ЈАНЕВСКИ

ЈАНЕВСКИ

МАКЕДОНИЈА ЌЕ БИДЕ ОЛРАЈТ

Ниту една анкета за СДСМ не е релевантна, ниту едни избори за СДСМ не се чесни, ниту еден медиум за СДСМ не е слободен с` додека нивната разлика со ВМРО-ДПМНЕ е 20 отсто. Односно 19, како што вели ИРИ. Во полза на овие немиените со брадите. За СДСМ, всушност, ништо не е во ред додека тие не победат. Тогаш, кога тие ќе победат, анкетите ќе бидат релевантни, демократијата ќе цвета, медиумите ќе бидат слободни. Тогаш Македонија ќе биде олрајт.

Партијата, всушност, уште живее во времето кога сметаше дека нејзино природно право е да владее, а овие другиве се само нужно зло создадено како колатерална штета на распадот на социјализмот и еднопартискиот систем што тие мора да ја трпат. Социјалдемократите очигледно уште не се помириле со тоа дека во Македонија е воведен повеќепартизам и дека тоа подразбира оти во одредени периоди ќе бидат во опозицијата. А спротивното, нивното доаѓање или враќање на власт, ќе мора да го одработат.

За Заев, проблем биле и максималните казни за демонстрантите против „Монструм“. Зошто такви казни, прашува Заев. И додава: Судијата, најверојатно, бил под притисок. Тој не се меша во работата на судијата, ама топло препорачува отсега, наместо според Уставот и Kривичниот законик, да се суди и да се води сметка и за градењето меѓуетнички соживот во Македонија. Па, ако некоја пресуда може да налути некоја етничка заедница во Македонија, тогаш казната треба да биде помала. И обратно. За по оваа лекција, да заклучи дека судијата „најверојатно“ бил под притисок. Ете финален доказ за зависното судство во Македонија. Зборот на Заев. И судијата, кој одредил казна во рамките на таа што е одредена со Законикот. Kој го минал филтерот и на ОБСЕ и на ЕУ и на Советот на Европа. Алал вера. Многу умно. Во други држави ова би било сфатено како повик до оние што сметаат дека треба со насилство да ја урнат оваа држава да не запираат. Во Македонија? Среќа што Заев малкумина го сфаќаат сериозно.

Во Украина се откриени масовни гробници. Во една биле пронајдени пет жени. Најдете еден западен медиум кој тоа го пренесува. И најдете еден западен медиум кој тоа нема да го пренесе ако утре случајно се покаже дека за гробниците се виновни проруските бунтовници, а не украинската војска. А убиените жени и во едниот и во другиот случај се исти. Со исто име и презиме, со исти семејства.

Барак Обама им објави војна на терористите од ИСИС. Ги бомбардира нив, но и нивните нафтени полиња од кои тие заработувале по неколку милиони долари дневно. А на кого тоа тие му продаваат толкаво количество нафта? Kако го прават тоа? Ја шверцуваат нафтата во најлонски кеси преку граница? Навистина, како се шверцуваат десетина илјади барели дневно, а да не те забележат САД, Велика Британија, Германија и сите што се за демократија и ред во светот. Наспроти оние другите. Нашето искуство вели дека кога Македонија во времето на Бранко Црвенковски се придржуваше на санкциите кон Србија и притоа шверцуваше с` што ќе ~ дојде под рака преку Јажинце, заинтересираните сили знаеја и какви марамчиња носат возачите на шлеперите, да не зборуваме за содржината на камионите.

Починатиот британски министер за надворешни работи Робин Kук пред повеќе години во британскиот парламент изјави дека Ал каеда е творба на САД. Зачетокот на овие од ИСИС многумина го бараат во сириските бунтовници кои добиваа обилна помош во борбата против Асад од истата земја. Сега, нормално, ќе бидат бомбардирани. Исто како што на сојузникот на САД од осумдесеттите години во борбата против Иран и Хомеини, Садам Хусеин, му беше ставено дебело јаже околу вратот. Тогаш кога му дојде време. Британската фунта на времето не ја урна никој друг, туку Џорџ Сорос. Грчките податоци за влез во еврозоната ги фалсификуваа самите Грци, но без американска помош не ќе можеа ништо да сторат. Сите тие порано или подоцна добиваат лекција која некој од нив ќе ја запамети, а некој, како на Хусеин, нема да му биде оставена ни таква можност. Па кој сфаќа, сфаќа, кој не, здравје!

Македонија е веројатно една од ретките европски земји, ако не и единствена, во која од асфалтирање патишта или од асфалтирање и поплочување улици се прави спектакл. Не можете да пуштите телевизор, а од него да не скокне некој министер, директор, градоначалник или градоначалник-боем со пофално слово за тоа како со тешки и судни маки е постигната уште една работна победа. За партијата, која и да е, и, се разбира, за работните луѓе и граѓаните. Инаку, ова е 2014 година, 21 век.

Платите на факултетите и натаму се државна тајна. Тоа е една фина тезга која никој не ја ремети. Обиди се да поставиш картонска кутија на улица со пет снопчиња чај од камилица на неа и на вратот најтранспарентно ќе си ја закачиш половина држава. За заработка од неколку стотина денари на ден. Ама обиди се да дознаеш како и колку се делат парите што некои факултети ги заработуваат од студентите и колку хонорари се исплаќаат, а средните и основните училишта се обидуваат да измислат ластик што нема да се скине веќе на 15 од месецот, колку е платата на ректорите во македонските универзитети, е тогаш дознаваш дека Kинезите што го граделе Kинескиот ѕид и не минале толку тешко. Kаква врска имаат бабите што продаваат чај со платите на факултетите? Никаква. Ама во логиката на луѓето тоа е доволно за да се создаде перцепција дека има систем кој важи за опашката и има систем кој поинаку се однесува кога се движи кон главата.

Дарко ЈАНЕВСКИ