ЕУ НИ ПОРАЧА ДА СТАНЕМЕ И ДА СЕ ОСЛОБОДИМЕ ОД РОПСТВОТО
За време на овие три ипол години на владеење на Заевроните, буквално е укината иднината на македонскиот народ. Македонија потона во темнина. Народот експресно се претвори во аморфна раја до чие мислење не му е дојдено никому. Арачот е се поголем, а за разлика од времето на турското ропство, овојпат данокот во крв е доброволен.
Пред Христа, Македонија беше најголемо кралство во Европа и во светот. Потоа се случија илјадници години на римско, византиско, турско, а потоа и грчко, српско и бугарско ропство. Бесперспективност. Се во некогашната империја на најголемиот светки војсководец Александар Македонски стагнираше и се распаѓаше, исто како што е случај и денес под „водството“ на Зоран Заев. Единствено што е сменето во меѓувреме е тоа што Заев и неговото владеење нималку не потсетуваат на славните херои од големата македонска историја. Тој и неговиот систем на владеење се најблиску до она на римски Калигула.
Она што на времето беа македонските манастири и учените војводи/учители во времето на ропството под Турците, во кои и преку кои постоела и се пренесувала македонската култура и свеста на/за македонскиот народ, денес се бесплатните медиумски активности на социјалните мрежи и на алтернативни медиуми како Дудинка и јутјуб-канали на Мирка Велиновска, Тања Каракамишева, Влатко Панчевски, Миленко Неделковски и неколку други Дон Кихоти во ова бурно и фашистичко бреме што надвиснало над македонската земја. Ова се денес манастирите на модерниот 21. век со кои колку-толку се одржува континуитет на нормалноста на македонските граѓани.
Единствено таму може да се открие што, на пример, се подготвува зад грбот на Македонецот при обидот за негово бришење од мапата на светски народи, кој и како ја брише македонската историја, традиција и култура, на каков начин се пљачкосува остатокот од македонската држава со цел негово распарчување и поделба меѓу соседите-стрвинари…
Се чини дека е прашање на ден кога под превезот на „борба против лажните вести“ токму овие преостанати прозорчиња за ситен провев на македонската вистина не бидат затворени, процесирани и гонети со цел народот што е подготвен за истребување да го загуби и она мало парче на национален кислород што стигнува до неговите оцрнети бели дробови!
Во овој модерен црн век за македонскиот народ, каков што европските народи преживуваа во средниот век, стотици илјади семејства во Македонија се уценувани од нивната гола егзистенција, а единствена утеха им е што има повеќе како нив, така што тие можат барем едни со други да се погледнат очи во очи. За жал, тоа е шпалирот на луѓе од државната администрација, кои под тој егзистенцијален притисок единствено се повинуваат на политичката моќ и чекаат насоки од штабовите за тоа како (да) размислуваат, на штета на својот човечки и пред се национален идентитет, подготвени да го жртвуваат за парче подобрување на платата од се попразната државна каса!
И тука доаѓаме до Европската унија, оној утопистички сон на Македонците, но и генерално на сите народи на Балканот и посебно на граѓаните од поранешна Југославија, кои 30 години се наведувани на патот кон Брисел како на единствена егзистенцијална дестинација за нив. Од лажното ветување на Самитот на Европскиот совет во Солун во 2003 година, дека сите балкански земји имаат иднина – членство во Унијата, во меѓувреме целиот процес на проширување на ЕУ запре, а токму Македонците и останатите балкански народи наместо во Брисел – завршија во слепа улица!
Токму ваквата непредвидливост и замагленост во однос на идно членство на Западниот Балкан во ЕУ ги охрабрува автократските и диктаторски водачи од типот на Заев и/ли Мило Ѓукановиќ во Црна Гора, односно Еди Рама во Албанија да продолжат со дерогирање на демократијата, срозување на владеењето на правото и окупирање на судството и медиумската сфера во своите земји. Токму Брисел (или Париз, сеедно) им даде на овие автократи и клептократи оправдување за тоа што наместо прогресивно европско општество, создаваат свои феудални приватни државички што служат за крадење и себебогатење.
Повеќе од јасно е дека Западниот Балкан нема никогаш да падне во рацете на Русија или Кина, како што некои се обидуваат да наметнат страв кон западните земји. Но, Македонија, Албанија, Косово и Црна Гора стануваат Казабланка – место низ кое поминуваат луѓето, место од каде што се обидуваат да заминат, но во кое остануваат заглавени. Како експериментален бел глушец на Западот, земјите од Западен Балкан стануваат место каде различните сили се борат за влијание и каде парите и моќта ги газат нормите и вредностите.
Овој повик на будење од Брисел е јасен и освестувачки за политичките и општествени сили во Македонија што долго се потпираа на поддршката однадвор. Пораката од западниот свет е јасна, а таа е дека сме сами. Можеби е болно, но исто така може да ги охрабри и разбуди заспаните Македонци да дејствуваат наместо да се надеваат на помош однадвор за да се ослободат од автократскиот режим што го распаѓа и создава трулеж од македонското ткиво.
Европската унија преку својот лидер Емануел Макрон ни порача дека Западниот Балкан треба да заборави на идно рамноправно дружење во големото друштво од Брисел и дека овие земји би требало да најдат начин да се организираат во некаква мини-балканска унија, како нов начин на соработка. Шест земји во регионот би можеле да идентификуваат специфични полиња на интеграција со Европската унија без формално членство, истакна Макрон, а дека во тој случај Унијата можеби ќе ги поддржи овие напори.
Поедноставно кажано, Европската унија, која ни препорача да се држиме до балканските методи кога наспроти волјата на мнозинството македонски граѓани МОРАШЕ да се промениме вековното име Македонија на нашата татковина, сега Унијата не упатува сами да си ја завршиме работата при обезбедувањето на слобода и демократија. Брисел не потсетува да ја следиме паролата од Разловци од 1876 година, кога Македонците се ослободуваа од едно друго, Османлиско ропство.
СТАНЕТЕ ДА ВИ ОСВОБОДА!
Тоа беше повикот и паролата на востаничките знамиња на Македонците пред 143 години. Додека во оваа магловитост и страв не можеме да ги видиме Димитар Поп-Георгиев Беровски и на поп Стојан како предводници, сепак, се чини треба да ги послушаме бриселчани и да станеме и да се ослободиме од окупаторот.
Самите… без нивните колаборационисти од политичкиот спектар!
Бобан Нонковиќ
Будимпешта 05.11.19