Бобан НОНКОВИЌ

Бобан НОНКОВИЌ

ЦРНА МАКЕДОНИЈА, А НЕ ЦРВЕНА ИЛИ СИНА

„Браќа и сестри, бидете на штрек, не подарувајте го идеалот на вашиот минлив живот, не напуштајте го храмот што го носите во вас, не напуштајте го и кога знаете дека е разурнат, исправете ги неговите урнатини, зашто само така ќе си ја вратиме и вербата во себе си. Не срамете се од ништо што е ваше , ставете го во вашата љубов како порака на сите наши претци кои пред нас биле некаде тука можеби на истите овие места што ги зафаќаме ние. Не дозволувајте некој друг да ни ја контролира нашата свест и нашата национална гордост. Презирајте ги сите оние што ни го присвојуваат името, но и црквата, јазикот, писмото што всушност го позајмиле од нас!“.

Оваа порака на великанот на македонското писателство Петре М. Андреевски од неговиот „Македонски манифест“ ми се чини дава најдобар осврт на вчера-завршената фашистичка фарса во окупирана Македонија, наречена „претседателски избори“. Заробениот дух на македонскиот народ и за жал со векови втемелуваната робовска поданост го достигна својот врв, кога и покрај тоа што мнозинскиот народ на референдум кажа не, а фашистичкиот окупатор му го промени вековното име „Македонија“ (без кое, векутуми и гробовите ќе ни бидат празни), независно што земјата е општествено-политички-економски-духовно опустошена од страна на октроираната власт и на неа верниот партнер од опозиција, мнозинството граѓани одлучи да гласа во доволен број за исполнување на цензусот (40% од запишаните избирачи) и остварување на единствената цел од овој квази-демократски процес, а тоа е осведочување дека на окупираната македонска територија во која се спроведува наци-проект „Северна“ владее скандинавска хармонија на живот, обезбедена од власта.

Успешноста на изборите беше важна и затоа денес сите меѓународни медиуми истрчаа да обзнанат дека „победи поддржувачот на промената на името“. И да. Не победи џандарот Стево -Микроби- Пендаровски, туку победи концептот на функционален цезаризам во служба на Џорџ Сорос, односно на нео-либералниот светски поредок. Медиумското, институционално и воопшто општественото лудило од доминацијата на само една политичка партија во Македонија (овековечено со соработка со уценетата и сервилна опозиција) и сузбивањето на парчиња на демократијата, денес, со многу пофалби и надеж, се претставуваат ширум светот како позитивен политички сигнал од Македонија.

Покрај окупаторската власт и нивните меѓународни поддржувачи, по цензус за „Северна“ трчаше и целиот државен апарат (администрација, полиција, војска…, а преку поткупување со државни пари на гласачите), но за жал и опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Партијата која две години преговара за се и сешто со фашистичкиот окупатор и во ек на преговори за предавање на македонското вековно име со успех договорија минатиот август изборите во земјата да се спроведуваат по Пржински модел (министер за внатрешни и за труд и социјална политика да е од опозицијата, како и неколку заменици-министри со право на вето), со цел контрола на изборниот процес, партијата чие 99,9% од членство и раководство го бојкотираа септемврискиот референдум за прифаќање на промената на името (со изговор дека фашистичката власт ќе ги намести сите избори и народни изјаснувања што ги организира, па да не им се прави цензус), одеднаш не само што одлучи да излезе на „демократски“ мегдан со окупаторот, туку и јавно ги гонеше и жигосуваше сите проблесоци на слободна мисла со повик за повторен бојкот. Одеднаш, по (пре)пораката на еврокомесарот Јоханес Хан дека „Мицкоски ми вети дека нема да ги бојкотира изборите“, раководството на ВМРО-ДПМНЕ влезе во ждановистичка хајка против идејата, против мислата за ново игнорирање на процес што го води фашистичкиот окупатор, па дури и со хистерична агитација за исполнување на цензус на самиот изборен ден („Немам солзи да ве исплачам“ – Г. Стефановски)!

Одеднаш, режимот и хунтата станаа демократи против кои може да се води демократска битка за глас повеќе!

Резултатот од фарса-изборите (60 илјади гласови повеќе за кандидатот на СС-СДС во однос на кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ) беше познат однапред, а раководството на најголемата опозициска партија составено од Извршен комитет на партнери во бизнис со хидро-централи и струја, селектирани груевисти и мијалковисти (во служба на обезбедување на слобода за Мијалков, што експресно се спроведе денес, но и на Груевски, што треба да се обезбеди до септември преку Врховниот суд) и уценети СЈО-клиенти, ја впрегна послушната партиска клиентела во обезбедување на потребните 350-370 илјади гласови за остварување на цензусот од минимум 40 проценти излезност. Па, така, во држава со 2,2 милиони жители, од кои 1,8 милиони со право на глас, добивме „татко на нацијата“ со глас на 430 илјади македонски граѓани. Уште полошо, добивме легитимирање за демократско-скандинавска власт на најголемото зло од режим во историјата на самостојна Македонија. Светот, пак, кој стрепеше за ново игнорирање на избори (како и на референдумот), што ќе значеше и игнорирање на погребниот Преспански договор, можеше да здивне, бидејќи демократски се потврди и овој процес.

Синоќешните, а верувам и идни, прослави и хвалоспеви за некакво обојување на картата на територијата на Македонија во црвено или сино (според боите на политичките „противници“) е само фарса. После овие избори, со демократска, од народот одобрена боја, македонската држава е обоена и завиена во црно! Црна Македонија, а не црвена или сина е вистинскиот одговор на ребусот од вчерашните фарса-избори.

И сега, како што е испланирано од државите од нео-либералниот поредок, чии амбасадори го поминаа вчерашниот изборен ден на релација „изборно место – седиште на ВМРО – ДИК – Влада“, претстои период на севкупна (извршна, судска, медиумска, локална) власт на окупаторот и мирно заживување, фаќање на корен на проектот „Северна“. Фашизмот добива розов лик, а окупаторот можност да бира како сега ќе го наплати бланко-чекот за македонската држава, односно дали ќе ја сотре секоја слободна мисла, човек, идеја, спротивставеност или ќе тргне кон општо помирување, за што доби рака од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, но не и од македонскиот народ, кој како и во случајот на еден народ што најмногу страдаше од фашистите во минатото, ќе се смири само кога ќе го види процесуиран секој учесник во геноцидот врз него.

Бегајќи од Таљат Џафери (да, министерот за одбрана во Влада на ВМРО-ДПМНЕ и добриот партнер за спас од затвор на пратеникот Трајко Вељаноски како спикер во парламентот), можеби, да биде В.Д. претседател за период од три месеци до организирање на нови, во случајот предвремени парламентарни и претседателски избори со учество во власта и организирањето на тие избори токму на ВМРО-ДПМНЕ, партијата на Христијан Мицкоски си доби ултра-комуњар и џандар на местото на Ѓорге Иванов во следните пет години!

Знаете кога Стево Пендаровски ќе му даде мандат на некој од ВМРО-ДПМНЕ за состав на Влада, кога и да победи опозицијата на некои следни избори, за разлика од deal-ориентираниот Таљат? Никогаш!
Дури и да бидат вакви или подобри резултатите на идните парламентарни избори, ВМРО не може ни да сонува на 61 пратеник (плус, со продолжената хајка над обичниот македонски народ што одлучи да бојкотира, ВМРО-ДПМНЕ се труди засекогаш да ги загуби тие 60 до 150 илјади гласови), што ќе значи дека во најдобар случај, Пендаровски во иднина најмалку што ќе бара по парламентарни избори е потписи на обезбедена коалиција од 61 пратеник за да додели мандат. Како стои со своите албански потенцијални партнери (дури и Алијансата на Сеља му ги предаде своите гласачи на Зоран Заев во вториот круг на овие избори), јасно е дека ВМРО-ДПМНЕ нема и тешко дека ќе има коалициски капацитет за во блиска иднина да формира Влада. За жал, изјавата на австрискиот политичар и екс-амбасадор во Македонија, Харалд Кочи, дадена во интервју за „Миленко Неделковски шоу“ од пред две ипол години, дека „Заев ќе владее долго“, за жал на Македонија и на македонскиот народ, се чини дека не била дадена туку-така.

А, кога сме кај албанскиот електорат и нивните политички претставници, се чини дека тука е најконфузна состојбата. Иако Албанци има секој ден се помалку во државата и тоа прецизно го покажува и изленоста во мнозинско албанските средини во Македонија (не се ниту 16 проценти), но и мандатите во актуелниот состав на Собранието, токму поради разделеноста на македонското ткиво (најпрво на поддржувачи на СДС и на ВМРО-ДПМНЕ, а сега и на оние што игнорираат фингирана демократија во изведба на политичките елити, т.н. „бојкотирачи“) оваа малцинска група го превзема целосно приматот во Македонија. Па, откако добија буквално се што ниту на сон го нема добиено едно малцинство во суверена и унитарна држава, Албанците допрва ќе испорачуваат нови сметки се до остварување на кантонално-парчосана држава. СДС и ВМРО-ДПМНЕ се чини се подготвени да исполнат се што Али и 40-те разбојници ќе побараат, само заради контрола на трите милијарди евра државен буџет, обезбедени од македонскиот народ и останатите лојални и чесни граѓани на Македонија што си ги плаќаат даночните обврски.

,,Дали може да има друго место за еден Македонец освен Македонија? Дали има народ понесреќен народ од македонскиот и дали има некаде пошироко поле за работа, отколку во Македонија? Треба да се просвети и организира народот, да се вооружи, да му се влее вера во неговите сили, за да разбере како може да се оттргне од ропството и мизеријата и да му се отворат очите“, ќе рече апостолот на македонското револуционерно движење Гоце Делчев.

Се чини дека Гоце, но и Даме, Карев, Сандански, исто како и Цар Самуил, Карпош, Јустинијан, Александар Велики, Филип Втори и сите великани од богатата македонска историја (што денешниот фашистички окупатор на Македонија е тргнат да ги распродаде како наследство на соседните ново-формирани држави) и тоа како се соочувале со идентичниот проблем со кој се соочуваме и денес.

Борбата за Македонија никогаш не престанала!

 

Брисел

06.05.19