Катица Јанева тврди дека со изборот само на седум наместо 14 обвинители колку што предложи таа, бил прекршен Законот за специјално обвинителство. Ајде да видиме што таму пишува. Член 9 став 2, со кирилски букви и на македонски јазик, вели вака: „Јавниот обвинител ќе предложи листа на кандидати до Советот на јавни обвинители од редот на постојните јавни обвинители за избор во Јавното обвинителство.“ Значи, употребен е терминот „ќе предложи“. Тоа Јанева и го направи. Па продолжува: „Советот ќе ги избере јавните обвинители во Јавното обвинителство на седница на која се присутни најмалку 2/3 од вкупниот број на членови, при што има мнозинство од гласови од членови кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство.“ Значи овде е употребен терминот „избере“. Така, и покрај очајната правна неписменост содржана во овој закон, овде постои каква-таква прецизност (веројатно по грешка), па е разграничено кој предлага, а кој избира. Значи, специјалниот јавен обвинител предлага листа со јавни обвинители кои ќе му бидат помошници. А нив ги избира Советот на јавни обвинители со гласање при што е потребено и бадентерово мнозинство. Кога за нешто е оставена можност да се гласа, тоа значи дека може и да не се изгласа. Така е и со законите. На пример, Владата предлага, а Собранието гласа. Тоа што Владата предложила, не значи дека Собранието мора и да го изгласа (иако во пракса обично е поинаку, но тоа е друга приказна). Или, ако сакате поинаку, ако Собранието не изгласа законски предлог на Владата, тоа не значи дека ги прекршува Уставот на РМ и Деловникот за работа на законодавниот дом.
Исто е и во овој случај. Во ниту една точка и запирка на Законот за специјално обвинителство не стои дека Советот на јавни обвинители мора да го изгласа предлогот на специјалниот обвинител. Бидејќи, во тој случај, терминот „ќе ги изгласа“ во присуство на две третини од членовите, со мнозинство гласови и плус бадентер, не би имал елементарна човечка, разумна и правна логика.
Советот на јавни обвинители веќе голтна една прилично голема и до степен на мизерност понижувачка кнедла кога му беше доставен за парафирање предлогот за избор на Јанева. Се што требаше членовите од Советот да направат е да се соберат и да го потврдат тоа што четирите партии го договориле под странски диктат. А инаку, Советот треба да глуми некаква независност како дел од третата власт, дополнитено што тој е формиран токму за да постои брана од политиката. А, ваму, членовите беа ставени во улога на луѓе што треба само да аминуваат политички договор. Поголема катастрофа здравје! Ќе влезе ли оваа катастрофа во извештајот на Јоханес Хан за Македонија? Но, таа кнедла на Советот изгледа му беше доволна. Сепак, не можете тие луѓе да ги третирате како купче морони кои ќе ги повикате да кренат рака така како што некој друг однадвор им договорил.
Како и да е, Јанева е должна на јавноста да и објасни која одредба од Законот за специјално обвинителство е прекршена со делумното прифаќање на нејзината листа. Колку да не остане прашањето да виси во воздух. Па да говориме за авионот што летал.
Нејзиниот втор проблем е што странските ментори, што од незнаење, што од невидена арогантност која умните луѓе не си ја дозволуваат до тој степен, и вметнаа клип во основата врз која таа е избрана. И направија фаличен закон под кој се потпишаа четворицата поглавици, а што би рекол другарот Бејли, го изгласаа 108 пратеници. Небаре народот е глупав па не знае што всушност се случуваше. Сега, за да опстане законот, ќе треба политички да се обработи и Уставниот суд, па и официјално ќе влеземе во шема на комунизмот и времето на Уставот на СРМ, кога сите, вклучувајќи го тука и редовното и уставното судство, беа дел од Социјалистичкиот сојуз на работниот народ и кога сите требаше да работат во остварување на идејата за социјализмот како светски процес и како предворје на комунизмот. Тоа значи дека странците преку домашните поглавици ќе треба да го притиснат и Обвинителството на Зврлевски да не поднесува иницијатива (или да поднесе фалична, што ќе биде уште полошо) за оценка на специјалниот закон, а истовремено да ги „замолат“ уставните судии да не ја прифаќаат таа на адвокатот од Свети Николе и да ја одбијат секоја друга што ќе пристигне.
Така одново се враќаме на времето од Уставот на СРМ. Со тоа што избиришана е надреденоста на Собранието, но задржана е улогата на ЦК која ја играат неколку странци. И толку.
Патем, само со малку помала хистерија и со малку помала доза на арогантност можеше да се дојде и до избор на специјално обвинителство и до избор на целиот тим, а при тоа да не биде понижен македонскиот правен систем. Каков и да е.
Инаку, помина еден месец од изборот на Јанева. Незаконските снимки и натаму се во рацете на СДСМ. Јанева се уште избира фотелји и ги повикува седумте обвинители да не дадат заклетва. А Зврлевски со кривичните пријави произлезени од снимките добил це-де-а. И никому ништо. Оригиналите ги немал. Утре-задутре некој како доказ за убиство, наместо вистинското оружје, ќе му достави пластичен пиштол. На Јанева и тоа нема да и го дадат.