Правните недостатоци на Договорот со Бугарија
Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија има повеќе недостатоци кои можат да доведат до негово поништување или престанок (во
правната теорија поништувањето на договорот се разликува од неговиот
престанок).
Прво, Договорот има недозволен предмет бидејќи ја исклучува грижата за Македонците во Бугарија иако државите со билатерални договори треба да ја регулираат положбата на своите национални малцинства, а не да се откажуваат
од нив. Според меѓународното право, малцинските и човековите права влегуваат во корпусот на правилата jus kogens (апсолутно задолжително меѓународно право) од кои државите не се овластени да отстапат по пат на договорен ангажман. Ова е потврдено и од најкомпетентно место – Комисијата на ООН за
меѓународно право, Y-book of ILC, 1966/II, стр. 247-249.
Второ, Принудата спрема државата не е дозволена при склучувањето на
меѓународните договори (член 52 од Виенската конвенција). Бугарија, со цел да изнуди склучување на овој договор упати закана во смисла дека нема интегрирање/вето за Македонија во евроатланските интеграции доколку не се прифати договорот со кој сега гледаме се прави целосна ревизија на македонската историја.
Современото меѓународно право ги смета договорите склучени преку било каква закана (вооружена, политичка, економска…) за ништовни. Но, ваквата определба
помина тежок пат оти на Виенската конференција во 1969 година имаше
контроверзно толкување како од групата на западните држави, така и од групата на „новите држави„ сочинета од африканците, азијците и латино-американците, дали под закана се подразбира само вооружениот притисок или го опфаќа и политичкиот и економскиот притисок. Кога дебатата меѓу различните групи држави
стана премногу развлечена едногласно се усвои Декларација за забрана на заканата или употребата на политичка и економска принуда при склучувањето на договор со која се осудува заканата во секоја форма со цел да се принуди една држава да го склучи договорот. Оваа Декларација е придружена кон Виенската конвенција за договорно право што значи дека договорите склучени преку било каква закана (вооружена, политичка, економска…) се ништовни.
Трето, Меѓународен договор претставува израз на волја на два или повеќе субјекти на меѓународното право, со цел да се создадат реципрочни права и обврски за договорните страни, но, договорот со Бугарија не е реципрочен оти
содржи одредби од кои произлегуваат обврски само за Македонија.
Четврто, Договорот е спорен и од аспект на јазикот. Договорите се пишуваат на оној јазик што страните ќе го изберат. Во минатото, до 18 век, латинскиот служел како дипломатски јазик, од 18 век натаму преовладува францускиот, а по првата светска војна започна да се употребува и англискиот јазик. Двостраните договори обично се склучуваат на јазиците на двете договорни страни, што значи дека
договорот треба да се склучи на македонски и бугарски јазик. Во меѓународните односи се случува само страните да го изберат јазикот на едната договорна страна или, пак, поради олеснување, да го искористат јазикот на некоја трета држава, но, меѓународната пракса никако не ја познава јазичната конструкција
содржана во договорот „јазик согласно Уставот на…“
Пето, Гледано меѓународно-правно, договорот е во извесна контрадикторност, бидејќи, од една страна со него се бришат Македонците во Бугарија, а од друга
страна се повикува на документите на ООН, ОБСЕ и Советот на Европа, а токму принципите запишани во овие меѓународни документи се во духот на признавањето и почитувањето на човековите и малцинските права. Дури, според овие документи, стабилноста на меѓународниот поредок зависи од тоа во која
мера се почитуваат човековите и малцинските права во секоја држава. Во оваа насока, според домашниот закон за склучување, ратификација и извршување на меѓународни договори, Македонија склучува меѓународни договори согласно со
Уставот. Меѓутоа, одредбата од договорот со која се откажуваме од грижата за Македонците во Бугарија не е во согласност со Уставот.
Како заклучок, со договорот со Бугарија, марионетската власт во Скопје ја подарува целата македонска историја на Бугарија. Но, среќна околност е што постојат основи за поништување или престанок на договорот и национални и
патриотски сили во државата со определба да ги поништат антимакедонските договори. Но, ова претпоставува една претходна ситуација во која македонскиот
народ не смее да погреши на следните парламентарни избори.
Јанко Бачев
Авторот е професор по меѓународно право и претседател на Единствена
Македонија
Скопје, 25.10.19