ЦРПКОВСКИ СУДСТВО

ЦРПКОВСКИ СУДСТВО

Би сакал да им се извинам на моите читатели оти пораката дадена од Христјан Мицкоски на конгресот во Валандово не сум ја разбрал правилно. Имено тој таму кажа, цитирам: “Секој еден истомисленик и човек што ќе ги споделува вредностите на нашата партија од мене ќе има широко подадена рака на пријателство и поддршка“. Значи, “широко подадена рака“.

Но, таа рака не била за поддавање кон луѓе на кои јас мислев, ами кон оние на кои не треба никаква рака да им се подава, туку треба да им се покаже стаменост, сила, агресија, напад и непростување.

Велам, се извинувам. Не сум го разбрал. Бидејки првата работна задача што си ја зададе беше со PR тимот да замине кај Заев во кабинет, па на излегување ништо да не каже иако говореше на новинарски прашања. И, бидејки синојка во гостување на Телма ВД координаторот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ Влатко Ѓорчев рече дека новиот лидер понудил “Подадена рака и проактивен пристап“.

По вака завчера подадена рака, следеше вчерашното продолжување на притворот на патриотите. Па така не испадна ништо од желбата на свежото раководство на ВМРО ДПМНЕ за “Политички дијалог и нормализирање на комуникацијата“. Никако да ми стане јасно како тоа се бара политички дијалог со сопствениот џелат?! Те носат на бина. Таму има трупче (пањ) целото со крв од предходните обезглавени осуденици. Тебе те клекнуваат на колена. Ти ја вадат кошулата од вратот за да не и пречи на секирата, Ти ја ставаат главата на пањот. Џелатот високо ја дига секирата и замавнува, а ти велиш МОЖЕ ЛИ ДА ЈА НОРМАЛИЗИРАМЕ КОМУНИКАЦИЈАТА?!?!?!

Аманте бе луѓе. Не е веќе прашањето има ли пилот, ами има ли барем стјуардеси во авионот?

Ви синоќашното интервју на Ѓорчев за Телма, разбравме дека ВМРО ДПМНЕ смета оти е судството под власт и управа на СДС. Она де, што до завчера беше “Сваровски“, сега станало “Црпковски“ судство. Само што кога требаше да се руши кредибилитетот на судството и судиите во времето на ВМРО ДПМНЕ беа употребени сите оружја, пред се медиумски, на СДС, а сега кога е обратна ситуацијата имаме помирување со судбината. Наместо напад од страна на ВМРО ДПМНЕ кон такво судство, соочени сме со молење и коленичење на ВМРО ДПМНЕ кон Зоран Заев да влијае врз судската власт! Ѓорчев вели: “Зоран Заев е најмокниот човек во државата“.

И со “Сваровски судството“ и со ова “Црпковски судствто“, јасно е дека во Македонија не постои третиот, РАМНОправен, со Устав гарантиран столб на власта.

Ѓорчев во емисијата констатираше дека има политички прогон, дека со специјалци упаѓаат во домовите и малтретираат и апсат пред мали дечиња и бебиња, ама наместо отпор тој бара “деескалација и пофер однос“!

Останува нејасно, како власта загубена на сила, со жестоки улични протести, со малтретирање и со медиумско бомбардирање – ВМРО ДПМНЕ сака да ја врати во својата прегратка со “пофер однос“ од страна на СДС?!

Еве на пример, Ѓорчев синојка кажа и дека “како пратеничка група решивме утре  да не доаѓаме на седницата“.  Толку ли е жестокоста на отпорот? Само утре?! Која закана кон фашистчкиот режим на Бејли е ова? Само утре, па ако сте по фер, ќе се вратиме?!?!? И најстрашно, Ѓорчев вели: “Продолжуваат консултациите со СДСМ“! Море абдалаана?! “Консултациите“ за што? Консултации дали главата да ти ја одрубат со меч, сабја или гилотина.

Морам да доцитирам уште неколку реченици од шефот на пратеничката група на ВМРО ДПМНЕ. Вели: “Чекор по чекор да се гради и стекнува доверба. Ден по ден, недела по недела, месец по месец…“! Па, сега значи не е само прашањето дали ВМРО ДПМНЕ ќе се врати на власт, ами и кога? После “месеци и месеци“.

Крајно, Ѓорчев констатира: “Во дел на економијата ја водат прилично лошо, во дел на целиот корпус на другите прашања исто така лошо, но ајде колку што можеме да ги корегираме и подобруваме состојбите во Македонија“!!! Па побогу човече! Се слушаш ли себе си?! Економијата била водена “прилично лошо“. Па СДС не‘ задолжи една милијарда за 8 месеци. Ако е тоа “прилично лошо“, кога ќе е оценката дека економијата е катаклизма?! А и овие “други прашања“ биле “исто така лошо“. Само “лошо“ ли е двојазичноста, договорот со Бугарија, промената на името следната година, менување на историјата, отпуштање од работа, неисплаќање субвенции??? Нели е тоа катастрофа, армагедон, цунами?

Се чудев кога пред 2 години Бобан Нонковиќ ми кажуваше дека во Брисел највисоките структури на повеќе пати му рекле дека ВМРО ДПМНЕ ќе замине во опозиција и таму подолго време ќе остане “модерејт опозишн“. Во мај во мојата емисија амбасадорот на Австрија Харолд Кочи кажа дека Заев долго ќе владее во Македонија. Мирка Велиновска во моите емисии во септември кажа дека раководството на ВМРО ДПМНЕ ќе биде приморано како попче да седне и да потпише промена на име.

И еве, сега гледам, наместо отпор од ВМРО ДПМНЕ имаме барање за “по фер однос“!!!

 

Господ напомош.

 

М. Неделковски

Скопје

28.12.2017

 

8.21 ч.