Аргументи и став за штетниот законски предлог на нелегитимната и одродена Влада на СДС и ДУИ, неговата неуставност и последиците за правата на работниците со наметнување на 60 часовна работна недела:
Според паралелните анализи суштински ништо не се менува од претходниот владин Предлог-закон од април за Бехтел и Енка до новиот кој Владата спротивно на препораките на ЕУ го турка со европско знаменце.
Според анализата на законот со кој треба да се променат бројот на работни часови, односно на Предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за работни односи, по скратена постапка, власта манипулира со наводни измени на претходниот закон.
Според постоечкиот закон прекувремената работа може да трае најмногу 8 часа во текот на една недела и најмногу 190 часа годишно и прекувремената работа во период од три месеци не може во просек да надминува повеќе од осум часа неделно.
Сето ова не важи со новиот предлог на закон, во случаите кога се работи за работи од национален и стратешки интерес за државата, по претходно дадена писмена согласност на работникот.
Во новиот Предлог-закон се дава можноста за работа за прекувремената работа може да трае подолго од 8 часа неделно и 190 часа годишно.
Ова значи дека работодавачите може да го прераспределат работното време во различни периоди во годината и со тоа да го изиграат плаќањето на прекувремената работа.
Работата над 40 часа неделно се смета и плаќа како прекувремена работа, со задолжително почитување на одредбите за дневен и неделен одмор, член 133 и 134.
Почитувањето на член 133 и 134 значи дека работникот има право на дневен одмор од најмалку 12 часа непрекинато меѓу два последователни работни дена во текот на 24 часа и работникот има право на неделен одмор во траење од најмалку 24 часа непрекинато, плус 12 часа дневен одмор. И ден на неделен одмор по правило е недела или друг ден во неделата. Но ова не значи ништо, бидејќи дневниот и неделниот одмор и бездруго им следува на вработените без дополнително да се нагласува во членот 117. Ништо не значи, бидејќи претходно е уредено со други членови и правото за дневен и неделен одмор се подразбира, се вели во една од анализите за новиот предлог закон.
Со новиот предлог само е тргната можноста од претходниот Предлог-закон за прекувремената работа да трае повеќе од 8 часа во просек неделно во период од три месеци, а другото останува исто, дека прекувремената работа може да трае подолго од 8 часа неделно и 190 часа годишно. Всушност со ова не направиле поразлично од предлогот на закон од април.
Прецизирано е дека ќе го почитуаат член 133 и 134 кој се однесува на право на дневен одмор, право на неделен одмор, ден на неделен одмор. Тоа не значи ништо затоа што ова е претходно уредено со други членови и правото за дневен и неделен одмор се подразбира и нема потреба да се прецизира нешто кога веќе го има, сметаат експерти според кои измените со овој член се неприфатливи од следните причини:
– Не е во согласност со Конвенцијата за дискриминација бр. 111 на Меѓународната организација на трудот;
– Претставува нееднакво постапување кон одредена група на вработени;
– Начинот на носење мора да се спроведе преку социјален дијалог на ниво на Економско социјалениот совет (ЕСС);
– Мора да се изјаснат синдикатите;
– Ова ќе значи помали права за работниците;
– Ќе се злоупотребува писмената согласност од вработените, како што е пракса во други слични случаи за други права во ЗРО;
– Прекувремената работа се воведува по исклучок, а овој „нов“ основ нема никаква правна логика, бидејќи работата на национални и стратешки интереси за државата може да се спроведе со работа во смени;
– Не е јасно определено што е стратешки и национален интерес за државата, па оттаму се остава простор за волунтеризам, слободно и различно толкување и широко поле за злоупотреби;
– Ова ќе предизвика огромно незадоволство кај работниците, ќе се кренат синдикатите, а ние не поддржуваме несоодветни законски решенија кои се дискриминаторски, нејасни и на штета на ваботените.
Во Членот 3 во новиот Предлог-закон дополнително се воведува можноста за работа во недела и тоа и за дејноста која се однесува за работи на проекти од национален и стратешки интерес за РМ.
Законот нема позитивни страни а има многу негативни страни.
Донесување на ваков закон e во спротивност со темелната вредност владеење на правото предвидена во членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, како спротивен на членот 9 според кој граѓаните пред Уставот и законите се еднакви. Со вакви измени се повредува правото на дневен и неделен одмор, односно дека е во спротивност со членот 32 став 4 од Уставот.
Според Законот за работни односи, полното работно време не смее да биде подолго од 40 часа неделно. Всушност и претходно во 2021 година имаше вакви неуставни обиди на товар на работникот, поточно за градежниците на Коридорите 8 и 10 да работат 60 часа, а не 40 како што е законски пропишано.
Уставниот суд на седница на 13.07.2022 година го укина членот 12 од Законот за утврдување стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово–Гостивар–Букојчани и проектот за автопатот Требеништа–Струга–Ќафасан) и Коридор 10 (делница на автопатот Прилеп–Битола) во Република Македонија. Во членот 12 меѓу другото беше предвидено „работното време на секој работник во текот на целиот циклус на Проектот може да биде во просек 60 часа неделно во текот на годината”.
Осум часовното работно време е една од најстарите придобивки на работничкото и синдикалното движење, уште од 1886 година, каде се избориле за 8-часовен работен ден по што е воведена и поделба на денот на три дела, 8 часа работа, 8 часа одмор, 8 часа за култура, рекреација и образование.
Поддржувањето на работно време од огромни размери, повеќе од 40 часа неделно на годишно ниво е начин на поддржување на присилна работа без почитување на човековите права и човечко достоинство, не водејќи грижа за работникот како најважен ресурс на Државата.
Државата треба да се грижи за заштита на работничките права и човечкото достоинство, државата треба и мора потребата од работна сила да си ја обезбеди не со енормно зголемување на работното време на поединци туку со ангажирање на зголемен број на работниците и не со ризикување и оптоварување на здравјето на работниците кои ќе бидат изложени на обем на работа надвор од нивните човечки потенцијали.
Со вака предложениот предлог-законот, државата наместо заштитник на граѓанските и човековите права, ќе ги изложува работниците на максимална истрошеност, а притоа користејќи ги парите на граѓаните.
При уредување на Договорни работни обврски за вршење на работа во државата за кои средствата се обезбедуваат од Буџетот, државата и компаниите ангажирани од нејзина страна мора задолжително да ги почитуваат обврските за заштита на животната средина, безбедноста и здравјето при работа, социјалната политика и заштитата на трудот кои произлегуваат од Законите во Државата, како и од Колективните договори и ратификуваните Меѓународните конвенции на трудот.
Анализите покажуваат дека останува иста можноста прекувремената работа за стратешки и национални проекти да се зголемува до недоглед.
Со законот работодавачите може да го прераспределат работното време во различни периоди во годината и со тоа да го изиграат плаќањето на прекувремената работа.
Според повеќе експертизи дел од одредбите од новиот закон е дискриминаторска затоа што работодавачите ќе можат да ги присилуваат вработените да се “согласуваат“ преку директни притисоци или со закана од отказ.
За ова прашање се водиме од досегашните искуства од праксата.
Забелешки има и за дневниот и неделниот одмор кој бездруго им следува на вработените без дополнително да се нагласува тоа во членот 117.
Со овој Предлог закон се работи за обична манипулација, односно за решенија кои ништо не значат бидејќи претходно оваа материја е уредена со други членови и правото за дневен и неделен одмор се подразбира.
Љупчо Димовски
Претседател на Социјалистичка партија на Македонија
Скопје, 11.05.23