски од националниот аеродром во главниот македонски град и од главниот автопат и именување на истите со генерички поими (“пријателство” и сл.).
За тоа дека името што Грците ќе ни го одберат дека ќе биде за севкупна употреба (види изјава на Ципрас), самиот Квислинг (Заев) нѝ го најави одамна и тоа не ме изненадува.
Туку, интересно, Ципрас вели дека за возврат на “добродушноста” на Заев да започне со бришење на македонските топоними внатре во Македонија, тој ќе дозволи влез на Македонија (по 14 години) во втората фаза на Спогодбата за асоцијација и стабилизација со ЕУ (што, реално, нам не нѝ оди во прилог оти со првата фаза ни се отвори пазарот на Унијата, а со втората фаза доаѓаат и обврските) и што е интересно – ќе дозволат влез на Македонија во Јадранско-јонската стратегија.
Се работи за процес во кој се сите балкански држави, освен Македонија, а во кој ЕУ вложува неповратни милијарди евра за инфраструктурно поврзување на овие земји. Зошто и кога Македонија ќе биде дел од овој голем проект на Брисел беше секојдневна тема со која ги опседнував со прашања сите можни бриселски комесари, европратеници и бирократи додека бев дописник. Во периодот од 2009 до 2014 година, сегашниот комесар за преговори за проширување Јоханес Хан, во тој период на Еврокомисијата на Барозо беше комесар за регионална политика на ЕУ, иако повеќепати, дури и на негова иницијатива бев повикуван на дебати за тогашната Јадранско-јонска и ицијатива, на моите инсистирања зошто Македонија не е дел од овој голем проект на ЕУ за регионално поврзување на Балканот (вториот е Дунавската стратегија), Хан, како и останатите евробирократи, постојано и официјално ми одговараа дека “Македонија не излегува ниту на Јадранско, ниту на Јонско море”.
На мојата забелешка дека “ниту Србија не излегува на едно од овие две мориња”, Хан и останатите се вадеа дека “Србија станала дел од стратегијата оти кога се ковал планот, тогаш била дел од државата Србија и Црна Гора”.
На ова ќе им вратев:” Па, зошто тогаш и Косово не е вклучено, бидејќи и оваа сегашна независна држава во тој период била дел од државата Србија и Црна Гора”? Е, на тоа, Хан и евробирократите немаа одговор!
Нејсе, ова е доказ и дека сѐ што се правело со и околу Македонија од Брисел, а во однос на проблеми со медиуми, владеење на право, корупција, ваквите стратегии и сл., всушност било камуфлажа за притисокот над земјата да започне процес за откажување од Македонизмот!
Што и да се случи во иднина, а за нас Македонците таа не е розова, сепак останува дека хипокризијата е црв што ќе го разјаде до срж западното општество, а ние Македонците сме надминувале предавници, одродници, изроди од нашите редови, па ќе ги надминеме и Заев и оваа предавничка багра на власт и … пак ќе си бидеме Македонци!