ЈАНЕВСКИ

ЈАНЕВСКИ
http://dnevnik.mk/?ItemID=1C7E2C6A81EDB347B38D25938FEFCD9C
Верушевски за министер за внатрешни
Дарко Јаневски
Уставниот суд на Косово пред извесно време донесе одлука дека формирањето НА заедница на српските општини не е во согласност со Уставот на Косово. Арно ама, наспроти тоа, вел истиот суд, заедницата требало да се формира. Уставно-неуставно, нема врска. Така било решено на политичко ниво.
Не треба многу напор за да се сфати катастрофата од една ваква одлука. Косово сега и на хартија има доказ дека не е држава туку некаква организација на група луѓе на одреден простор. Односно тезга на домашни политичари со кои командуваат странски моќници.
Но, пред да се изнасмееме на косовската имитација од држава, би вредело да погледнеме дома. Нашиот Уставен суд нема донесено одлука, на пример, дека четирите милиони евра за Катица Јанева се всушност фрлени на неуставна институција. А нема донесено таква одлука затоа што не смее да ја донесе. Па човек не знае што е полошо: дали тогаш кога политичарите прво ќе побараат да се донесе одлука за противуставност на српската заедница, па потоа истите политичари ќе побараат таквата одлука да се поплука (тоа е во суштина косовскиот случај) или кога политичарите, притиснати од нашите ангел чувари од надвор, ќе креираат атмосфера дека таквата одлука не треба да се донесе (кога веќе нема разумен начин да се образложи зошто специјалното обвиителство не е неуставно) што е суштина на македонскиот случај.
Како дојдовме до ова ниво? Едноставно. ВМРО-ДПМНЕ никогаш не расчисти со удбашките структури во државата. Напротив, од 2006 година применува стратегија на држење под контрола на тие структури и стратегија на сечење само на онаа глава што премногу ќе почне да стрчи. А тоа порано или подоцна мораше да почне да се одмаздува. Кај нас одмаздата пристигна преку актуелната криза. Така што не е никакво чудо што обвинителството на Јанева се согласило со одбраната на Зоран Верушевски тој веќе да не седи во Шутка, како што не би било чудно ако утре, на база на некаков договор тој стане шеф на УБК или министер за внатрешни работи. Зошто да не? Ако може Јанева да ја остава тезгата на Заев со снимките на 20.000 граѓани, ако државата не манифестира капацитет да ги заштити оние од кои зема данок, тогаш зошто да се мачиме дури и со куќниот притвор на Верушевски? Впрочем, ако неговиот соучесник Зоран Заев претендира да биде премиер, што е тогаш проблемот со Верушевски?
Се разбира, за Заев да стане премиер мора уште малку, или уште малку повеќе да се поработи на неговиот рејтинг. Затоа се јави шпанската мушичка Ерван Фуере, за да го наполни пиштолот за кампања на домашните слободни медиуми за одложување на изборите. И навистина, не е фер во април да има избори на кои уште отсега се знае дека господовиот месија ќе доживее пораз. Такви избори по дефиниција не се слободни. Затоа, еве и ние да го поддржиме Фуере. За чесни, фер, слободни и демократски избори на кои ќе победи Заев. Ако луѓето не мислат така, има неколку начини на кои тоа може да се среди. Прво, да се одлагаат изборите се додека не се зголеми рејтингот на Заев. Бидејќи тоа може да потрае со години, па и децении, овој метод да се комбинира со уште два. Едниот, гласовите да ги бројат луѓе од фирмите кои во Струмица добиле тендери додeкa Заев е градоначалник, со Вицето како претседател на ДИК, а вториот начин е употреба на стапот. Со молба, таа процедура со примена на стап за оној кој не сака да гласа за Заев да ни ја средат домашните олеснувачи зад кои стои Брисел, што би рекла другарката Маја Кочијанчиќ.
Така, доаѓаме до некакви шанси Македонија да одржи фер и демократски избори. После што ќе се воведе слобода на медиумите во „вашата земја“. Најдобро по теркот на Гардијан, кој објавува нарачани текстови со измислени изјави на Груевски, по теркот на Фајненшл тајмс кој ни одбира име, по теркот на германската телевизија ЗДФ која платила човек во Украина да глуми руски доброволец, а тие да снимаат како Путин врши агресија, по теркот на Франкфурте алгемајне цајтунг каде ЦИА и БНД си објавувале текстови под името Удо Улфкот и по теркот на американските и британските медиуми кои ни ги открија фабриките за хемиско оружќје во Ирак кои не постоеле. УСАИД ќе нема потртеба за тоа да троши пари. Ние самите ќе си извојуваме таа битка за слободата.
Ех, за крајта – во понеделник ќе имало протест пред Владата заради загадениот воздух. Ние би замолиле патем да има и некој транспарент со одговорот кој обично го даваат мисиците на прашањето „која е вашата најголема желба“. Одговорот, се разбира, напишан на идиот, секогаш е – да има мир во светот!