Бобан Нонковиќ

Бобан Нонковиќ

ТИМОНИЕ Е ЗА ВМРО ОНА ШТО БЕШЕ БЕЈЛИ ЗА СДС, НО ТОА НЕ ЈА ОСЛОБОДУВА МАКЕДОНИЈА ОД РОПСТВОТО, ТУКУ САМО ПОРАКАТА НА КАРЕВ ДО ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ!

Францускиот амбасадор Кристијан Тимоние е најзаслужен за француското вето на отворање на пристапните преговори за членство во Европската унија на „проектот Северна“. Прецизно детектирајќи подривање на седумте столба на демократијата (1. Раздвојување на моќта; 2. Владеење на правото; 3. Слобода на печатот; 4. Одговорност на владата; 5. Независност на судството; 6. Еднаквост пред законот; 7. Еднаква застапеност во владата) од страна на квинслишката Влада на Зоран Заев, Тимоние со прецизни податоци испратени до Елисејската палата му ја олесни задачата на реформистот Емануел Макрон, заедно со Холандија и Данска, да спречат Европската унија да го награди Заев за плуто-клептократското владеење. Американската длабока држава и ЦИА се потруди за Заев и неговата криминално-бандитска власт, завиено во „херојска“ обланда на власт што ја извадила Македонија од изолација и преку поразителни договори со соседните Бугарија и Грција дека овозможила историски напредок на земјата за која и самиот Брисел со Лисабонската декларација од 1992 година востановил дека не треба да постои. Но, Унијата преку своите три земји-членки ги одбрани седумте столба врз кои и самата почива со одбивањето да почне да преговара со држава во која владее криминал.

Дури и еден од основачките татковци на Соединетите американски држави, нивниот втор претседател Џон Адамс, има посочено дека „демократијата никогаш не трае долго“. Според Адамс, таа брзо се троши, се исцрпува и на крајот се самоубива. „Никогаш не постоела демократија што не извршила самоубиство“, ќе рече Адамс. Во Македонија, токму оние што на цела уста ја најавуваа демократијата (СДС) преку сопственото самоубиство (случај „Рекет“ и милион други криминали) забоде кол во срцето на она што требаше да значи народно владеење според сите негови примери.

Со вивисекцијата на системот на Заев и прецизно известување на своите надлежни во Париз за криминалното владеење на Заевроните, од убиственото делување кон опозицијата, преку пљачкосување на државниот буџет со наместени тендери, па до слободно прозиводство и трговија со дрога што ја претвора Македонија во нарко-држава, францускиот амбасадор Тимоние за ВМРО-ДПМНЕ и целата македонска опозиција стана она што беше екс-американскиот амбасадор Џес Бејли за СДС во минатото.

Но, колку и самиот француски дипломат да се обидува да создаде услови за фер изборен натпревар во Македонија на 12-ти април, преку директна закана кон Заев дека „знае за бизнисите на брат му Вице и Мијалков“ и за обидите со Биг Мајк да се отвораат кофи-шопови во Македонија за слободно уживање во лесната дрога марихуана и слободниот и од полицијата заштитен промет на потешки дроги (хероин и кокаин) што значи дека во срцето на Европа постои нарко-држава, јасно е дека во американскиот дипстејт и во институциите на Европската унија во Брисел, Заев има заштита да продолжи со мандатот да ја (до)уништи македонската држава.

Факт е дека поради политичката доминација врз медиумите, економијата и сите други општествени области, владата на Заев има моќ ефикасно да ја уништи опозицијата. Тоа е форма на политички криминал и никој не може така лесно да победи партија што остварува таква контрола, освен се разбира со помош на пари, влијание и вмешување на т.н. странски (западен) фактор. Самиот Пржински модел на поделба на власта во период од 100 дена за организирање на парламентарните избори е апсолутно недоволен за обезбедување на минимум фер услови за изборен натпревар на 12 април 2020 г., бидејќи изборните услови во Македонија не можат да се променат така одеднаш, особено не за тоа кратко време. Доволен доказ се годинешните претседателски избори.

Најсериозниот дефект во нашиот политички систем се манифестира во фактот што политиката доминира скоро во сите области на општествениот живот, што е погубна последица од сериозно хроничното отсуство на структурни реформи, па оној што се стекнува со контрола на алармантно големиот број на работни места во државната администрација и со други материјални услови, едноставно влијае на опстанокот на поединци и нивните семејства. Политичарите најдоа начин да воспостават контрола врз гласачите и нивните гласови преку контрола на работата и новите вработувања, па партијата што има таква контрола над гласачкото тело е речиси невозможно демократски да биде победена на изборите. Тој клиентелизам на државната администрација се виде преку нивното стоилјадно присуство на митинзите на ВМРО-ДПМНЕ во 2015 и 2016 година, пресликано на овогодинешното скандирање „Северна, Северна“ при илинденското чествување на Владата на Заев на Мечкин Камен. Горе-долу, се работи за истите ликови.

Друг моќен лост на контрола е медиумскиот монопол со кој се обезбедува гласачкото тело да е неспособно за рационална проценка на изборните опции и за трезвено оценување на клучните алтернативи. А, целото македонско општество е дотолку блокирано од една непремостлива стапица при што голем дел од избирачите се програмирани со диктат за обезбедување на елементарни услови за опстанок, вработување и приход, а другото е индоктринирано со цврста верба дека постојната моќ е најдобрата. Колкава е оваа сила на индоктринација, најдобро е да се потсети дека во едно од најобразованите и научно напредни општества како Германија, околу 100.000 Германци извршија самоубиство по смртта на Адолф Хитлер!

Поради неоспорната тотална политичка доминација над голем дел од економијата, па дури и повеќе во однос на другите области, политичкиот директориум на власта има моќ да ја маргинализира и ефикасно да ја уништи секоја политичка закана. Во тој поглед од страна на американската длабока држава и нивните подизведувачи СДС-ДУИ во Македонија, се случи најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ да беше речиси уништена, што не се случи благодарение на инсталирањето на максимално контролирано и послушно раководство во Белата палата, кое ако се издвои поединечно делува како пандан на ликовите на актуелната владеечка свита, со мали разлики во нијанси. Уништувањето на опозицијата во Македонија е огромна штета, чин што може да се квалификува како форма на политички криминал, затоа што на Македонија и е потребна не само ефективна влада, туку и витална и силна опозиција, која на македонскиот народ ќе му понуди алтернатива на било-кој сегмент од актуелната мантра на Заевроните, а не репетитивно обожување на идентичните богови (ЕУ, НАТО, олигарси, пари, моќ…). Едноставно, политичкиот плурализам во Македонија наликува на еднопартиски систем.

Министер за внатрешни работи и за социјална политика, плус тројца заменици-министри за финансии, земјоделие и за администрација не овозможуваат ниту приближно еднакви услови за политичка конкуренција, што е суштината и јадро на демократскиот поредок, а тоа ќе се случи само ако се укине монополот на сегашната власт над поголемиот дел од економијата и општеството во целина. И ова бара радикални реформи на целиот институционален поредок. Без овие реформи, нормалната политичка конкуренција ќе остане невозможна, општеството ќе остане обвиткано во својот еднопартиски формат, а сите гранки на власта ќе останат стамени и недопирливи.

Таканаречената „Пржинска Влада“ нема апсолутно ништо да помогне за промена во длабоките структурни слоеви на целокупниот систем што ја одредува драматично нееднаквата позиција на актерите во изборниот натпревар. Малку е веројатно дека некој очекува дека, дури и со посредство на ЕУ и будното око на Франција и нејзиниот амбасадор Тимоние, дека македонските избирачи на 12 април догодина ќе имаат нормален и демократски изборен ден, а не изборна кланица. Токму затоа, претстојните избори на обичниот Македонец му ја носат единствено народната изрека „Надевај се на најлошо, бидејќи добро нема да биде“.

Но, да се вратиме на улогата на францускиот амбасадор Тимоние.

Тој деновиве, според информациите од амбасадата, му дал до знаење на инсталираниот премиер Заев дека одложување на датумот за одржување на предвремените парламентарни избори (12. април 2020 г.) нема да му овозможи предизборен маркетинг со добиен датум на пристапни преговори со ЕУ, бидејќи Франција тоа ќе го спречи. Едноставно, Заев нема да може да мафта на митинзи со преговори со Брисел, без разлика дали и до кога ги одложувал изборите, бидејќи дотогаш и официјален Париз ќе кочи определување на датум. Исто така, Тимоние, наводно со поддршка на умерената американска амбасадорка Кејт Брнс, гарантирале дека е можно Франција (а тоа значи и Европската унија) и администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, чиј избор е амбасадорката Брнс, да не го признаат резултатот на изборите ако има макар една неправилност!

Но, колку за ова може да им се верува на овие Данајци? Одговорот на ова прашање може да е и негативен, ако се знае дека во периодот до изборите, „проектот Северна“ ќе стане земја-членка на НАТО, потег што на пример на вечниот црногорски претседател Мило Ѓукановиќ му донесе амнестија од италијански прогон за шверц на цигари, а нему долготрајна власт и дозвола за авторитарно владење и супресирање на секој изблик на опозиција. Лижавчето наречено Мини-шенген со иницијативата за мала балканска унија на Македонија, Србија, Албанија, Босна и Црна Гора, пак е трик за масите, кои треба да се окупираат околу ова прашање додека се одвива големата геостратешка поделба на светот (ала Јалта). Неодамна, во дипстејт политичкиот магазин „Политико“ имаше добро објаснување за оваа иницијатива:

– Мини-шенген е приказна за еден дечко на кого му ветуваа убава, паметна и богата млада девојка, ако претходно тој ја намали тежината, купи стан, ја промени бојата на очте и се откаже од своите роднини и пријатели. И кога тој го прави сето ова, на дечкото му ја местат бабата на девјката од старечки дом!

Коленичењето пред странскиот фактор во државата, како на власта, така и на опозицијата во Македонија, фактички ги оддалечува Македонците од учество во изборниот натпревар, посебно што третата опција што засега срамежливо се нуди е контаминирана од полициско-удбашки инсталации чија крајна цел е забуна, а не охрабрување за постоење алтернатива на гласачкото тело. „Политичарите веруваат само во една работа и тие не се подготвени да се жртвуваат за вредноста на христијанското наследство, туку тие се само марионети што единствено водат грижа за својот политички статус!“, прецизно ќе порача во едно негово неодамнешно интервју ерусалимскиот патријарх Теофил Трети.

А, излезот на овие избори, за кои не е потребен цензус и е можно било-кој да добие власт и со излесност од еден процент, всушност не е давање на легитимитет на власта и на неа конструктивната опозиција, туку борба за интересите на македонскиот народ кои изминатиот период беа погазени. Бидејќи Заев одамна го загуби, а прашање е и дали некогаш имал легитимитет поради автократското владеење. Но, во период кога и СДС и ВМРО-ДПМНЕ заедно ќе ги организираат изборите, факт е дека е невозможно македонскиот народ да добие репрезент во власта што ќе му ја врати татковината, што ќе го врати името Македонија, македонската историја, реалност, јазик, општество…

На крајот, логично доаѓа прашањето што да се направи во ваква, наизглед безизлезна ситуација? Сметам дека одговорот е даден пред 117 години! Во писмо на Никола Карев упатено до апостолот на македонското револуционерно движење Гоце Делчев во јуни 1902 година, меѓудругото Карев ќе напише:

– Во Крушевско и Битолско стануваат секојдневно ноќни блокади на села, а многубројните афери фрлаат многу луѓе в затвор. Не треба да чекаме повеќе, Гоце. Време е веќе да станеме и да се биеме. Да не чекаме слобода ниту од Грците ниту од Бугарите, ами сами ние Македонците да се бориме за наша Македонија, што ја засилува организацијата меѓу селаните и да не се споменуваат тврдењата дека „сите Македонци работеле за присоединувањето на Македонија кон Бугарија или Грција”.
Што се однесува до мене, никој не ќе може да ми ја одземе мојата храброст и мојот патриотизам. Драго ми е да Ти соопштам дека сите наши момци се готови со пушка в рака да се бијат.“!

#СлободаЗаМакедонијаИзаМакедонците
#НикогашСеверна
#МакедонијаВечна

 

Б. Нонковиќ

Нрисел, 07.12.19