Јанко Бачев

Јанко Бачев

Премногу манипулација, премалку вистина за македонската независност

 

Република Македонија на 8-ми септември 1991 се стекна со независност на еден дел од својата етничка територија и само за еден дел од македонскиот народ. Киро Глигоров, Стојан Андов и Никола Кљусев во своите книги веќе си ги прикажаа настаните според свое субјективно наоѓање, со цел да си обезбедат достојно место во процесот на создавањето на македонската држава.

 

Затоа, периодот од 28 години независност е добра прилика да се осврнам на некои прашања кои фрлаат поинаква светлина на процесите од тоа време.

 

Веднаш да кажам дека осамостојувањето беше апсурден случај на меѓународната сцена бидејќи Македонија стана самостојна држава наспроти желбата на македонскиот државен врв, кој до последен момент се залагаше за зачувување на СФРЈ и тоа од оправдани причини:

 

Глигоров како долгогодишен сојузен функционер, и своевремено во релации со КОС (за ова и псевдонимот на Глигоров пишував во мојата колумна во „Неделно време„ од 16 април 2006) дојде од Белград како делегиран човек, за да се обиде да го спречи македонското осамостојување, а кога се беше јасно со распадот на поранешната СФРЈ, Глигоров дури во декември 1991 воскликна – Македонија е се што имаме?!

 

Стојан Андов не сакаше да слушне за независност и во оваа насока промовирајќи ја својата партиска платформа во тоа време јавно обзнани дека е можна суверена Македонија, но, само во рамките на  суверена Југославија. На 8 август 1991, Андов на средбата со претседателите на општинските собранија пред одржувањето на референдумот  изјавува дека со референдумот ние во никој случај не одиме на отцепување на Македонија. Дури, на 8-ми септември 1991 година, Стојан Андов во попладневните часови брзопотезно го напушти Скопје при што вечерта преспива во Дојран, за наредниот ден, рано сабајле ја напушти државата заминувајќи во Грција.

 

Експертската влада на Никола Кљусев беше еден интересен спој на министри, од кои еден дел имаа надежи за независна Македонија, еден дел на врска со Бугарската национална разузнавачка служба и еден дел на врска со КОС.

 

Како и да е, на тогашниот македонски државен врв, меѓународните процеси не им одеа во прилог, бидејќи, наспроти нивните залагања, моќните светски актери имаа зацртано дека СФРЈ мора да се распадне по секоја цена.

 

Така бидна самостојната македонска држава. Поточно, контролирана македонска држава фигурира(ше) во американските интереси во регионот, а во тоа време во новонастанатите околности најмоќна сила остана САД, додека Русија ослабена се повлече од глобалната  сцена  во националните граници.

 

Инаку, претседателот Глигоров дури во декември 1991 година ја отвори својата последна карта – независна Македонија, откако ЕЗ на состанокот во Брисел од 16 декември 1991 година донесе декларација со која побара од југословенските републики да се изјаснат дали ги прифаќаат поставените услови за признавање кое ќе се применува од 15 јануари 1992 година со што се означи крајот на СФРЈ.

 

Со еден збор, македонски челници до последен момент се залагаа за зачувување на СФРЈ, но кога стана очигледна дисолуцијата се тргна по сопствен пат.

 

Накратко и за наводната опасност од војна и во Македонија во тоа време и наводната поделба на земјата од страна на соседите.

 

Во тоа време нема реална воена закана од Бугарија, Албанија или од Грција која како членка на НАТО би војувала со Македонија, или, пак, од Србија, која преку ЈНА (во тоа време веќе е под контрола на Србија и составена само со српски војници), само блефираше со можна воена ескалација и во Македонија.

 

Дури, соседите од свои интереси повеќе ја посакуваа самостојноста на Македонија отколу да ја видат на страната на спротивниот ривал (кај некој од соседите).

 

ЈНА немаше концепт да отвора ново воено жариште и во Македонија и тоа не како резултат на некакви алтруистички причини, туку заради немањето доволен капацитет за отворање на трет фронт и во Македонија како и реалниот интерес на Србија спрема БиХ во која 40% отсто од населението се Срби, отколку за Македонија каде 2% отсто од населението се Срби.

 

Впрочем, тоа може да се види и од повлекувањето на ЈНА која, според договорот требаше целосно да си замине од РМ на 15 април 1992 година, а си замина и порано во март поради најавата дека ЕЗ ќе ја признае БиХ (што и се случи во Луксембург на 6 април 1992) и потребата делот од ЈНА од поранешната Трета армиска област (Косово и Македонија) да се лоцира благовремено во БиХ за да ја започне тамошната војна.

 

Бидејќи, веднаш по повлекувањето од Македонија, ЈНА ја започна војната во БиХ по нејзиното признавање од ЕЗ, тогаш јасно е дека ЈНА немала замисла и моќ да отвора нов фронт и во Македонија.

 

Дури, македонскиот државен врв во тоа време (кој е во силни релации со КОС како и впрочем македонската Служба за државна безбедност која е под влијание на Белград некаде до 1995 откога американската ЦИА целосно ке завладее во регионот), е соучесник со ЈНА во крвавата војна во БиХ бидејќи дозволи целото оружје и нафтени залихи да заминат со ЈНА иако постоеше начин како да се сочуваат, но со оглед на просторот за ова во друга пригода.

 

Затоа, прашањето зошто немаше војна во Македонија, треба да се гледа од аспект на стратешките интереси на ЈНА (Србија) за војување на другите жаришта на југословенски простори отколку како резултат на наводната мудра политика на државниот врв во тоа време.

 

На крај, збор-два и за референдумското прашање.

 

Собранието на 6 август 1991 година донесе одлука за референдум на кој граѓаните треба да се изјаснат за прашањето: „Дали сте за суверена и самостојна држава Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверените држави на Југославија”.

 

Европските авторитети ваквото референдумско прашање со „додавка“ го протолкуваа во смисла дека Македонија со референдумот се определи за суверена држава, но, во рамките на асоцијацијата на југословенските држави.

 

На пример, на 7 декември 1991 година до претседателите на југословенските републики е упатен извештај од Арбитражната (Бадинтеровата) комисија во кој се констатира дека Македонија со референдумот се определи за суверена држава во рамките на асоцијацијата на југословенските држави, за разлика од Словенија и Хрватска за кои во извештајот јасно е забележана нивната волја за независност.

 

Во овој контекст, евидентна е коректноста на Роберт Бадинтер, бидејќи подоцна во Мислењето број 6 на Комисијата од 11 јануари 1992 година, во делот каде се оценуваат и цитираат клучните документи врз основа на кои се препорачува признавање на Македонија од ЕЗ не се спомнува референдумот од 8 септември 1991 година.

 

Во функција на изработката на мојата магистерска теза, во разговорот што го имав со Киро Глигоров на 31 октомври 2001 година, на прашањето кој е авторот на референдумската формулација, истиот воопштено ми напомена дека авторството е на државниот врв во тоа време. Во разговорот што го имав во МАНУ на 15 ноември 2001 година со Блаже Ристовски (потпретседател во првата влада во 1991 година), за референдумското прашање ми посочи дека летото 1991 година на средба во потесен круг во државната вила во Охрид, Киро Глигоров извадил едно ливче на кое било напишано референдумското прашање и притоа кажал дека ако така не се постави прашањето граѓаните можат да се произнесат негативно.

 

Како и да е, созреан е моментот да се расветли нарачателот на проблематичното референдумско прашање, со кое, како да прашавме – ако може во Југославија.

 

Ете, со оглед на просторот, најсумарно тоа се фактите за македонската независност. Се разбира, секој има право на сопствено мислење за ова извонредно значајно поглавје од нашата историја, но, никој нема право на сопствени факти.  

 

 

Јанко Бачев

Авторот е универзитетски професор по меѓународно право

и претседател на Единствена Македонија

08.09.19