Со понеделничкото примопредавање на кабинетот во “Палатата“, заврши ерата на Никола Груевски како лидер на ВМРО ДПМНЕ.
Таа ера имаше три фази: 1. Влез на мала врата; 2. Големи дострели што во блиска иднина никој нема да ги достигне; 3. Срамно заминување како последен криминалец.
Или, каубојски да се изразам: Ушо је тихо и још тише изашо.
Да расчистам една дилема на почетокот од текстов. Јас не тврдам ниту една од трите набројани точки, но таа е сликата која од надвор се гледа. Вистина или не, праведно или не, тоа е скрин шатот.
…
Политичкиот тестамент на Никола Груевски е неговиот говор во Валандово завчера. Па, како феарвел спич, вреди да се изанализира и прокоментира.
Основен впечаток од целиот говор е дека инаетливиот Никола Груевски не се откажа од својот инает. И покрај тоа што инаетот го доведе во оваа незавидна ситуација. Со самото тоа, јасно е дека првиот впечаток е дека говорот му траеше ПРЕДОЛГО, час-и-половина дури. Пак. Преобемно, презаморно, пренеслушливо. Досадно до зла бога. Говор со податоци, но без поенти.
Од таков говор, сепак на крајот произлезе дека за се што направил бил во право, за ништо не е виновен ниту одговорен, а дека другите немале доволно информации за да бидат умни како него. Па така, и при тонењето, не признава дека е виновен што удрил во сантата мраз.
…
Но да појдам по ред со набројувањето на кажаното:
- Најнапред вели: “Не слутевме до пред една недела“…, а во врска со писмото и потезите на Илија Димовски, Трајко Вељановски и Антонио Милошовски. Кога еден лидер “не слутел“ дека вториот човек во државата, поранешниот прв дипломат и до вчера шефот на пратеничката група се дебело уценети од “Тврдината“ на Кале – тогаш значи дека ниту неговите проценки и претпоставки биле како треба, ниту пак внатрешниот безбедносен систем му функционирал како треба.
- Натаму, “Тешко му паѓа“ кога ќе види вакво однесување на блиските соработници. Може ли Груевски да замисли колку нам, на народот, тешко ни паѓа кога дознаваме какви кадри собирал и форсирал околу себе?!
- Никола Груевски во говорот завчера пробува да стави знак на равенство помеѓу денешниве функционери на ВМРО ДПМНЕ што му свртеа грб и оние од 2003-та. Поприлично е невкусно ова да се пласира бидејки во 2003-та година сите што ги нарекува “блиски соработници што одеднаш се налутија и се раскараа“ беа кастинг на Љупчо Георгиевски. Ниту еден на Груевски. Сосема спротивно, сега денешниве “налутени и раскарани“ се сите до еден негов избор. Кој е виновен за погрешната кадровска евалуација?
- Играјки на кратка меморија на публиката, а некои тогаш навистина биле во пелени, вели дека СДСМ морал со помош на ДУИ да ги фалсификува претседателските избори 2004-та. Но ако човек се потсети на тие избори, му се поставува прашањето зошто ВМРО ДПМНЕ по наредба на Никола Груевски излезе во попладневните часови на избрачките места и го набилда цензусот за Бранко Црвенковски да стане претседател? За ова Мирка Велиновска директно во очи го праша Никола Груевски во мојата емисија пред повеќе години. А и прашање е зошто тогаш ДУИ кои фалсификувале потоа ја земаа во својата влада?!
- Околу Љупчо Георгиевски и возобновување на пријателските односи со него. Дилемата е дали кога си разговарале, ножот сеуште му бил во грб, или бил изваден?
- Последните три години, вели Груевски во говорот, се најтешките во неговата кариера, години обременети со византоски игри. Подли, валкани и нечесни игри. Мислам дека досегашниот претседател на ВМРО ДПМНЕ и поранешен премиер треба да знае дека неговата тежина во последните три години не е ништо во споредба со тежината што во истиот период ја трпи Македонскиот народ од неговите и на ВМРО ДПМНЕ потези на повлекување, попуштање, отстапување, собирање на маса на луѓе на митинг па веднаш потоа враќање на сите по дома. Знае ли Груевски, со нивните и на нивните срански партнери од ЕУ и САД византиски игри, колку во овие три години му беше тешко на секој Македонец? Кога секој од нас гледаше неуставно и незаконско повлекување и попуштање. Неуставно откажување од легално закажани избори. Незаконски поставени министри од СДСМ. Неуставен и криминално поставен СЈО, иако требаше да биде само СЈОбвинител – еднина. Колку ни беше тешко сознанието дека се откажува од Сашо Мијалков. Знае ли што народецов пропати овие три години?
- Исто важи и за “ножињата“… Се жали на нему забиените ножиња од страна на од него избраните соработници. А што да правиме ние со ножиштата забиени од него и неговите соработници што ние 10 пати по ред ги гласавме? Тие ножови ги гледа ли? Или само неговите важат?
- Потоа, од 30-тина негови најблиски соработници што биле во штабот, добар дел биле ептен среќни од поразот на локални! Па чија селекција беа тие? Чив кастинг? Кој ги избра и постави? Јас сигурно не. Како е можно половина од персоналот во РИШ да се радува на поразот на сопствената партија?!
- Разочарувачка е изјавата дека “на луѓе им дал многу, им дал доверба, шанси, функции, привилиегии и почести. Тие му копале гроб“. Не разбрав?! Нешто било на татко му, па он од тоа им дал? Или би требало за местата за кои треба да се луѓе од “доверба, со функции, привлегии и почести“ да се изберат најспособните. А не оние на кои нешто ќе им даде. Вака ми заличе на Бранко Црвенковски кој ни соопшти дека тој го направил човек Ѓорги Спасов.
- Уште поразочарувачко е призанието од страна на Груевски, а сознанието за сите нас дека со години во “Палатата“ имало “сплетки, дворски игри, лицемерие, дволичност, несикреност, алчноста, интриги и предавства“. Па што побогу вие сте работеле таму?! Секој од овие “епитети“ да важат за само тројца луѓе поединечно, значи дека 25 души, односно 4 луѓе по спрат во “Палатата“, се занимавале со вакви “државнички“ активности! И тоа сега на крај го соопштува Груевски? Завчера ли му ги кажаа? Кога го дозна и констатира ова? Ако е тазе осознаен, тогаш бил некомепетентен да предводи толку луѓе. Не можел да процени кој се го лаже. Ако пак ова од поодамна го знае, зошто го криел од членството и јавноста? Односно зошто лажел?
- Спротивно на погоранава точка, Груевски тврди дека во ВМРО ДПМНЕ има многу силни личности, честити луѓе, луѓе со висок морал и капацитет, луѓе со чиста совест… Но слушајки го ова, веднаш по оној предходен дел за дворските игри, легитимно е прашањето зошто нив не ги стави, побогу? Зошто ним не им дал “доверба, со функции, привлегии и почести“ ? Или и за нив, дека се саглам, дознал завчера?
- Делот за ФБ е особено интересен. Вели “ФБ е медиум во рацете на луѓето, кои се без доволен број информации, па знаат да изградат погрешен став водени од емоции“. Бидејки ние немаме, а тој имал, информации, дали тоа значи за да не погрешиме треба и да немаме свој став. Односно дека треба да го копипастираме неговиот? Без информации што да правиме? Да дремеме?! Баш ме интересира селаните низ Македонија какви информации имале пред 100 години па донесувале ставови со кои не грешеле?
- Груевски повикува и на “детално анализирање и добро промислување“. Па би било интересно да разбереме дали детално се промислило при неуставните преговори и договори во Пржино? Добро би било да знаеме дали анализирале дека е тоа нешто незаконски?
- Тој се жали и на полтиката водена од ФБ, каде масата (народот) е неинформиран! Во исто време тврди дека ВМРО секогаш била про-западно настроена (СДСМ секогаш била про-источно настроена, па што?). Овие две работи се во директна спротиставеност една на друга. Оти западот лежи на социјалните мрежи. Еве на пример Трамп кој е 24/7 на Твитер. Дали е тоа Твитер политика?! Ем сакам запад, ем ми смета ФБ како на братот Ким! Груевски се жали на користењето на социјалните мрежи за политички цели. Па тоа е кубурот во денешно време, пријателе. Тоа е отпорот. Тоа е борбата.
- Интересен е делот околу стабилноста и опстојувањето. Стабилност, вели Груевски, е прв знак на сериозност кај еден политичар. Прашање е што правиме со трите години нестабилност, климавост и повлекување? Груевски вели “Да се опстои на политиките – не со секојдневно менување на ставот согласно дневното расположение“. Па само човек да го види прогласот на ВМРО ДПМНЕ прочитан од Никола Груевски лани ова време пред ДИК, ќе види дека ништо нема од “не менување на ставот согласно дневните политики“.
- Говорот што го прочита Груевски покажува и еклатантно политичко и историско незнаење. Како е можно да се спореди, во ист кош да се стави, СССР од 1924-та и денешната Руска Федерација. Тогашна посто октомврсика комунистичка СССР и сегашна капиталистичка Русија?! Па со самото тоа и споредувањето со Тодор Александров е дегутантно.
- Крајно, Груевски заклучува, во што апсолутно се согласувам, дека “она што партијата ја прави партија е идеологијата. Таа е арматура на партијата“. Да, но во Валандово не видовме ниту еден идеолог?! (Интелектуалец, не значи и идеолог. Факултетски образован, не значи и интелектуалец…). За 10 години, со исклучок на Мартин Протоѓер, тешко до може да се види дека некој таму одговара на профилот идеолог. На профилот Полит-комесар.
…
Во својот настап, Груевски имаше и дузина пораки до новиот лидер и раководство. Прво што Груевски му препорача на Мицковски е дека “Ново раководство носи нови луѓе“. Христијан, како што се гледа, го “послуша“ својот досегашен претпоставен, па за шеф на пратеничка група на партијата го постави Влатко Ѓорчев. Баш вака еден свеж и нов лик. Некрофил кој ја фати на 27-ми спротивната страна во однос на оние што се сега во зандани.
“Перцепција кај албанското население, која е негативна во однос на партијата“ тоа да се променело, вели Груевски!!! Можно ли е еден таков политичар со толкаво искуство да не осознае дека албанците не гласаат за тие што ќе им се умилкуваат, ами за тие за кои им е наредено. Но како и се погоре, така и ова е продолжување на инаетењето на Никола Груевски кој смета дека се што направи е исправно, а се што многумина добронамерни му сугерираа е погрешно. Од инаетот не избега, и тоа го потопи.
Во тој контекст сугерираше и “да продолжи новото раководство да ја јакне соработката со коалиционите партнери. Многу биле значајни во победите“?! Кои беа значајни за победите? Чедо Саздовски, Панчо Минов, Лиле Поповска, Павле Трајанов, Анди Бајрам, Кашмир Салиу – кој?
Никола Груевски не ги откри, нему познатите “Претседатели на комитети, поранешни или сегашни државни и партиски функционери, што направиле предавство на партиските интереси“. Толку ги кажуваше во множина, да човек се прашува колку навистина правоверно членство има ВМРО ДПМНЕ? Зошто членството и јавноста не можат да знаат кој се предавниците во партиските редови? Зошто не може да бидеме сведоци на финално пречистување, кога партијата потоа би продолжила без либерални, комунистички и кариеристички импланти. Да се исчисти јавно, со име и презиме, од такви на кои со години беше предупредуван Никола Груевски. Предупредување што не сакаше да го послуша. “Неговите“ кадровски решенија секогаш беа подобри. За на крајот да заврши како еже со ножиња во грбот.
…
Едно од најболните моменти е случувањето на 27-ми и неговиот настап на 28-ми рано наутро. Груесвки упорно тврди тоа што не е, дека тие што влегле (и тепале) се виновни. Ете уште еднаш, се приклучува на некрофилијата на Владимир Ѓорчев, каде иако се собира на протести пред Шутка, сепак вели дека луѓето во април згрешиле. Значи – виновни се.
Вели “Сите ние ги поддржувавме мирните протести“, иако за 7-и-пол месеци ниту него, ниту некој од неговте блиски соработници, не видовме по улиците на протести. Претпоставка е дека биле зафатени со византиските игри во “Палатата“.
Порача Груевски и дека “Водени од емоции се прават кардинални грешки“. Па се прашува човек, можно ли е емоциите во врска со судските разрешници и можни затворски казни, да се емоциите кога се прават кардинални грешки?
Крајно, Груевски повика на донесување на закон за амнестија, па со самото тоа и на простување и помирување. Едно заборава Никола. СДСМ не е ВМРО ДПМНЕ, Заев не е Груевски. Тие не се расположени ниту за амнестија ниту за помирување. Тие си имаат друга шема и тактика. Таа се вика “Ламбе-Војо тактика“.
…
А доколку “амнестија“ значи слобода за оние од Смилковско, укинување на сите прогони од СЈО, плус менување на името – нека се каже на време.
За да не бидеме неинформирани, туку ко него добро информирани, за да не мора да донесуваме погрешни процени и заклучоци.
Миленко Неделковски
25.12.2017
Скопје 23.03 ч.
Напомена:
Следниот текст ќе е АНАЛИЗА НА ГОВОРОТ НА Х. МИЦКОВСКИ ВО ВАЛАНДОВО