Две години се боревме Македонија барем делумно да ја ослободиме од диктатурата. Шест месеци Оливер Спасовски е министер за внатрешни работи. Под негова команда се 15-тина илјади луѓе. И за овие шест месеци, сите можни фантоми за изборите, сите бетмени и спајдермени можеа да бидат откриени. Шест месеци го чекаме доказот за фалсификуваните избори. А кој е резултатот? Каде исчезнаа 500-те илјади фантоми? Се разбира, фантом не би бил тоа што е, ако е видлив, нели, ама откако професионалноста пред шест месеци настапи во МВР, нема дупка во Македонија во која тие би можеле да се сокријат. Или има. Па Македонија, отсега па натаму, нема да ја нарекуваме земја на чудата, туку земја на дупките. Фантомски. И невидливи за Спасовски.
Се сеќавате, заради фантомите беше одржана и една од серијата, меѓу нас да си признаеме, смешни прес конференции на СЈО. Имаа 35.000 лични карти. Па имаа фиктивни матични броеви. Што значи, работата беше доведена безмалку пред крај. Им остана само да ги најдат лицата на кои им биле дадени 35-те илјади лажни лични карти со фиктивни матични броеви. Многу едноставно. Нели?
Е, сега, мене ми е јасно дека се чекаше 5 јуни за пак да се одржи прес конференција за истиот, а и за други случаи, ама сепак, луѓето се разочарани. Испаѓа дека или нема фантоми или Спасовски и нашиве обвинителки не ги бива. Освен да изгледаат …, како што веќе изгледаат, ај сега да ставам три точки за и ние меѓу себе да не се плукаме. Но, затоа, еве да упатиме една замолница до нашите, а странски амбасадори, да размислат за кадровски промени во МВР и СЈО. Со овие, не ни оди на добро работа. Џабе талкаме по улиците. Џабе трошиме боја.
Додека размислуваат, не е лошо да му одобрат на МВР да спроведе еден тендер. Сеедно што диктаториве распишаа избори па веројатно законски не може да тече работата. Тендер за набавка на очила со кои ќе може да се види и тоа што не се гледа. Но, ако и со очилата не се најдат фантоми, тогаш, дајте други деца. Не е фер толкава операција да се изведе, од прислушување до бомби, до шатори и кршења, до уривање на уставот, и на крај да не се најде барем еден фалсификуван глас. А, како ни тргнало господа, на крај навистина тој еден глас ќе се најде, ама ќе испадне дека бил за СДСМ.
Во меѓувреме, Катица и Фатиме мора под итно да одржат прес конференција за Тони Михајловски и Александар Пандов. И останатите од таа банда што ставаат македонско знаме на грдата Порта. Под која пред пет години и наш Наумче мораше да помине. Што да прави детето. Не е прва кнедла што сме ја голтале. Ама не може овие угурсузи да собираат 50-60 илјади луѓе во Скопје додека ние ваму мака мачиме со неколку стотини. Еве тамам пробивме и кај оние шутраци од Русија денес, кои додека 50-те илјади беа во центарот на Скопје, ја објавија трогателната наша приказна за мачната ни борба против корумпираната власт. Што е еднакво на херојство, кога веќе пробивме и кај Путин. Оти не е мала работа да го правиш сето ова, да се тепаш и со полицајци кои ги раководи наш човек, а потоа се да ни пропадне. Ама ние некако ќе протуркаме. Но среде таа гужва, угурсузите да ја собираат онаа маса во центарот на Скопје – е тоа не оди веќе! Не оди, слушате ли? Разбираме ние дека треба да се гони Груевски па сега ќе ги бркаме плочите од Космос на Фијат Цановски, разбираме дека треба да се удри по главата, ама треба и нас малку на терен да ни се помогне.
Патем, едно нешто не разбираме. Како тоа, колку повеќе прес конференции Катица и Фатиме имаат, толку повеќе луѓе собираат овие на другава страна? Јасно ни е одамна дека народот е глупав и дека не разбира, ама да не има и нешто друго? А не сте ни кажале?
И знам дека не е тоа наша работа, ама мораше ли сега среде оваа бркотница, во момент кога преку Макеодниај се решава судбината на слободарскиот свет, кога не е веќе прашањето „Или Груевски или Македонија“, туку „Или Груевски или слобода во светот“, да му се крадат гласови на Берни Сандерс. И кај најдовте сега некоја несреќа таму да обвините за тоа, демек кликала лошо на компјутрерот па избришала неколку блока од Бруклин, туку-така. Па тоа ни во наша ДИК од 1994 година не би поминало. Дајте ве молам малку поголема сериозност.
И уште нешто. Ве молиме под итно некој нека прати писмо дека нашиот Заев се откажува и од аболицијата од Бранко Црвенковски. Како да го плукаме оној Џоле, а да правиме фантом од наш Бранко?
ЈАНЕВСКИ
