А народот, го заборавивте?

А народот, го заборавивте?

Повеќе од извесно е дека најдоцна со претседателски избори догодина ќе дојде и до промена на власта во државата.

Тоа им е јасно на сите. На странците кои ќе сакаат да се ослободат од баласт на ваков кловн каков што сега имаат за партнер. На СДС функционерите на кои како што им се смалува времето за престој во владините фотељи, така им се зголемува апетитот што е можно повеќе да се украде. А ова му е јасно и на ВМРО ДПМНЕ кој ќе оди на варијанта да остане патриотска опција, ама со никого заради тоа да не се поткара. Оти би било тешко да гледаме нови извинувања од нови ликови.

Промената на власта е и далеку од сега, ама и блиску. Зависи од која перспектива се гледа. Основниот проблем е што има доволно време болесниците од СДС на сила, како и што го презедоа Парламентот, да го спроведат преименувањето. Па кога ќе се врати ВМРО ДПМНЕ помирително, или погрубао опишано како опортунистички, да соопшти дека ете наследил ситуација со променето име, закон за двојазичност, ослободени албански-муслимански терористи и договор со Бугарија, па дека тука нема што сега да прави. Па ај да гледаме напред.

Ова погорново е проблем за нас, обичните граѓани.

Проблем за новата власт, онаа на Христијан Мицкоски, ќе е бројот на освоени депутати во парламентот. Бидејки од тоа ќе зависи колку неговата преговарачка позиција са правење влада ќе биде силна и колку неговиот капацитет за коалицирање ќе биде ставен на тест.

Иако до тие некои избори има повеќе од 7-8 месеци, партиите веќе се излезени на терен и работат со својата изборна кампања. СДС да ги убеди гласачите дека авионите се бесшумни а платите се зголемуваат, ВМРО ДПМНЕ да ги убеди своите дека остануваат на корените па да се заборави на “центар кон десно“ ветувањето, а малите партии ќе пробаат да ги доубедат уште помалите од нив да им се приклучат.

Но, како што гледам ниту една од полтичките опции засега нема програма со битна реформа што ќе ја понуди. Сите се во трка за прелажување на гласачите.

Не гледам некој да вети голема реформа. Неопходна, значајна, историска, ама болна. Многу болна. Толку болна што спроведувачот на таа реформа која е преку потребна за народот, ќе се соочи со пораз на изборите после тоа. На тие де, некои следни, во 2023-та.

Сметам дека опортунизмот ќе ги надвладее народните и државните интереси.

А еве реформа која не после 7 месеци, туку пред 4 или 8 години требаше да се спроведе доколку не беше на власт опортунистичко скроена гарнитура. За ова се говореше во моите емисии, ама сите сакаа да преминат преку него без потешки последици.

Па така, според светски утврдени рамки, мала, неагресивна, мирољубива, и цивилизирана држава би требало да има администрација на ниво од најмногу 20% од бројот на вработените во државата. А, кога е во прашање полицијата, помалку од 200 полицајци се доволни за на секои 100.000 граѓани. Канада има 185 полицајци на 100.000 граѓани, Швајцарија ги има 210. Македонија има 564 џандар на 100.000 сограѓани.

Во Македонија има над 15.000 полицајци. Според некои извори со рамковните ги има и повеќе од 20.000. Ваква голема униформизација донесува не да се намали криминалот, ами да се зголеми. Луѓето со значки, капи, еполети, чварки, пиштоли и пендраци сметаат дека станале важни и значајни. Иако тоа не е заради нив, туку заради нивната униформа. Ако ја немаат унииформата, значката и пиштолот ќе се обични граѓани од кој никој нема да се плаши, ќе им немаат респект и не ќе можат да вршат работа преку ред или со врска. Впрочем затоа и џандарите и кога не се на работа се во униформа а на ретровизорите во аутата им виси знакче кое индицира дека сопственикот на аутото е полицаец. Толкава голема џандаризација на државата, на кратка патека донесува некој егзистенционален мир за партија на власт која вработува свои деца, ама на долга стаза тоа донесува поврзување на униформата со подземјето. Најголемиот дел од министирите, директорите и началниците во полиција, БЈБ, УБК и слични институции се или предмет на големи малверзации (последново со џипот у Грчка е баш онака козерија), или се ликови кој од полициска плата влегле во мултимилионски бизниси со ископи по рудници, камиони, кипери, превози, хотели…, или се вклучени во најголемите и најштетните скандали на шпиунирање и прислушкување како што се случаите со Зоран Верушевски и Сашо Мијалков.

Капак на се е што џандарите кога ќе се нафатираат (на пример со приватизацијата на Центро), формираат свои партии како во случајот на Павле Трајанов или Јанко Бачев. Или пак се активираат партиски како што се случаите со Слободан Богоевски, Љубомир Фрчкоски и слични.

Бидејки тие 20-и-кусур илјади луѓе и нема баш што да работат, бидејки со нив и без нив криминалнот не се смалува ами цути, тие во слободното време си прават шеми како своите 3-400 евра да ги направат 30 или 40 илјади евра.

Околу борократијата. Тука ги одземам луѓето што се од државната каса платени а работат во образованието и во здравството. Сите други останати бирократи, шефчиња, секретарки, началници, инспекции, контролори и триста други звања се вишак и терет за државата и за секој нас посебно.

Професорот Џејмс Хескет за огроманат администарција би рекол:

“WE HAVE A WORD FOR IT; WE CALL THESE PEOPLE ‘ZOMBIE MANAGERS.’ THEY KEEP ON PUSHING PAPERS ROUND AND ROUND, AND THEN THE ACTUAL DECISION GOES TO A GUY WHO DOES NOT UNDERSTAND THE SUBJECT AT ALL”.

Си ги врткаат хартиите, и на крај ги даваат на некој кој појма нема за што се работи. Ете, тоа е бирократијата, која ние ја плаќаме.

Светските норми кажуваат дека бирократијата не смее да на повеќе од 20% од вработените. Во Македонија немаме еден милион вработени, а сепак имаме над 200.000 администрација. Секако, ниту една политичка гарнитура, ниту еднаш, не се осмели да преброи и соопшти колку администрација плаќаме. И навистина, колку имаме вработени? Според државниот завод за статистика ги има околу 750 илјади вработени. Ако навистина е така, би требало да има под 150 илјади административци. А ги има многу повеќе, заедно со “рамковните“ тоа е бројка што ја носи државата во задолжување и банкрот.

Значи една од најбитните реформи е рефромата  во јавната админситрација (тука спаѓа и судството).

Намалувањето на криминалот и енормните трошоци е директно поврзано со намалување на бројот на вработените во безбедносните сили. Оти вакви, тешко дека ќе не одбранат од нешто. Бидејки одлуките, како оние од 2001-ва или оние од “Диво насеље“ не се војнички, командни или стручни, ами политички од политичари цвикатори. Па така сеедно е колку полиција имаш, кога секако “дупе ти гаче жваче“.

Болно ќе е знам, но од 20-и-кусур илјади, полицијата ќе мора да дојде на бројка од 4.000. Тоа значи дека 4 од 5 џандари ќе мора да нуачат како е да се заработи леб со свој труд, пот, бизнис или работливост а не со униформа и пиштол во футрола. Намалувањето на бројот на полицајци би намалил и друг етнички проблем. Имено, дури и некоја нова власт да опстои на тоа дека 20% од вработените треба да се етнички албанци, тоа значи дека под униформа и со наоружување ќе ги има само 800.

За следните избори, доколку ви е тешко да ветите дека ќе отпуштае од државна работа, еве ви идеа за нешто поситно. НЕМОЈТЕ ДА ГО ПЉЧКАТЕ НАРОДОТ НА ПАТАРИНИ.

Пред се, за да има воведено патарина во ЕУ западните земји, кон кои така слепо се стремиме, мора покрај автопатите како алтернатива да има и локален пат. Тоа кај нас го нема.

Доколку ги земеме примерите со земји со вињетки, еве пример со најскапата, а тоа е Словенија. Таму годишна вињетка е 110 евра (во австрија е помалку од 90), или во наши пари 6.700 денари. Тоа е 590 денари месечно. И, ТОЛКУ.

Кај нас е голема пљачка со години. За ова сум се расправал со директорот на државни патишта и ресорниот министер во мината влада. Тврдев дека треба вињетка. Фер е кон сите наши и фер е кон странските пропатувачи низ земјава. Тие тврдеа дека не е така,  ги обвинив дека всушност народот додатно го оданочуваат.

Еве да земеме пример. Човек што има потреба два пати неделно од Кавадрци да дојде до Скопје и назад, и човек кој од Велес секој ден треба да оди во Скопје и назад. Значи, некој што оди на работа, во школо, на доктор… Кавадрци – Скопје и рикверц цената е 60+80+40 x 2 = 360 денари. Односно скоро 6 евра на ден. Месечно ако оди 8 пати е 50 евра, годишно тоа е 600 евра. Во Словенија тоа чини само 110 евра. 5 пати плаќаме, или сме по богати, од словенците?

Овој од Велес за Скопје и обратно има 80 + 40 x 2 = 240 денари на ден. Или 6 евра на ден. 5 дена во седмицата е 30 евра неделно, односно 120 евра месечно. Односно 1.440 годишно. Како вињетка за камион тегљач. Или попросто, колку што словенецот плаќа за цела година, велешанецот плаќа за еден месец.

Па така, новите избори ќе дојдат. Власта ќе се смени.

Што станува со народот?

 

 

Миленко Неделковски

Македонија 11.08.2018

14.51 ч.