БЛЕД ПЕРФОРМАНС НА ВЕС МИЧЕЛ СРЕД СКОПЈE

 БЛЕД ПЕРФОРМАНС НА ВЕС МИЧЕЛ СРЕД СКОПЈE
       Последниве месеци Македонија како да постана многу важна дестинација за бројни фактори со меѓународно педигре: од Столтенберг, Јункер, тројката европратеници/медијатори, неизбежниот еврокомесар Хан и шарматната Могерини, министри и амбасадори…, а со своето присуство неодамна не почести и младиот гостин, високо позициониран во Американскиот Стејт Департмент, помошникот државен секретар Вес Мичел (31).
       Сосема природно по оваа своевидна инвазија на “тешкаши” со меѓународно педигре се наметнува прашањето: од каде толку големо интересирање во меѓународната заедница (по телефон се јави дури и Ген-секот на ООН Гутереш) за нас и за приликите и политичките процеси во Република Македонија!? Ова дотолку повеке што од земја-миленик на меѓународната заедница на почетокот на овој век на која и се даваа најголеми шанси побргу од сите други земји во регионот да се придружи на НАТО и да започне преговори за членство во ЕУ, која во меѓувреме западна во немилост на истата таа меѓународна заедница, за сега повторно да постане нејзино небаре милениче!? Впечаток е, дека сепак се работи, како што велат високите гости за “охрабрување”, но и за многу очигледен притисок: Македонија по секоја цена да ги задоволи барањата на странскиот фактор и да одигра по нивен тек за прашањето на името на нашата земја, со други зборови: таа (РМ) самата да го прифати диктатот на Грција за промена на името, за така обезличена да биде примена во НАТО и да започне преговори за членство во ЕУ!
       Ова најjасно и најдирекно ни го порача и Вес Мичел со констатацијата што ја изрече на еден од пресовите за време на престојот во Скопје. Покрај излитената фраза за “силната подршка” од САД на Македонија, Мичел кажа дека САД “се вклучени и ќе бидат вклучени во процесот за изнаоѓање решение за проблемот со името на нашата држава”, нагласувајки дека: “Единствено решение за името е она што ќе го постигнат двете страни (Грција и Македонија)”, при тоа додавајки дека:”Одлуката ние (т.е. САД) не можеме да ја донесеме место вас”(!?)
       Можеме да се согласиме со тврдењето на Вест Мичел дека “САД се вклучени во процесот…”, но за добро упатените набљудувачи на оваа проблематика во Македонија неодминлив е впечатокот дека сепак нашиот стратегиски партнер (!) од преку барата (САД) дискретно, а понекогаш сосема отворено ја подржуваат грчката страна и нејзините апсурдни барања за преименување на нашата држава!?
       Можеби ова тврдење на многумина ќе им прозвучи еретички, но ако се повикаме на онаа универзалната мантра: “Верувај на дела, а не на зборови”, фактите укажуваат токму на тоа. Како поткрепа на ова тврдење ќе ги наведеме следните неколку (а ги има многу) примери:
       Пример бр. 1. По падот на владата на премиерот Караманлис, министерката за надворешни работи во неговата влада Дора Бакојани ја даде следнава изјава:”Ние (т.е. владата на Караманлис) им дадовме на знаење во Стејт Департментот година и пол пред самитот на НАТО во Букурешт дека  н е м а  да подржиме НАТО да го покани Скопје (т.е РМ) да постане членка на Алијансата под уставното име” (во рамките на А3 групата, заедно со Хрватска и Албанија). Ако се потсетиме на трите изјави на тогашниот претседател на САД Џорџ Буш јуниор дадени во Букурешт дека три земји, Македонија, Хрватска и Албанија на тој самит на НАТО (2008) ќе постанат нови членки на Алијансата, се поставува прашање зошто Стејт Департментот не го информирал својот претседател за сознанието што го имале година и пол пред букурешкиот самит на НАТО за грчкиот став што им бил презентиран сред Вашингтон некаде во средината на 2006 за да не дава такви изјави?! Тогај Вес Мичел имал едвај дваесетина години и не треба да му се замери ако не го знае овој детал, но чиновниците во Стејт Департментот секако биле должни да го брифираат пред тој да тргне во првата посета на нашиот регион! Чии позиции во спорот со името застапувала американската администрација тогај е сосема јасно!
        Пример бр. 2. Неповторлива прилика да се бајпасира проблемот со името и Македонија да постане членка на НАТО под референцата ПЈРМ секако беше пресудата од Хаг (2012) која кристално јасно со 15 гласа “за”, а само еден глас “против” (само грчкиот судија гласаше така), пресуди дека е прекршена Времената спогодба од Њујорк (1995) според која Грција не треба да попречува прием на нашата земја под времената референца ПЈРМ. Токму САД, веднаш по објавувањето на пресудата, наметнаа во НАТО став дека во Букурешт била донесена “политичка одлука” и пресудата од Хаг не се однесувала на НАТО, а поради тоа Македонија си остана во чекалната на Алијансата!!! Повторно: чии интереси со таквиот став застапуваа САД?
        Вреди да се спомене дека на многумина во НАТО им е преку глава грчкото безумие со блокадите на нашата земја заради нејзиното уставно име! Поранешниот канадски министер за одбрана Питер Меккеј сред Вашингтон уште пред 12 години констатира дека:”Е дојдено време Алијансата да донесува одлуки по принципот СИТЕ МИНУС ЕДЕН” (наместо со консензус), со други зборови: сите членки минус Грција, имаји го во предвид нејзиното однесување со непринципиелните блокади кон Република Македонија која со години важеше за најсериозен и најспремен кандидат за членство во НАТО. Заложбата на министерот Меккеј не помина ни тогаш, ни досега!
        За двојниот пристап на САД кога е во прашање нивтата наводна “силна подршка” на Република Македонија (верен сојузник на САД во војната во Ирак, Авганистан, интервенцијата против режимот на Милошевиќ 1999….), е интересен и следниот детал: на Царинска служба на РМ на почетокот од годинава  амбасадата на САД и подари шест скутери (замислите, дури шест скутери!?) “за борба против шверцери”,  а некако во исто време во Албанија почна истоварот на првите од вкупно 300 тенка и друга опрема подарок од САД. Ако може да се верува на “Гугл”, Албанија во моментов има 933 оклопни возила и ако на тоа се додаде американската воена помош од уште 300 модерни тенка (најверојатно повлечени од Авганистан и репарирани), со право се поставува прашањето: чуму му е на нашиот источен сосед толку големо количество силен оклоп??? Да не ќе да е тие тенкови да се наменети за некоја друга дестинација, преку Албанија, Косово на пример?
        И само уште еден пример што многу речито говори за американската “силна подршка”, а се однесува на фамозната “Тиранска платформа”. Такво нешто нема, туку има ПЛАТФОРМА ОД ЦИА што бившиот директор на ЦИА Џ. Бенет ја донесе во главниот град на Албанија на почетокот од минатата година, а беше претставена како “Тиранска платформа”, за притисокот и понижувањето на Република Македонија да бидат што поголеми! Свесни сме за последиците од таа платформа што внесе толку голема политичка нестабилност и етничка нетрпеливост до степен на вриење во нашата земја.
        Се наметнува и прашањето: Зошто Вес Мичел не се сретна и со Претседателот на државата Ѓорге Иванов при неговата прва посета на Македонија? Свесно го игнорираше Претседателот на државата која е стратегиски партнер со САД, не го смета за релевантен фактор шефот на нашата држава (кој според македонскиот Устав има значително влијание во надворешната политика на земјата), или Тој (Иванов) не им се вклопува во сценариото на Стејт Департментот што преку нивните дипломати во Скопје (мешање во изборниот процес, мешање во судството, наметнување на закон за јазици и што се’ друго ќе видиме и ке доживееме до самитот на НАТО во јуни, во Брисел), се спроведува во нашата земја со единствена цел да ја разнебитат по сите основи и каква-таква да ја внесат, ако треба на мускули, во НАТО и како што тврдат, да ја заштитат од наводната загроза од (според мене виртуелното) руско влијание!?
        Вес Мичел кажа што кажа сред Скопје, при тоа во ниту еден миг не го промени својот механички ладен израз на лицето (несвојствен за млад човек на неговите години), но тој треба да е свесен дека неговата прва посета на нашата земја – стратегиски партнер на земјата што тој ја претставува, сепак беше блед и неубедлив перформанс. Разочарувањето е уште поголемо бидејки Вес Мичел го доживувавме како претставник на новото време во надворешната политика на САД што го најави претседателот Доналд Трамп, зад кого застанавме речиси плебисцитарно и ние во Македонија но, за жал, реалноста не ги потврди нашите надежи и очекувања.
                                                         хххххххххххххххххх
        Американската амбасада во Скопје соопшти дека во соработка со македонското МВР ќе остварат заедничка вежба зa – според соопштението на амбасадата: “Итна реакција на МВР со амбасадата …”!? Интересно, секако многу интересно, бидејки од осамостојувањето (1991) до денес таква активност се нема случено во Република Македонија.
        И што треба да се заклучи од соопштението за оваа активност? Станува збор за рутинска активност, или можеби предвесник за некои бурни настани што треба да се очекуваат, а што можат да иритираат толку голема реакција на македонските граѓани за што амбасадата треба да е на штрек? Или можеби станува збор за уште еден бисер од сценариото на ЦИА и Стејт Департментот? Ваквото можно сценарио секако многу загрижува (не ќе да е на арно), но останува времето да покаже за што станува збор.
М-р Мартин ТРЕНЕВСКИ, поранешен министер и амбасадор
Image result for мартин треневски