„Одговорно тврдам дека нема вмешано политичари во случајот“ – рече државниот јавен обвинител Љубомир Јовевски одговарајќи на новинарско прашање за тоа дали се точни наводите дека во исказите се споменати и високи функционери на власта, вклучително и Зоран Заев. Рече Јовевски и излажа. Но, ајде ќе речеме излажал бил под притисок на Заев, но каде е одговорноста на Јовевски? Најмалку што може да направи по ваков скандал е да си поднесе оставка. Ова не е гаф или незнаење, тоа што го направи Јовевски е прикривање на евентуални сторители на кривични дела и тоа луѓе од кои зависи функционирањето на државата. Затоа, оставка е она што е единствен оправдан потег кој Јовевски може да го направи во овој момент. Се друго би било шлајф во празно.
Излажа и Зоран Заев кој пак се закануваше со тужби против мене. Излажа и обвинителката Вилма Русковска, која тврдеше дека записниците, односно содржината од записниците кои ги објавив не биле точни, односно само делумно се точни. Но еве, на Русковска можеби и можеме да и простиме откако вчера се поправи и ретерираше од првичната изјава со оправдување дека во првиот момент кога била објавена аферата тие не располагале со докази кои имплицирале на вмешаност на политичари. Но, и тоа е тенко. Зошто?
– Па тенко е од еден единствен аспект, политичарите, меѓу кои и Фросина Ременски се споменати уште во пријавата на кривичното дело. Споменати се уште пред исказите на сопругата на Камчев, која пак ги повторува имињата на истите политичари. Јовче и Фросина Ременски, Зоран Заев, Никола Димитров, Радмила Шекеринска….но еве, да дадеме време па можеби Русковска ќе исплива на врвот помеѓу ајкулите и конечно ќе се ослободи од притисоците на политичарите за кои „немаше импликации дека се вмешани“ и како што вчера вети ќе покрене истрага и против нив.
Да не заборавиме, лажеше и Фросина Ременски. Која иронија, лажеше па дури со нејзиниот сопруг бараа да им се извинам затоа што сум им ги објавил имињата како дел од записник на пријавител во случајот „Рекет“. А, денес гледаме биле вмешани. Ременски дури доби и статус на осомничена во аферата „Рекет“. Но она што ме иритира дополително, и мене но и јавноста е лажната моралност и етика на Фросина. Се сеќавате сигурно како Фросина објаснуваше и го хвалоспеваше Павле Богоевски кој си даде оставка од пратеничката функција поради „пола“ – како што вели тој половина грам марихуана- а некои пак „бело“. Ременски објаснуваше дека ние, новинарите но и политичарите треба да се срамиме што сме го ставиле Павле во незавидна позиција, а додаваше дека сите требало да земат пример од Павле и да постапат како него. Демек, Павле бил пример и за неа.
Арно ама, еве денес веќе Фросина се движи низводно. Контра тоа што и самата го промовираше како врвно морално начело, па наместо да си даде оставка од функцијата реши да го дефамира Заев и да каже дека таа, иако осомничена, нема да си даде оставка. Толку од моралитетот на Ременски. Ова, за во иднина да се знае кој смее а кој не да дели лекции за морал и етика. И да не се заборави кој си го поплукал сопствениот збор.
Лажеше и МНР Никола Димитров, кој прво тврдеше дека никаде не бил споменат и дека воопшто не знаел за случајот уште пред да започне истрагата. Вистината е дека тој знаел неколку месеци претходно, откако нерезидентен амбасадор на земја членка на ЕУ го предупредила Димитров дека се случува рекетарска шема. И не само тоа, Димитров потоа ретерираше од изјавата дека „не знаел“, па објаснуваше дека тој знаел но не бил запознаен со целиот случај. Како и да е, и Димитров лажел.
Лажеше и министерот Дамјан Манчевски, кој тврдеше дека немаме импресум и дека сме фантомски медиум. Напротив, имаме импресум и сме регистрирана компанија која делува речиси 10 години на Македонскиот пазар.
Радмила Шекеринска испадна најмудра, не се подаде со ниту една изјава која би можела да ја внесе во спиралата на докажување, знаејќи дека ќе мора да лаже за нејзината вечера со Боки и Катица на денот кога шефицата на СЈО и шефот на 1ТВ земале 1.5 милиони евра од Камчев.
Лажеше и Горан Сугаревски кој во август месец, по објавувањето на содржината на записниците од исказите рече дека „според наши сознанија нема вмешани функционери на СДСМ во овие случаи“.
Но највеќе лажеше Зоран Заев. Неколкупати тврдеше дека не се познавал со Кичеец. Потоа испадна дека често се гледале со човекот во неговиот кабинет, наводно за да дискутираат за инвестиција во рудници. Потоа лажеше дека не се познавал со Бојан Јовановски, испадна дека не само што се познавале, Заев бил и кај него дома во Орман – барем според исказите на сведоците.
Зоран Заев се уште лаже дека тој не ги предупредил рекетарите дека е започната истрага против нив по пријава на Орце Камчев. Дотолку повеќе, Зоран Заев лажеше дека тој го пријавил случајот, за што нема ниту една службена белешка во обвинителство.
Зоран Заев се уште не ми одговори зошто на 25.04.2019 биле исклучени камерите во Владата. Со кого се сретнал?
Но еве и уште едно прашање за премиерот, знае ли шефот на владата дека целиот случај не го снимале само жртвите на „Рекет“? Знае ли дека снимале и две странски служби?
Тие дури и се закануваа дека ќе ме тужат, дека јас и „Инфомакс“ сме ширеле лажни вести, дека ние сме работеле во нечии странски интереси.
За сите овие лаги и обвинувања на сметка на „Инфомакс“ и мене како главен и одговорен уредник, за сите навреди и клевети дека сме ширеле „лажни вести“, Заев и сите погореспоменати ќе добијат соодветни тужби.
Само едно ќе додадам за крај, ве снимале.
А.Митовски
Скопје, 09.10.19