ЈАНЕВСКИ

ЈАНЕВСКИ

ПУТИНОВИТЕ БАРАБИ ВО МАКЕДОНИЈА

Ние Словените од ФИРОМ сме многу нестрплив народ. Не помина многу од претставувањето на новиот американски амбасадор во РМ во Kонгресот, а веќе почнавме желно да го очекуваме. Да слета на „Александар Велики“ и да го понудиме со леб и сол. Би го придружувале уште од аеродромот во Вашингтон, ама не можеме. Ни треба виза, која нашиот нов амбасадор Васко Наумовски вети дека ќе ја укине. Оти на што личи тоа САД да ни се стратешки партнер, САД да ни се во срцето и душата, да сме добри за Ирак и Авганистан, ама да не сме добри за да стапнеме на земјата на слободата. Нормално, треба да имаме разбирање дека тоа е процес, како што вели Наумовски, а процесите секогаш траат. За заб да се расипе, требаат години, за виза да се укине, можеби и децении. Ама битно е дека сме на правиот пат. И дека од тој пат нема да скршнеме. Kако што порача нашиот амбасадор.

А не можеме во Вашингтон и зашто не бидува до таму да одиме само со леб и сол. Мора да имаме и барем некоја бонбониера. А за неа требаат пари, кои ние ги немаме. Оти сме сиромашна земја. Па во овој случај ќе треба да аплицираме кај УСАИД или кај „Сорос“, што повторно е процедура, како и за визите. Затоа најдобро е вака. И затоа да не чекаме до пет до дванаесет, туку уште сега да извадиме на проветрување некој од теписите од времето на Јосип Броз зашто таков е најприличен кога доаѓа газдата на државата.

За кого претседателот Иванов вели дека, најверојатно, службите лошо го подготвиле, па затоа наместо како Македонци, н` именуваше како Словени, што е показател за сериозна држава, која од толку многу крупни работи на главата не може да мисли на секоја дреболија како името на мнозинскиот народ во државата каде што амбасадорот оди. А ние, ви се молам, треба за тоа да покажеме добра волја. И повторно ви се молам, ни на крај памет да не ни биде дека службите на таква земја не грешат, па да помислиме дека амбасадорот тоа намерно го сторил праќајќи некаква порака. Или уцена. Пу, пу, далеку било.

Значи, како и да е, битно е да не дозволиме вакви нешта да ни ја затворат устата и да н` спречат во повторувањето дека сериозната земја ни е стратешки партнер. Најмалку три пати дневно. Веројатно тоа ќе биде и едно од прашањата за вонредното екстерно оценување во текот на зимава што доаѓа. Не знаеш кој ни е нашиот стратешки партнер? Марш во ќоше и да клечиш половина час на гравчиња. После тоа сто пати да напишеш на табла. А татко ти и мајка ти да дојдат на разговор. И Диме Спасов задолжително да им прати социјална служба. Kакво е тоа запоставување на воспитниот процес на детето? Бараби едни Путинови!

По ѓаволите, а некои овде се отепаа поганејќи ги луѓето од социјализмот што на времето за с` морале да прашаат во Белград, кој тогаш за нив бил Вашингтон. Ако треба, во исто време и Москва, и Пекинг, и Лондон и Париз. Не три, ами пет во едно. И сето тоа на едно место.

Патем, Петре Шилегов ни понуди уште еден доказ дека извршната власт не ја почитувала независноста на судството, што покажува зошто ни треба тутор. МВР на Гордана Јанкуловска (која уште ја чекаме да одржи прес-конференција со Пол Волерс по неговата изјава за корумпирани политичари во Македонија, како што тоа го стори по извештајот за успехот во борбата против трговијата со луѓе) уапсило десетина судии. Требало да праша во Републичкиот совет. И веројатно да најави за што најпогоден би бил писмениот пат. За да остане трага. Со оглед на тоа дека телеграми веќе нема, би се користела брза пошта. Дали сте на работа следниот петок во 14 часот? Сакаме да ве уапсиме. Не ви одговара во 14? Требало да одите на фризер? Добро, може во 15? И ве молам да испратите допис и до ЕУ. За да нема после пишувања по извештаи.

А во последниот од тие извештаи се најде и формулацијата за одвојување на државата од партиите. Во политички систем кој се базира на партии. Без нив, нема ни Собрание ни влада. Има непартиско општество, кое беше поставено како крајна цел на комунизмот. На еднопартизмот. Што значи дека ние бевме поблиску до таа цел со една партија, па ни велеа дека тоа не чини и дека треба да ги имаме повеќе. Сега кога ги имаме, требало да ги одвоиме од државата, чиј политички систем се базира на постоењето повеќе партии, кои се занимаваат со државни работи. По малку или по малку повеќе и со свои, но, сепак, основата е таа. И после онаа Словенката Братушек била катастрофа. Чудно, а според с` што покажа и кажа, таа дури би можела да биде и Јункер наместо Јункер. Но, ако, има време. Натаму е тргнато.

Дарко ЈАНЕВСКИ