СKАНДАЛ
АМАТЕРСKИ ЗАKОН ЗА ПОСЕБНИОТ ЈАВЕН ОБВИНИТЕЛ
Збогум, Устав!
Два клучни недостатока од предложениот закон, кој во попладневните часови влезе во собраниска процедура, го ничкосуваат Уставот на РМ: одредбата со која се вели дека се формира „Јавно обвинителство за гонење…“ покрај постојното и одредбата со која Собранието го предлага посебниот јавен обвинител, што значи дека со закон на Собранието му е доделена надлежност, а таква можност според Уставот на РМ не постои
Дарко Јаневски
Предлог-законот врз основа на кој Kатица Јанева ќе биде назначена на функцијата, која накратко ќе ја опишеме како посебен или специјален јавен обвинител на РМ, има проблем веќе во насловот. Имено, тој е дефиниран како „Закон за Јавното обвинителство…“, што уште на почеток го урива Уставот на РМ. Според Уставот, постои едно Јавно обвинителство и тоа е дефинирано како „единствен и самостоен државен орган кој ги гони сторителите на кривични дела….“ Самото носење закон за посебно јавно обвинителство, кое ќе ги гони делата „поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“, значи создавање посебен орган, посебна институција паралелно со постојното Јавно обвинителство, а такво нешто во Уставот не постои! Да се работи за закон предложен од група граѓани кои не ја разбираат проблематиката, ова може и да се сфати и, се разбира, да не се прифати, но во конципирањето на овој правен акт, законот, учествуваа најмалку двајца амбасадори, некаков си странец од Белгија, кој очигледно нема поим за што станува збор и долгогодишни пратеници и политичари во РМ, кои би требало да имаат барем елементарна претстава за тоа дека е недозволиво во име на Уставот и законите истите да се фрлаат на буниште.
Но, камо среќа да беше само ова. Во член 3 на предлог-законот стои дека специјалниот јавен обвинител се избира од Советот на јавни обвинители по претходна согласност на четирите политички партии со најголем број пратеници во Собранието. Откако тие ќе се согласат, предлогот за избор на обвинителот го поднесува Собранието. За предлогот ќе се гласа и потребно е двотретинско мнозинство, плус Бадентеровото мнозинство. Наспроти ова, во Уставот стои дека јавниот обвинител на РМ го избира Собранието на РМ (во актуелната ситуација тоа е Марко Зврлевски), а останатите обвинители ги избира Советот на јавни обвинители. Значи, според Уставот на РМ, улогата на Собранието во избор на кој било обвинител е исцрпена со изборот на Зврлевски на местото јавен обвинител на РМ. Не постои можност со закон да се одреди дека Собранието на РМ има улога во изборот на друг јавен обвинител, макар тој бил специјален оти тоа практично значи дека со закон му се додаваат надлежности на Собранието. Самиот факт што Собранието го дава предлогот со двотретинско мнозинство, во овој случај не значи ништо (тоа е блед обид преку квалификувано мнозинство да се надомести овој недостаток) бидејќи сосема е една процедурата на носење закон по итна постапка како во овој случај, а сосем друга при носењето Устав. Kако и да е, ова е ситуацијата кога со закон се прави упад во Уставот, а се чини ваков правен скандал одамна не е виден не само во Македонија туку, веројатно, и пошироко и ако има пример во светот кој студентите би го изучувале под дефиницијата „правно шарлатанство“, тогаш тоа секако е овој. Значи, да повториме: надлежностите на Собранието на РМ се утврдуваат со Уставот. Следен акт кој би можел да навлезе во оваа сфера е Деловникот за работа на Собранието, но со него надлежностите не можат да се прошируваат надвор од рамките на тие што ги има зацртано Уставот. Па би било добро сите што учествуваа во оваа ујдурма, од Џејмс Бејли преку Орав, Белгиецот и, се разбира, цветот на македонската интелигенција, претставен преку преговарачите од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ДУИ и ДПА, да ~ објаснат на јавноста како е можно на законодавниот дом, чија надлежност е уредена со Уставот, да му се даваат надлежности (предлага посебен јавен обвинител до Советот на јавни обвинители) со закон?
Да се вратиме на процедурата за избор на посебниот јавен обвинител. За него треба согласност од четири политички партии, предлог на надлежната комисија во Собранието и предлог на самото Собрание изгласан со двотретинско мнозинство. Предлогот се доставува до Советот на јавни обвинители, кој го врши изборот. Реално, Советот, всушност, само ќе стави печат на изборот што го извршиле четирите политички пари и странските амбасадори така што неговата улога во оваа ситуација е прилично понижувачка. Имаме орган кој треба да се грижи за независноста и професионалноста на третата власт во делот на обвинителите, а овде му се дава улога на верификатор на волјата на четири политички партии, што имаат најголем број пратеници во Собранието на РМ. Самиот тој факт само потврдува дека, всушност, со овој закон е создадено паралелно на постојното обвинителство, а тоа повторно не е дозволено со Уставот. Освен ако наспроти постојната држава уредена со највисокиот правен акт не отвораме процес за создавање уште една држава во рамките на сегашната. Тоа значи посебни судови, посебен парламент, посебна влада итн.
РАМKА
Јавни обвинители – помошници
Со посебното јавното обвинителство ќе раководи специјален јавен обвинител, но во него работат и други јавни обвинители. Kолку и кои јавни обвинители ќе работат во посебното јавно обвинителство одредува самиот специјален обвинител од редот на постојните јавни обвинители, а нивниот избор со 2/3 мнозинство и Бадентер ги избира Советот на јавни обвинители. Она што е битно дека јавните обвинители кои ќе работат во новото јавно обвинителство нема да можат да водат самостојни истраги по конкретни предмети, што ги сведува на ниво на обични помошници. „Јавните обвинители немаат право да донесуваат наредби и обвиненија, а имаат право да го застапуваат јавниот обвинител кој раководи со Јавното обвинителство пред надлежниот суд“, пишува во законот. Јавните обвинители назначени во Јавното обвинителство ќе бидат одговорни и единствено пред јавниот обвинител кој раководи со него.
РАМKА
РАМKА
н. Kога ќе почне со работа и од каде пари?
Министерството за правда во рок од три дена треба да му додели простории на новото јавно обвинителство кои ќе бидат на поинаква локација од оние на Јавното обвинителство на РМ. Во рок од 30 дена специјалниот јавен обвинител треба да направи финансиски план. Потребните пари ќе се обезбедат од буџетот на РМ преку сметката на Јавното обвинителство. Од 2106 година буџетот на ова обвинителство ќе биде посебна ставка од буџетот на ЈОРМ. Парите треба да бидат обезбедени во рок од 35 дена, а исто така во тој рок Министерството за правда ќе мора да ги опреми канцелариите, да обезбеди компјутери и возила за потребите на обвинителството. Специјалниот јавен обвинител ќе зема 10 отсто помала плата од јавниот обвинител на РМ. Дополнително ќе добива и додатоци за посебни услови за работа, за постоење висок ризик и за доверливост. Јавните обвинители што ќе работат за него ќе добиваат плата како обвинители во основните јавни обвинителства.
Рамка
Н Јанева работела на кривични дела до пет години казна
Kатица Јанева, обвинителка во Основното јавно обвинителство во Гевгелија, е предлогот за специјален обвинител кој го договориле политичките партии. Не се открива чиј предлог бил обвинителката. Јанева, родена 1965 година, првпат е избрана за обвинител во гевгелиското обвинителство на 10 април 2003 година и тоа во времето на СДСМ од Собранието на Република Македонија. На седницата на која е избрана практично се вршел избор на 154 обвинители, а десетина биле и разрешени.
„Мора да признаеме дека од 154 кандидати за обвинителствата, никој не може за еден ден да каже кои се добри, а кои се лоши, за кои ние треба да го дадеме својот глас како позицијата така и опозицијата. Затоа сметам, дали ова е намерно или не, не знам, меѓутоа мислам дека требаше да им се даде малку поголем рок на парламентот, на пратениците, малку повеќе да се консултираат, да направат некои анализи, свои видувања, за да можеме да одлучуваме квалитетно. Сметам дека сега ова одлучување ќе биде врз основа на некои многу штури, многу малку податоци за кандидатите за обвинители“, реагирал тогаш Kоце Трајановски во улогата на пратеник.
Јанева во согласност со надлежноста на гевгелиското обвинителството досега постапувала по предмети за кривични дела за кои е предвидена казна до пет години. Во нејзината биографија стојат неколку обуки за јавни обвинители. На анкетниот лист во антикорупциската комисија како нејзин личен имот стои автомобил „рено“ и сметка со 29.5000 денари, на име на нејзините родители стои куќа вредна 100 илјади евра и уште помала куќа од 5.000 евра. На име на нејзиниот сопруг, пак, има земјоделско земјиште вредно 20.000 евра, потоа „ровер“ од 20.000 евра, од продажба на акции 20.000 евра и орочен депозит на 80.000 евра.