Фиш паприкаш за Серекеш

Фиш паприкаш за Серекеш

Никола Груевски замина за Унгарија. Избега е несоодветен збор, оти човекот си отпатувал од никого не спречен. Ниту од нашите органи, ниту од странските власти. Значи, си заминал на пат. Не бегал.

Постојат две можности за тоа патување.

Едното е она за кое јас знам и убеден сум дека е вистинито, а тоа е дека непречено ја минал македонско-српската, а потоа и српско-унгарската граница на диви премини (патем, ми се јави Стевчо Јакимовски да ми каже дека поради мојот текст ќе го ставеле во притвор! Значи не поради заминувањето на Груевски, не поради СЈО или ОЈО, не поради раководењето со Карпош, не поради ДУП или ГУП, не поради дозволите за зградите и хотелот на Стојменов, ами поради мене!!!). Оваа можност ја потврди и Воислав Шешељ, ама него Љупчо Златев не го наброја во тие што измислувале каде Груевски преминал!!! Изгледа му прогледал низ прсти на блискиот пријател, откако предходно ги избришал сликите со него!!!???

Втората можност е онаа дека отишол преку Албанија. Па еве сега и преку Црна Гора као потврдила полицијата. Иако, несериозна е државата со гранична управа која не утврдува лицето што излегло (па макар и со лична карта), како е предходно влезено во таа држава. Тоа баш супер зборува за капацитетот на НАТО членката Албанија. Натаму, Груевски сигурно од Црна Гора не заминал со брод, оти е општо познато да “Маџарска нема море“. Што не’ доведува до прашањето, кога Хрватска ќе се јави со соопштение, доколку Груевски минал кај Цавтат. А ако одел на Никшиќ па на Требиње, треба да кажат и паралелните власти на БиХ односно Република Српска.

Која и да е вистината, две работи се извесни: Или полицијата на Оливер Спасовски е неспособна, па главниот плен од целиот галиматијас околу “фамилијата“ (веќе овој збор и презимето Мијалков никој не го споменува), шарената револуција, нелегитимното собраните и криминалната влада им избегал. А сите други во државава се прислушкувани и следени. Или, сегашнава нелегална власт, заедно со НАТО и ЕУ партнерите се во дебел дил со Никола Груевски, па според некој нивен договор го префрлаат надвор од Македонија. Оти, како личи, најголема перверзија ќе е човекот кој настрада од ЕУ и НАТО, да бара и да ДОБИЕ азил во земја членка на ЕУ и НАТО!!! Па макар бил и доктор на науки.

Доколку е неговото заминување за Будимпешта преку Албанија, тогаш целата рута е преку земји членки на НАТО (Албанија, Ц. Гора, Хрватска и Унгарија), а и преку две членки на ЕУ (Хрватска и Унгарија). Еднаш веќе американски амбасадор пренесе македонски политичар преку граница до хрватска – Љубе Бошкоски. Зошто и сега тоа да не е случај. НО, ако е така, тоа е доказ дека Никола Груевски е во дил со Брисел и Вашингтон. Ако се сеќавате, немаше потерница ниту за Санадер, во моментите кога се движеше од Австрија кон Германија па сакаше да лета за САД, ама Интерпол, државните полиции и полицијата на Хрватска во секој момент знаеа кај е.

Што и да е, односно дали МВР, Оливер Спасовски и Добрила Кацарска биле неспособни, или имало договор како непречено да замине Груевски на чардаш, кажува дека сите ние како публика сме сведоци на општа превара. Превара, ама и завера.

Бидејки, додека ние се занимаваме со рутата на Груевски, без пречки си поминуваат уставните промени за менување на нашето име. Ги заборавивме предавниците Крсто, Љубен, Сашо и Сашо, ја заборавивме економската катасрофа, го заборавивме скапото гориво, непродадените јаболка…

Повеќепати сум пишувал дека масовни апсења (за да се покрие цензусот за Црвенковски 2004-та), чудни случки (тепањето албанци во Гостивар за да помине девалвацијата) и слично, се стара и докажана тактика за подигање димна завеса.

Груевски, односно неговото заминување, е дел од ова сценарио за разнебитување на државата.

Краткотрајната радост и еуфорија дека Грујо ги заебал, сепак треба да се види со вистински очи.

Убеден сум дека тој е главниот виновник за она што сега ни се случува. Немаше мандат од нас да преговара и договара незаконски и противуставно во Пржино. Немаше мандат за “Мајскиот договор“ со Ахмети. Немаше мандат за било каков Прибе или Ван Хојте, немаше мандат за техничка влада со битните министерства да ги даде на комуњарите. Немаше мандат да дозволи несанкцинирано да дивеат и уништуваат шарените.  Негов е изборот (кастингот) на предавниците Сашо Мијалков, Нола Исмаилова, Љубен Арнаудов, Крсте Мукоски, Сашо Василевски, Елизабета Камчевска Милевска, Никола Тодоров, Чедо Саздовски, Амди Бајрам, Владанка Авировиќ, Лиле Поповска, Павле Трајанов и другите. Тој немаше мандат од нас да ја напушти владата и премиерското место. Немаше мандат од нас да ги одложи изборите во април 2016 и летото истата година. Немаше мандат да ги предаде локалните избори 2017-та.

Немаше мандат и немаше право да бара да бидат апсени и прицесуирани патриотите од 27-ми. Зради него лежат Горан Ќосето, Игор Југ, Ченто, Тошта и останатите.

Тој, исто така, нема мандат пред Бога со своето заминување да ги набута во притвор Миле Јанакиевски и Кире Божиновски. Вакви или такви, тие се татковци на мали деца. Вакви или такви, беа редовни на секое судење, и редовни на секое пријавување во суд. Интерсно, за Сашо Мијалков специјалната Катица Јанева изјавува: “Не побаравме притвор за Мијалков бидејки до сега ги почитува мерките и се појавува на суд“! Ако е тоа критериумот за не одредување мерка притвор, тогаш исто такви почитувачи на мерки и појавувачи на суд се и Јанакиевски и Божиновски. Зошто за нив притвор, а за Сашо не.

Кога сме кај притворот, зошто едногодишен нечовечки притвор за Горан, Игор, Ченто? Каде ќе бегаат? Како ќе го повторат делото? На кои сведоци ќе влијаат? Тие ниту го познаваат Орбан, ниту имаат пари во странство, ниту пак НАТО/ЕУ земји ќе ги пропуштат. Ако беше за бегање, Игор Југ прв ќе си побегнешесо хрватска путовница.

Да заклучам. Никола Груевски е во Будим или во Пешта. Сашо Мијалков е во Мериот. Сите останати се или беа во притвор. Нели ви е тоа малку, малкуцка, чудно?!

Никола Груевски беше лидер на партија кој дојде во фаза да стане национален лидер. Нешто како Де Гол за Франција, Вили Брант за Западна Германија. Или сега како Орбан, Путин или Ердоган. Ја имаше таа шанса и ја посра.

Каде, кога и за што се прекрши, останува енигма.

Мене, во нашиот последен раговор ме убедуваше дека треба да се биде прагматичен а не романтичен како мене. Дека и Тодор Александров бил прагматичен!!! Не се согласивме тогаш. Тодор Александров ако бил прагматичен, ќе си го ладел некаде во странство, а не да биде убиен во горите Македонски.

Па така ете, тој прагматично го напушти бродот, јас романтично останав да се борам со единственото оружје што го имам – ЗБОРОТ. А во Македонија е на сцена гонење, процесуирање и судење за искажан збор! Има билборди низ градот каде во кампањата се вели “И зборовите повредуваат“. Во ред е тоа. Но такво нешто доаѓа дури откако ќе биде спроведена кампањата “И делата повредуваат“, па да има слики од Карпалак, Вејце, Саздо, натепнаи во 65-ка, Смилковско, Бриони… Дури откако ќе видиме колку делата, односно ЗЛОДЕЛАТА повредиле, би минале на тоа колку зборот повредува. Лично мислам дека оваа кампања е прагматичен начин за замолкнување на јавноста.

Доколку биле прагматични Гоце Делчев, Веле Марков, Јордан Пиперката, Тодор Александров, Христо Узунов, Чакаларов, Коле Неделковски, Страшо Пинџур, Мирче Ацев, Мирка Гинова – ќе заминале. Но не, тие романтичари го положиле својот живот на олтарот на својот народ и татковина.

Ти Никола онака прагматичар, што ќе положиш? Фиш Паприкаш?

 

Миленко Неделковски

Скопје, Македонија

16.11.2018