Не знам зошто Основниот суд 1 Скопје се буни за Катица Јанева и за СЈО. Го утнале членот од Законот за кривична постапка. Голема работа. Два три члена погоре или подоле, зар прави некоја разлика? Битно е дека го погодиле законот. Што не е мала работа. И што е добро за телевизиски квиз. Спонзориран од САД и од ЕУ во рамки на поддршката на СЈО. Прашањето за милион денари ќе гласи – по кој закон се води кривична постапка: по Закон за сметање на времето, по законот за забрана за правење ајвар пред зграда или по законот кој објаснува како како граданочалник на секоја зграда да додадеш по еден спрат повеќе и се да биде во ред. Како Космос на Фиат Цановски, ама Миле или овој новиов на негово место да не те рушат. Оти треба да се има разбирање, ајварот е криминал, ова другово е развој на државата под работен наслов „како да се земе некое станче повеќе и сите да се прават на удрени“. Се разбира, квизот треба да биде финансиран со пари од УСАИД, за да се елиминира можноста да има владини реклами со кои ВМРО-ДПМНЕ би ги наместил и прашањата и одговорите. Така што завчерашното соопштение на Судот со кое се жали дека дури од трет пат (или по нашки – од трета мајка) добиле правилно барање од СЈО за блокирање на некои сметки во случајот Трезор, САД и ЕУ, Бејли и Жбогар треба веднаш да го сместат во графата „опструкции на СЈО“. И да побараат лидерска средба наречена Пржино 3. На која ќе биде донесен документ на англиски јазик со наслов: „Како скопскиот суд да не ја опструира веќе Јанева“. Зашто тоа ќе ги загрози нашите евроатлански интеграции. По што нема веќе да можеме да даваме по два милиони долари за Авганистан. Што ќе го поремети пазарот на дрога во светот. Па може да се случи кај нас да се зголеми употребата на метадон на товар на ФЗО. Па ќе мора од буџетот на државата да се префлат повеќе пари за здравство. Што може да го намали бројот на фасади што во Скопје ќе се обноват. А ако нема нови фасади, ќе се стесни просторот за куртон демонстрации на шарената банда. Поради што Стејт департментот ќе ни забележи дека ја ограничуваме демократијата, а објективниот и неутрален Ричард Ховит ќе мора да дојде пак на некоја трибина на Зоран Заев и СДСМ.
Така што, гледате како овој квиз за СЈО може да биде од суштествено значење за нашиот прием во НАТО и ЕУ. Затоа пред првата епизода треба да има сечење лента. И тоа не било каква, тука од свила. За да бидеме балансирани, свилата мора да биде кинеска. А бојата да биде увезена од Русија. Оти не бива црвена боја да се увезува од Вашингтон, Брисел или Берлин. Не им личи.
Вмровците во 2016 година ја открија УДБА. И открија дека ги следела. Истата година кога се откажаа од Законот за лустрација. По кој беше лустриран и Љубомир Фрчкоски кому, секоја чест, веројатно никогаш не му одело подобро од деновиве. По кој не се откри кои новинари биле бремени од политиката во времето на Томислав Чокревски и пред тоа. По кој настрадаа неколку луѓе кои веројатно се само врв на големата санта лед. Кој знае, за едно педесет години вмровците можеби ќе откријат и дека Верушевски ги прислушувал. Дека Доста Димовска, Бог да ја прости, работела за Србите, а не за Бугарите и дека ги штитела кодошите во првиот мандат на ВМРО-ДПМНЕ. За чадорот ќе зборуваме по сто години. Ако тогаш воопшто има потреба од тоа, бидејќи дотогаш и Миленко нема да биде на овој свет, па со западот конечно ќе бидеме во долго посакувана и исчекувана љубов.
Чудно, за двата милиони за Авганистан никој не се буни. Оти обично следи тоа: колку апарати за болниците можеле да се купат со тие пари, колку градинки или училишта можеле да се изградат и слично. Сега, некој чуден молк? А, зар не ни велеа дека треба да имаме критички однос?
Не знам само зошто не дадеме по некој милион и за буџетот на ЕУ. Еве сега кога Британија се подготвува за заминување од великите европски вредности, да не има Јункер некој проблем? А кој да му се најде при рака, ако не пријателите. Потоа, некој милион и за Грција? Што станува за Бугарија? Каде се Косово и Албанија? Да не треба и за Србија да дадеме нешто? Можеби не, бидејќи Вучиќ постојано вели дека ете им тргнало, ама да не има СПЦ проблем со пари? Оти во Србија црквата е одвоена од државата (не ставајте рака в оган за ова, само верувајте на збор), затоа и не можеме да го решиме проблемот на МПЦ, па не е чудо ако додека Белград плива во пари, црквата им се мачи. А кај сме дале некои мошти, можеме и некоја пара. Ние и онака сме научени со малку, па ќе се снајдеме.